• четврток, 28 ноември 2024

Милошоски: Очекувам нов кандидат за амбасадор во Франција наместо Виктор Димовски

Милошоски: Очекувам нов кандидат за амбасадор во Франција наместо Виктор Димовски

Скопје, 2 март 2023 (МИА) - Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и претседател на собраниската Комисија за надворешна политика Антонио Милошоски не очекува поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, кој е кандидат за амбасадор во Франција, да остане предлог на власта и на претседателот Стево Пендаровски за иден амбасадор во оваа земја членка на ЕУ. 

- Ние како Комисија за надворешна политика закажавме седница која е, да кажам на одредена пауза, и на која што седница свое излагање требаше да има и кандидатот за амбасадор Виктор Димовски за Париз, Француската Република. Но, чекавме сигнал од Владата и од министерот за надворешни работи и од претседателот, дали по скандалот е останат на своето убедување и одлука дека тој треба да биде амбасадор во Франција. Тоа што го имаме како информација, неофицијално од МНР, е дека претседателот Пендаровски и министерот за надворешни работи веќе се усогласиле Виктор Димовски да не биде амбасадор на Македонија во Париз. Но, дали имаат донесено одлука кој треба да биде следен амбасадор, за тоа немаме информации иако мое лично мислење е дека во самото МНР има доби кандидати кои што би можеле да бидат сериозни амбасадори на Македонија во Париз, изјави Милошоски во одговор на новинарско прашање.

Тој самиот очекува дека како кандидат би требало да биде предложен кариерен дипломат од МНР.

Прашан во однос на мошне бавното пополнување на испразнетите амбасадорски места во за нас клучни политички центри, Милошоски оцени дека тоа се должи на, како што вели, „немањето капацитет кај власта, односно на проблеми во коалицијата“. 

- Мислам дека две места, веќе ги набројав како важни дипломатски места – Вашингтон, како дипломатска дестинација која што 4,5 години не беше пополнета и во моментов Пекинг, која што три и пол години не е пополнета, покажуваат дека власта нема капацитет, има внатрешни меѓукоалициски проблеми по однос на делегирањето на амбасадори. Собранието не е проблем за хендикепот кој што го имаат МНР, Владата и претседателот, рече Милошоски, по денешната седница на Комисијата на која тезите за дипломатската активност ги бранеа новите амбасадори на земјава во Шпанија и Словенија, Едмонд Адеми и Горан Милевски.

Заминување на Виктор Димовски за амбасадор во Франција е доведено во прашање по случајот со доделувањето на македонско државјанство на контроверзниот украински бизнисмен Олександр Онишченко, по добиено позитивно мислење од страна на АНБ, во период кога нејзин директор беше Димовски. вг/сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан