• сабота, 23 ноември 2024

Министерката за финансии задоволна од сработеното во првите 100 дена од Владата

Министерката за финансии задоволна од сработеното во првите 100 дена од Владата

Скопје, 10 октомври 2024 (МИА) - Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочовска е задоволна од сработеното во изминатите 100 дена имајќи предвид во каква состојба го презеле Буџетот. Вели обезбедено е финансирање за сервисирање на сите обврски до крајот на годината и постепено стаблизирање на јавните финансии. 

На денешната прес-конференција на која даде осврт за сработеното во изминатите 100 дена, Димитриеска-Кочовска посочи дека пензиите се зголемени и обезбедени се средства за нивна редовна исплата до крајот на годината, до ребалансот дополнета е ставката за исплата на плати со 4,2 милијарди денари, исплатени се заостаантите плати во Национални шуми и Водостопанство, обезбедени се средства за студентски оброк, за здравствена заштита...

- Станува збор за средства од 20 милјарди денари кои беа потребни и кои со одговорен и посветен пристап ги најдовме со пренамени. Сепак за да може да одговориме на сите предизвици и истовремено да ја поттикнеме и економијата која исто така имаше слаби резултати (само 1,2 проценти раст во првиот квартал), дообезбедиме уште 12 милијарди денари преку проширување на буџетскиот дефицит. Веќе е познато, но сакам да напоменам дека шест милијарди денари се планирани за проекти во општините, со кои ќе решиме исто така проблеми на жителите, а дополнително за истакнување е дека со прекројувањето го задржавме нивото на капитални инвестиции на над 44 милијарди денари, рече Димитриеска-Кочовска.

Во првите 100 дена, според министерката за финансии, обезбедени се и поволни средства за финансирање на проекти за општините и за бизнис секторот преку билатералниот заем со Унгарија што беше потпишан на 8 октомври во Будимпешта. Заемот, како што посочи, е земен со поволни услови од 3, 25 проценти камантна стапка со што по однос на камата ќе се заштедат околу 14 милиони евра годишно и заштеда по основ на трошоци кои изнесуваат 70 илјади евра во споредба со еврообврзницата за која трошоците за издавање би достигнале до еден милион евра.  

Во делот на сртатешките документи, усвоена е Фискалната стратегија и Стратегијата за управување со јавен долг, а Предлог-буџетот за 2025 година е во завршна фаза. Донесени се и Законот за спречување перење пари, Законот за финансирање на ЕЛС, Законот за експропријација, како и Законот за буџети и повеќе подзаконски акти кои се во фаза на подоготовка или во завршна фаза. 

- Како министер и ресорот што го водам покажуваме одговорен пристап во планирањето на буџетските средства, но особено внимание посветуваме на нивната реализација. Парите прибрани од даночните обврзници, од нашите граѓани треба да бидат искористени онаму кадешто ќе дадат најдобар ефект и најважно е нивното трошење да биде согласно законските прописи. Законите мора да важат за сите  и подеднакво и во изминатите  100 дена покажав дека никој не е над законот. Во неколку наврати пријавени се правни лица коишто не го почитувале законот за игри на среќа до надлежните институции, одземени се и дозволи за непочитување на закони на финансиски друштва. Мора да има ред и владеење на правото, само така ќе обезбедиме сигурна почва за делување, за реализација на инвестиции и доверба во институциите, истакна министерката за финансии на прес-конференцијата во Владата. бак/нд/

Фото: Принтскрин

 

Остани поврзан