• недела, 24 ноември 2024

Милатовиќ: Имаме нова динамика во приближувањето на Западниот Балкан кон ЕУ

Милатовиќ: Имаме нова динамика во приближувањето на Западниот Балкан кон ЕУ

Брисел, 18 јули 2023 (МИА) - Процесот на пристапување во ЕУ стана премногу технички и се загуби неговото политичко значење, но руската инвазија врз Украина беше знак за будење во Брисел, што доведе приближувањето на балканскиот регион кон Унијата во последниве две години да добие нова динамика, при што Босна и Херцеговина се стекна со кандидатски статус, Северна Македонија и Албанија го почнааа преговарачкиот процес, а Косово доби визна либерализација, изјави денеска црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ во обраќањето пред членовите на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ).

Милатовиќ потсети дека Црна Гора доби кандидатски статус во 2010 година, а во 2012 година ги почна преговорите за членство, но тоа што се уште не стана членка на Унијата, според него, е доказ дека кај претходната власт во земјата немало политичка волја за пристапување во ЕУ.

Според него, сега првпат во својата историја Црна Гора има демократска власт, бидејќи од самото формирање таа постојано била под власт на режими, но конечно станала демократска земја во 2020 година со смената на Владата.

- Првпат во нашата историја, во 2020 имаше демократска смена на власта. Црна Гора тогаш го почуствува она што остатантите земји од Источна Европа го искусија во 90-години на минатиот век, истакна Милановиќ, нагласувајќи дека со неговиот избор за претседател, Црна Гора отвора нова врата во својот демократски развој.

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, Милатовиќ потенцира дека имам визија за изградба на нова Црна Гора како членка на ЕУ, која би го завршила преговарачкиот процес за членство во следните четири до пет години.

- Црна Гора е најмала меѓу кандидатите за членство, го користи еврто и нема отворени прашања со соседите. Можеме да бидеме пример за успешна приказна и светло на крајот на тунелот во регионот. Сега по демократските промени, на Црна Гора и потребен е нов ветер во грбот од Брисел, рече Милатовиќ.

Милатовиќ додаде дека Црна Гора сега има нови политички лидери кои не се корумпирани и се со јасна европска ориентација и сакаат земјата да стане дел од ЕУ, за кое членство има и голема поддршка во јавноста.

- Процесот на демократизација нема да оди лесно. Тоа е процес со подеми и падови, но во последниве години има позитивен тренд, рече Милатовиќ.

Тој истакна дека покрај демократизацијата на земјата и приближувањето кон ЕУ, ќе работи и на економски развој на Црна Гора и на трансформација кон реална пазарна економија.

Милатовиќ потсети дека пред 30 години БДП во Црна Гора бил на ниво од 70 проценти од просекот на ЕУ, а пред ковид-кризата паднал на 45 отсто како резулатат на нессодветната искористеност на потенцијалите на земјата.

- Да ја забрзаме економската конвергенција, заедно со демократската конвергенција, потенцира црногорскиот претседател.

Тој истакна дека како претседател ќе работи на компромис со сите структури во црногорското општетсво, најавувајќи дека следната недела ќе се конституира новоизбраното Собрание, по што ќе почне постапката за избор на влада.

- Се надевам дека ќе добиеме прореформска и продемократска влада и ќе станеме членка на ЕУ во 2027-28 година, пред новата буџетска рамка, што е реална цел, рече Милатовиќ.

Во однос на „Отворен Балкан“, Милатовиќ истакна дека како што најави и во својот инаугуративен говор, негов приоритет ќе биде „Берлинскиот процес“ и покрај застојот во него во последниве години. Тој додаде дека „Отворен Балкан“ е добар за забрзување на „Берлинскиот процес“ и за надминување на некои празнини што тој ги има, но дека сепак, според него, „Берлинскиот процес“ е најдобрата рамка за регионална соработка меѓу шесте земји од Западниот Балкан.

Во воведното обраќање на заседанието, претседателот на АФЕТ, Дејвид Мекалистер изјави дека големите политички тензии и поларизација ја втурнаа Црна Гора во длабока политичка и институционална криза минатата година и го закочија напредокот на земјата на нејзиниот европски пат.

Мекалистер нагласи дека Црна Гора може да се надева на поддршката на Комитетот, потсетивајќи дека известувачот на Европскиот парламент за земјата, хравтскиот европратеник Тонито Пицула веќе работи на подготвка на новиот извештај за напредокот на Подгорица. сп/

Фото: Скриншот

Остани поврзан