• вторник, 24 декември 2024

Минатата година пожарникарите од Виница интервенирале 90 пати, штетата од огнената стихија е над 17 милиони денари

Минатата година пожарникарите од Виница интервенирале 90 пати, штетата од огнената стихија е над 17 милиони денари

Виница, 25 јануари 2024 (МИА) – Територијалната противпожарна единица од Виница во текот на 2023 година имала вкупно 90 интервенции на терен, што е за десетина отсто во споредба со претходниот едногодишен период, а материјалната штета од огнената стихија се проценува на околу 17,2 милиони денари.

Пожарникарите гаснеле 56 пожари на отворен простор, во кои е опожарена земјоделска и шумска површина од над 97 хектари, а 22 интервенции биле при пожари во објекти и на други локации каде имало најсериозни последици.

-Голема материјална штета предизвикаа пожарите во текот на минатата година, при што само во два случаја, кај хотелски објект и во производствен погон има оштетувања од над 15 милиони денари како ориентациона вредност, а што дополнително ќе ја утврдат овластени проценители на штета. Освен овие два објекта, сите останати беа неосигурани. Минатата година имавме и 12 технички интервенции при поплави, извлекување повредени и починато лице во сообраќајни и други незгоди, асистенции за пристап во објекти и слични активности, истакна Виктор Димитров, командир на ТППЕ – Виница.

Причина за скоро сите пожари на отворен простор бил човечкиот фактор, а во десет случаи до запалување дошло поради краток спој на електричната инсталација во објекти, како и по опожарување на оџаци.

Професионалната противпожарна единица од Виница во текот на минатата година реализирала десетина превентивни активности за заштита од пожари, во најголем дел предавања во училиштата и фирмите, како и заеднички практични вежби во стопанските субјекти.

Освен при интервенции на територијата на општината, виничките пожарникари во текот на минатата година во три случаи со опрема и кадар им помагале и на своите колеги од Кочани. та/дма/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан