• вторник, 12 ноември 2024

Милановиќ: Еднократната помош за пензионерите е знак за лошата состојба во општеството

Милановиќ: Еднократната помош за пензионерите е знак за лошата состојба во општеството

Загреб, 17 септември 2024 (МИА)  - Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска изјави дека не го гледа како некаков охрабрувачки знак фактот што повеќе од 60 отсто од хрватските пензионери добиле еднократна помош, туку како знак за лошата состојба во општеството.

„Ме растажува фактот што повеќе од 60 проценти од пензионерите мора да добијат еднократна помош бидејќи тоа само значи дека повеќето од нив живеат во сиромаштија. Луѓето не можат така да живеат, од повремената милостина на Владата, тоа е неодржливо“, порача Милановиќ на својата официјална Фејсбук страница.

Тоа, посочува хрватскиот претседатеч, е поразително за хрватската држава, за која денешните пензионери работеле цел живот.

„Затоа повторувам дека упорно и гласно ќе зборувам за оваа неправда додека не се исправи“, изјави Милановиќ.

Есенскиот пакет мерки на хрватската Влада предвидува финансиска помош за околу 760.000 пензионери, во износ од 76,5 милиони евра.

Право на оваа помош имаат пензионерите чии вкупни месечни примања за септември оваа година не надминуваат 840 евра. Еднократната исплата се движи од 60 евра до 160 евра, а во зависност од висината на приходите, пензионерите се поделени во четири категории: оние со приходи до 350 евра, од 350 до 500 евра, од 500 до 650 евра и оние чии приходи се 650 до 840 евра. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан