• петок, 27 декември 2024

Министерката Петровска во Вејце оддаде почит за загинатите бранители во 2001

Министерката Петровска во Вејце оддаде почит за загинатите бранители во 2001

Тетово, 28 април 2023 (МИА) - Министерката за одбрана Славјанка Петровска, придружувана од претставници на Армија, како и Стојанче Ангелов од партијата Достоинство, денеска беше во тетовското село Вејце за да оддаде почит на местото каде во 2001 година животите ги загубија осум припадници на безбедносните сили.

Беше положено цвеќе на местото Брезовица, каде се случил масакрот врз полицајците и припадниците на Армијата.

- Во знак на заедничко разбирање и меѓусебно почитување, сакајќи на достоинствен начин да им се оддолжиме за нивната пожртвуваност и храброст, поднесов иницијатива за подигање на спомен обележје во чест на загинатите на ова место. Вечна им слава. Во чест и сеќавање на припадниците на македонската армија и полиција кои на ова место близу с. Вејце ги загубија своите животи. Овие настани од минатото не треба и не смее да не разделуваат, напротив тие треба да бидат паметник од минатото, грешките да не се повторат и страдањата да не оживеат, порача министерката Славјанка Петровска.

Стојанче Ангелов потсети дека по настанот го посетил местото, а веќе неколку години доаѓа за да им оддаде почит на загинатите бранители.

- Дваесет и две години подоцна, букети свежо цвеќе и осум запалени свеќи во чест и помен на осумтемина загинати македонски херои, четворица од армиските Волци и четворица од Посебните полициски единици, убиени додека ја бранеа татковината, Република Македонија, на 28 април 2001-та, во крвавата заседа кај село Вејце. Наредниот ден како старешина во посебните полициски единици дојдов тука на самото место и ја затекнав сцената која остана по нивното убивање. Сликите беа ужасни, нешто што не може да се избрише од главата на сите оние припадници на безбедносните сили што бевме овде. Во чест на нашите браќа по оружје, храбри македонски бранители делегација на Достоинство доаѓа овде на овој камен каде палиме свеќа и цвеќе, истакна Стојанче Ангелов. ас/цр

Фото: фејсбук Славјанка Петровска и Стојанче Ангелов

Остани поврзан