Милановиќ: Ќе се борам за Хрватска со став
Загреб, 29 декември 2024 (МИА) - Актуелниот претседател и претседателски кандидат на опозициската Социјалдемократска партија (СДП), Зоран Милановиќ, синоќа во Загреб изјави дека ќе се бори за Хрватска со став што ќе ги земе предвид неговите интереси.
„Ќе се борам за владеење на правото, против узурпација и насилство од страна на властите врз човековата природа, имотот и човечкото достоинство. Во Хрватска во последните години имаше премногу такво насилство. Секој што мисли така и проближно, ќе биде мој пријател, а јас ќе се потрудам никој да не ми биде непријател“.
Според нецелосните изборни резултати врз основа на обработени 99,88 отсто од избирачките места, Милановиќ освои 49,10 отсто од гласовите, што е недоволно за победа во првиот круг, за што му беше потребна поддршка од најмалку 50 отсто од гласовите.
Во вториот круг од изборите, на 12 јануари, тој ќе се соочи со кандидатот на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ), Драган Приморац, кој се најде на второто место со 19,35 отсто од гласовите.
Кандидатот на ХДЗ, Драган Приморац, на своите приврзаници во изборниот штаб во Загреб им порача дека граѓаните испратиле порака дека сакаат промени и дека големата разлика во бројот на гласови е „предизвик“ за него. зш/