• среда, 25 декември 2024

Милевски: Инсистираме да се отворат листите, во Советите ќе ставиме квалитетни луѓе

Милевски: Инсистираме да се отворат листите, во Советите ќе ставиме квалитетни луѓе
Скопје, 22 јануари 2021 (МИА) - Како Министерство ние строго инсистираме да се отворат листите. Не само што ќе ја демократизираме локалната политичката сцена, туку во локалните совети ќе ставиме луѓе кои пред се ќе им одговараат на граѓаните, а не на политичките партии. И ќе ставиме квалитетни луѓе, кои ќе си ја работат работата, а нема да одат за паушалот, туку ќе одат луѓе кои имаат авторитет во средината во која живеат и ќе се борат за правата на една група, како невладин сектор, женски организации, лица со посебни потреби, пензионерски здруженија, еколошки здруженија...Ова вечерва го изјави министерот за локална самоуправа Горан Милевски во „Еуро фокус“ на ТВ Телма. -Тоа е добивката од која ние не смееме да избегаме, нагласи Милевски. Изрази жалење што опозицијата, како што рече, ова го условува со еден круг избори за градоначалник, што за мене е дискутабилно. Смета дека опозицијата не сака демократизација. Според него, Советите станаа место за згрижување за невработени партиски кадри, кои земале од 15.000 до 20.000 денари. Нагласи дека загрижува тоа што во некои општини и совети незаконски делеле дополнителни хонорари, а тоа не е санкционирано. Министерот Милевски појасни дека ако не се донесе некоја одлука во февруари или март годинава, тогаш тоа ќе биде беспредметно да се направи понатаму. - Влегуваме во период каде требаат и законски измени и треба на граѓаните да им се објасни целокупната постапка, бидејќи тоа ќе биде нов модел на гласање. Треба доволен период и политичките партии да се прилагодат на новите услови, но и граѓаните да имаат добра едукација во периодот што следи како всушност ќе се галаса за нови листи за советници. Тоа не се прави еден месец пред изборната кампања, изјави Милевски. мд/вј/  

Остани поврзан