• четврток, 26 декември 2024

Милатовиќ: Црна Гора клучен играч во проширувањето на ЕУ до 2028 година

Милатовиќ: Црна Гора клучен играч во проширувањето на ЕУ до 2028 година

Виена, 2 септември 2024 (МИА) - Црна Гора е најмалата од шесте држави на Западниот Балкан кои сакаат да се приклучат на Европската Унија. Со нешто повеќе од 600.000 жители и површина од 13.800 квадратни километри, таа достигнува големина на Луксембург - релативно најбогатата член на Унијата. Сепак, Црна Гора може да одигра клучна улога во наредните пет години од мандатот на новата комисија на ЕУ и да даде нов поттик на проширувањето на Унијата. Во тоа е убеден црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, пренесува Вијести.

Во изјава дадена денеска за виенски „Стандард“, на маргините на форумот за стратешки перспективи на проширувањето што се одржува во австрискиот град Алпбах, тој рече дека верува дека неговата земја може да стане членка на ЕУ во 2028 година. За тоа добил и конкретни сигнали од Брисел и владите на ЕУ престолнините.

За разлика од останатите пет кандидати на Западниот Балкан, сите 35 преговарачки поглавја на Црна Гора со Комисијата се веќе отворени, а три се веќе затворени.

Владата на Црна Гора би можела да постигне дополнителен конкретен напредок оваа година. Причината за својот оптимизам претседателот на Црна Гора ја гледа во фактот што во Брисел во политиката на проширување донекаде се промени расположението, кое со години беше практично парализирано, наведува Стандард.

- Воената агресија во Украина и можноста Русија, но и Кина, да стекнат се поголемо влијание во Источна Европа и на Балканот, ја заострија свесноста на многу држави во ЕУ за потребата стратешки да го врзат овој регион за себе, потенцираше австриската министерка за Европа, Каролине Едтштадлер (ÖVP). Според неа, проширувањето, за кое Австрија отсекогаш се залага, беше запрено поради Брегзит, пандемијата, војната и други кризи. Но сега полека станува јасно дека ЕУ нема засекогаш да дава само утешни извештаи на земјите кои сакаат да се приклучат. И станува јасно дека се потребни сигнали дека земјите кои навистина сакаат да влезат во ЕУ, и припаѓаат на Европа.

Токму на тоа смета Милатовиќ. Поминаа единаесет години откако Хрватска, како последна, стана членка на ЕУ. Сепак, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Косово веќе долго време не успеваат во оваа намера, делумно поради свои реформски неуспеси, делумно поради самата ЕУ. Покрај тоа, постојат многу земји во рамките на ЕУ - особено Франција - кои се скептични во однос на понатамошниот прием на членови се додека самата Унија не биде подготвена за проширување и да ги прилагоди своите структури на одлучување.

Но, без да се преземе ништо, како што се согласија учесниците на неколку форуми во Алпбах, ЕУ нема да постигне никаков напредок и ќе заврши во дефанзива. Затоа, Црна Гора би можела да послужи како ледокршач и брзо да се приклучи, ако е можно веќе во мандатот на новата комисија до 2029 година. Ново-старата претседателка на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, го вклучи напредокот во овој проект во својата програма. Приемот на Црна Гора би можел да се реализира и без внатрешни реформи на ЕУ. Таква мала земја тешко дека би го нарушила постојниот поредок на ЕУ, пренесува Виејсти.

Ситуацијата е сосема поинаква со останатите земји кандидати, кои се далеку од исполнување на критериумите за „полноправно членство“, главно поради недостатоци во владеењето на правото, корупцијата или лошата администрација. Едтштадлер верува дека (по Црна Гора) Албанија може да биде следниот кандидат кој ќе се приближи кон членство во ЕУ. Но, таа е убедена дека нешто во оваа насока мора да се направи до 2029 година и сака да се бори за оваа цел.

Молдавската вицепремиерка за европски интеграции, Кристина Герасимов, во Алпбах истакна дека е важна јасната перспектива за пристапување кон ЕУ за соседните земји и земјите кандидати за ЕУ кои се стремат кон слобода и демократија. Луѓето мора да веруваат дека нивните напори и реформи вредат, рече таа. Од ескалацијата на војната во Украина во февруари 2022 година, појасно е од кога било дека „ги споделуваме истите вредности и дека припаѓаме на Европа“. ссм/

фото: архива

Остани поврзан