• сабота, 23 ноември 2024

Минатата недела вкупно 6.867 нови случаи на Ковид-19, смртноста зголемена

Минатата недела вкупно 6.867 нови случаи на Ковид-19, смртноста зголемена
Скопје, 13 април 2021 (МИА) - Во текот на минатата недела регистрирани се 6.867 нови позитивни случаи од 35 градови низ државата со намалување од 13,4 проценти во однос на неделата претходно, покажува извештајот на Институтот за јавно здравје за периодот од 5 до 11 април.
Во овој период пријавени се 276 смртни случаи од 29 градови што е за 6,2 проценти повеќе. Најголем број се над 60 години, односно 238 лица, потоа 27 лица се на возраст од 50 до 59 години, осумина се на возраст од 40-49 години и тројца на возраст од 30 до 39 години.
Од позитивните случаи, најголем дел се од Скопје, но највисока неделна инциденца од 525,2/100.000 е регистрирана во Кавадарци.
Процентот на позитивност се движи од 16,2 до 29,6 проценти или во просек 24,3 проценти, со зголемување за 5 проценти во однос на минатата недела.
Заболени лица се регистрирани во сите возрасни групи. Најзастапени се оние над 60 години, а голем број заболени има и кај возрасната група од 50-59 години. Најмал број е регистриран кај децата до 9 години.
Во текот на минатата недела направени се вкупно 27.329 тестирања во лабораториите низ земјава што е за 4,5 проценти повеќе во однос на неделата претходно.
Со два негативни теста или како оздравени се водат 6.112 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување што е зголемување од 25,7 проценти во споредба со минатата недела.
Според извештајот на ИЈЗ, заклучно со 11 април вакцинирани се 7.011 здравствени работници со една доза и 5.857 со две дози вакцини. Вакцинирани се вкупно и 8.330 граѓани над 77 години и 12.093 лица од критичната популација. бак/нд/

Остани поврзан