• четврток, 26 декември 2024

Милков најави дека Пендиков ќе добие живеалиште во Бугарија и бугарско државјанство во најкус можен рок

Милков најави дека Пендиков ќе добие живеалиште во Бугарија и бугарско државјанство во најкус можен рок

Скопје, 7 февруари 2023 (МИА) - Техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија Николај Милков денеска на прес-конференција соопшти дека секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков, кој со бугарски владин авион беше пренесен во Бугарија по инцидентот во Охрид при кој се здоби со повреди, во најбрз можен рок ќе добие бугарско државјанство, јави БНТ.

Пендиков, кој вчера беше отпуштен од Воено медицинската академија во Софија, како што кажа Милков, ќе добие и времено живеалиште, додека престојува во Бугарија. Тој, според Милков, „се плаши за својот живот“ ако се врати во земјава и затоа се размислува и опцијата да му се даде и лично обезбедување.

Милков, како што пренесе БНТ, оценил дека „и покрај напорите да бидат одмрзнати односите меѓу Северна Македонија и Бугарија, засега нема успех“.

- Обидите за надградување и за смирување на односите меѓу Бугарија и Северна Македонија всушност беа минирани од конкретни дејствија на властите во Скопје. Тоа се разбира, одбележува една нова уште пониска точка во нашите односи, изјавил Милков.

Вчера Пендиков во претседателската резиденција беше примен од бугарскиот претседател Румен Радев, кој порача дека бугарската држава „нема да трпи насилство врз Бугарите во Република Северна Македонија и врз своите државјани и ќе ги искористи сите национални и меѓународни инструменти за заштита на нивните права“. нд/сп/

 

Остани поврзан