• четврток, 26 декември 2024

Министерката Костадиновска – Стојчевска во посета на културно-историските локалитети во Охрид

Министерката Костадиновска – Стојчевска во посета на културно-историските локалитети во Охрид

Охрид, 18 октомври 2023 (МИА) – Министерката за култура, Бисера Костадиновска – Стојчевска, беше во посета на Охрид, при што оствари средби со раководството на охридскиот „Завод и Музеј, Ирена Шајн, а посети и некои од најзначајните културно-историски обележја на градот.

Притоа од страна на министерката е посочено на некои од активностите што се спроведуваат во рамки на Министерството кога станува збор за Охрид, меѓу кои проектот „Дигитализација на документацијата од археолошките истражувања во 2013 год на локалитетот Плаошник, Охрид“.

Таа ги посети и Самуиловата тврдина, една од најголемите средновековни фортификациски градби во Македонија и симбол на градот без кој не може да се замислат неговата урбанистичка физиономија и историја, како и археолошкиот локалитет „Плаошник”.

-Стручните екипи на Охридскиот завод и музеј посветено работат на проектот за конзервација и доистражување на просторот од Самуиловата тврдина/Цитадела со цел ревитализација на целиот простор заради целосна презентација. Овој проект се реализира четврта година по ред, а веруваме дека следната година, Самуиловата тврдина ќе биде целосно подготвена за презентација, со што уште повеќе ќе се подигне квалитетот на културната и на туристичката промоција на Охрид, вели Костадиновска Стојчевска.

Беше посетена и црквата „Света Богородица Болничка“, во Стариот дел од градот Охрид, која датира од XIV век, каде што со поддршка од Министерството за култура како продолжување од минатата година се одвива проектот за конзерваторско-реставраторски работи на живописот на црквата.

-Стручните екипи ме информираа дека последните интервенции врз фрескосликарството биле во 1959-69 година. Античкиот театар е културен бренд на Охрид, а годинава, по две децении од повторното ставање во функција на овој локалитет, Заводот и музеј од Охрид изврши комплетна промена на дрвената конструкција со нова безбедна и функционална за многубројните посетители. При посетата, разговаравме за подобрување на условите за изведба на оваа прекрасна сцена на отворено. Заводот и Музеј од Охрид е една од институциите кои покажуваат дека и во културата се возможни самоодржливоста и обезбедувањето средства од сопствени приходи. Според информациите од оваа национална установа, Самуиловата тврдина од почетокот на годинава имала рекордни 90 000 посетители, Куќата на Робевци над 9000 посетители, а Заливот на коските оваа година има 70 000 продадени влезници. Овие бројки се показател дека културата е ресурс кој придонесува за развој на општеството, потенцира таа.

Меѓу другото, вели, било диксутирано и за актуелните случувања во рамките на УНЕСКО во сферата на заштитата на културното и природното наследство.

Според министерката Стојчевска, Охридскиот регион го задржа престижниот статус во УНЕСКО, но вели дека останува да се работи на препораките на УНЕСКО за негово зачувување.

„За да се постигне успех во тоа, неопходно е секој да го понесе својот дел од обврските – и централната власт и локалната самоуправа и граѓаните. Охрид го заслужува сето тоа“, додава Костадиновска Стојчевска. аб/дма/

Фото: Министерство за култура

 

Остани поврзан