• недела, 24 ноември 2024

Милчо Манчевски претседател на Жирито на „Софија филм фест“

Милчо Манчевски претседател на Жирито на „Софија филм фест“

Софија, 16 март 2023 (МИА) - Македонскиот режисер Милчо Манчевски ќе претседава со Жирито на филмскиот фестивал „Софија филм фест“ (СФФ), што почнува вечерва со проекција на филмот „Господар на шумите“ на Фолкер Шлондорф во софискиот „Национален дворец на културата“ (НДК).

Покрај Манчевски, членови на Жирито на СФФ, што ќе трае до 31 март, се и режисерите Агњешка Смочинска од Полска, Беата Парканова од Чешка и Александра Кошеф од САД, како и бугарскиот актер Владимир Пенев.

Жирито ќе треба да го избере добитникот на Главната на награда на Фестивалот помеѓу 12 номинирани филмови. Покрај оваа, ќе бидат доделени и награди за Најдобар балкански филм,  за документарен филм, за бугарски краткометражен филм, како и Награда за најдобар филм на младински теми.

Главно мото на овогодишното издание на СФФ е „зелената идеја“ за справување со климатските промени и заложбите за зголемување на „белите дробови“ на планетата Земја.

СФФ ќе има свои изданија и во Пловдив во периодот од 17 март до 2 април, во Варна од 24 март до 2 април, како и во Бургас ќе биде од 30 март до 7 април. сп/са/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан