• четврток, 26 декември 2024

Милевски: Претстојните натпревари се можност да го видиме потенцијалот со кој располагаме

Милевски: Претстојните натпревари се можност да го видиме потенцијалот со кој располагаме
Скопје, 26 мај 2022 (МИА) - Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски, од претстојните натпревари во Лигата на нации очекува помладите фудбалери кои ќе добијат шанса за настап да ги покажат своите квалитети. - Ќе ги искористиме овие натпревари да дадеме шанса буквално на сите и да имаме увид со што располагаме за она што ни следи во иднина. Се среќаваме со противници со изедначен квалитет, тука мислам и на Гибралтар кој во никој случај не смее да се потцени, рече Милевски на денешната прес-конференција. Тој во првите четири кола од четвртата група Ц-сегмент во Лигата на нации нема да може да смета на повеќе репрезентативци, меѓу кои и стандардниот Аријан Адеми, додека капитенот Стефан Ристовски неизвесно е колку средби ќе пропушти. - Принудени сме да правиме ротации, но ова е можност на вакви натпревари да го видиме вистинскиот потенцијал. Најзадоволен ќе бидам ако сите кои ќе излезат на терен ја оправдаат нашата доверба. Се надевам дека повиканите фудбалери ќе бидат доволни да го заокружиме овој циклус, посочи Милевски. Селекторот најави игра на победа на сите четири натпревари, а отсутниот поради повреда Ристовски, во улогата на капитен ќе го замени Енис Барди. Македонските фудбалери циклусот во Лигата на нации ќе го почнат против Бугарија на 2 јуни, потоа следува гостувањето кај Гибралтар (5 јуни), а двата домашни натпревара се со Грузија (9 јуни) и Гибралтар (12 јуни). зс/

Остани поврзан