• вторник, 26 ноември 2024

Министерот Андоновски на Глобалната Сајбер конференција и Самит на Алијансата Исток – Запад 2024 во Цирих 

Министерот Андоновски на Глобалната Сајбер конференција и Самит на Алијансата Исток – Запад 2024 во Цирих 

Скопје, 26 ноември 2024 (МИА) - Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска ќе учествува на Глобалната Сајбер конференција и Самит на Алијансата Исток – Запад 2024, кој се одржува во Цирих, Швајцарија.

Андоновски, како што соопштија од Министерството, ќе биде еден од клучните говорници на церемонијата на отворање на Самитот, каде ќе одржи говор на тема „Дигитална трансформација и патот до сајбер отпорност“.

Според агендата, на панел-дискусијата „Како да се соработува во сајбер просторот: предизвици и можности“,  министерот Андоновски ќе ги сподели своите видувања на оваа тема.

Учеството на Самитот, министерот Андоновски ќе го искористи и за билатерални средби со колеги министри и претставници на меѓународни организации и компании кои имаат влијание во секторот за дигитална трансформација. Преку овие средби, како што поочуваат од Министерството, ќе се поттикнат дискусии и иницијативи за зајакнување на регионалната и глобалната соработка во сајбер безбедноста и дигиталниот развој.

Глобалната Сајбер конференција и Самит на Алијансата Исток – Запад 2024, претставува платформа за размена на идеи и знаења со фокус на тоа како засегнатите страни можат заеднички да ги надминат предизвиците и да изградат побезбеден дигитален екосистем.

Конференцијата ќе разгледува успешни примери на меѓународна соработка, иновативни пристапи за надминување на јазот меѓу земјите и организациите, и стратегии за зајакнување на меѓусебната доверба. дма/вг/

Фото: Министерство за дигитална трансформација

 

Остани поврзан