Милатовиќ: Три затворени поглавја e важен момент за Црна Гора
- Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ го поздрави затворањето на три поглавја на европскиот пат на Црна Гора, оценувајќи дека ова е важен момент за земјата, но во исто време ја критикуваше Владата што не го затворила четвртото поглавје, поради, како што наведе, недоволната посветеност на Владата на агендата на ЕУ и нарушувањето на односите со Хрватска.
Подгорица, 17 декември 2024 (МИА) – Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ го поздрави затворањето на три поглавја на европскиот пат на Црна Гора, оценувајќи дека ова е важен момент за земјата, но во исто време ја критикуваше Владата што не го затворила четвртото поглавје, поради, како што наведе, недоволната посветеност на Владата на агендата на ЕУ и нарушувањето на односите со Хрватска.
- Ова е важен момент за Црна Гора. Затворени се три поглавја од преговорите, што е сигнал за посветеноста на Европската унија кон Црна Гора на нашиот пат кон полноправно членство, напиша Милатовиќ на Х.
Тој им се заблагодари на сите кои работеа на исполнување на обврските со цел затворање на поглавјата 7, 10 и 20, пред се на членовите на преговарачката структура, без чие стручно знаење овој резултат немаше да биде возможен.
Во Брисел вчера се одржа 17-от состанок на Меѓувладината пристапна конференција ЕУ-Црна Гора на кој привремено беа затворени три преговарачки поглавја. Се работи за поглавјата 7 – „Право на интелектуална сопственост“, 10 – „Информатичко општество и медиуми“ и 20 – „Претпријатија и индустриска политика“.
Црна Гора досега привремено затвори три преговарачки поглавја, додека во исто време преговара по 33 поглавја во преговорите за членство во ЕУ. јт/