• недела, 28 јули 2024

Миленковски промовиран во нов селектор на македонските одбојкари

Миленковски промовиран во нов селектор на македонските одбојкари

Скопје, 4 мај 2023 (МИА) - Во пресрет на настапите на македонската репрезентација во Европската златна лига, Одбојкарската федерација на Македонија денес го промовира старо-новиот селектор Јошко Миленковски.

 

На прес-конференцијата во Скопје, повратникот на селекторската функција ги кажа амбициите и за плановите во претстојниот период.

 

- По 15 години се враќам на селекторската позиција, откако имав долго време разговори со раководство на федерацијата. Мојата цел е да го продолжам рејтингот кој Македонија го градеше изминативе години. Првата цел е да го поминеме ова лето со колку што може подобри резултати, а за понатаму идејата е да работиме на создавање и едукација на тренери, создавање школа на одбојка и создавање нова генерација одбојкари.

 

За резултатите и очекувањата ќе зборуваме кога ќе заврши Европската лига и кога ќе направиме анализа. Натпреварите во ова натпреварување ќе ни бидат еден вид подготовка за Европското првенство на кое ние сме ко-домаќини, рече Миленковски.

 

Миленковски нема потпишано договор со Одбојкарската федерација на Македонија, туку соработката се заснова на меѓусебна доверба. Во стручниот штаб на Миленковски ќе бидат помошниците Хари Наковски, Атанас Милев и Хабил Ајети.

 

На списокот на македонскиот селектор за почетокот на подготовките за настапите во Европската златна лига се наоѓаат:
техничари: Филип Деспотовски, Ѓорѓи Ѓорѓиев, Ефтим Ричлиев, Давид Стојанов

коректори: Никола Ѓорѓиев, Стојче Арсов, Стефан Алексов

примачи: Владо Милев, Александар Љафтов, Лука Костиќ, Стојан Илиев, Ангел Бошков

средни блокери: Филип Маџунков, Филип Савовски, Филип Лепидовски, Славе Наков, Иван Андонов,

либеро: Дарко Ангеловски, Васе Михаилов, Костадин Ричлиев.

 

Противници на „црвено-жолтите“ во групата ќе бидат Украина, Белгија и Хрватска. Натпреварите почнуваат на 27 мај. зс/

Остани поврзан