• четврток, 26 декември 2024

МИА - 23 години работа во интерес на информирањето и јавноста

МИА - 23 години работа во интерес на информирањето и јавноста
Скопје, 30 септември 2021 (МИА) – Првата вест МИА ја емитуваше на 30 септември 1998 година, со што почна редовната продукција на информации за медиумите и граѓаните на Република Македонија, во прво време со фотографии и текст, а денес и со видеопреноси во живо, целосен мултимедиумски израз и присутност на социјалните медиуми. МИА е јавен информативен сервис, основан од Собранието на Република Македонија во февруари 1992 година. МИА својата работа ја почна со дваесетина новинари, а денес има 102 ангажирани лица, новинари, дописници, сниматели, фоторепортери, стручни служби и логистика, хонорарни соработници од државава и од странство. МИА има дневна продукција од околу 400 вести и други медиумски продукти на македонски, англиски и на албански јазик. Во изминатите четири години новина е видеосервисот, како и преносите во живо, кои дадоа сериозен придонес, како за изворно информирање на граѓаните кои сакаа во живо да ги следат настаните така и на новинарските екипи од мас-медиумите, кои поради пандемијата на Ковид-19 и здравствените протоколи беа спречени да бидат на местото на настанот. МИА произведува и специјални тематски потсервиси, клипинг за меѓународни институции, дневни и неделни пакет-информации, флеш вести, дневни информации, видео- и фотосервис, има соработка со над 50 регионални и светски агенции, дневна дистрибуција на медиумски продукти на МИА сервиси до домашни, европски и светски институции. Согласно мултимедиумската функционалност, МИА своите информации, дневните настани, авторските текстови - интервјуа, теми, стории и анализи и преноси во живо ги објавува на својата интернет-страница и јутјуб-каналот на МИА, како и преку директно емитување на видеа на нејзината веб-страница и профилот на Фејсбук, Инстаграм и на Твитер. Претплатници на МИА се сите релеванти и влијателни ТВ-куќи, електронските и печатените медиуми во земјава, македонските амбасади во странство, странски дипломатски и други претставништва и мисии во Северна Македонија, како и медиуми на наши иселеници во странство. МИА има потпишано договори за размена на вести и медиумски продукти со сите државни агенции во регионот, како и со повеќе приватни агенции од соседството. МИА, исто така, е и дел на информативните пулови на: Дојче веле (Германија), Слободна Европа, Гласот на Америка, СТА (Словенија), ХИНА (Хрватска), БТА (Бугарија), АНА-МПА (Грција), АТА (Албанија), АНАДОЛИЈА (Турција), АПА (Австрија), ЕФЕ (Шпанија) МИНА (Црна Гора), ФЕНА и СРНА (БиХ), АГЕРПРЕС (Романија), ТАНЈУГ (Србија),ФОНЕТ (Србија), БГНЕС ( Бугарија), УКРИНФОРМ (Украина), соработува и со големите новински агенции – Европската фотоагенција ЕПА, германската ДПА, британскиот јавен сервис Би-би-си, кинеската XСИНХУА, руската ТАСС, корејската ЈОНХАП... Во интерес на медиумската писменост МИА ја стартуваше и својата Агенциска школа за новинарство преку која го дава својот придонес за медиумска писменост и обуки за помлади новинари од другите медиуми, како и студенти од факултетите кои сакаат да влезат во новинарската професија. Школата стартуваше на 26 февруари минатата година и тогаш околу 30 искусни новинари од Агенцијата и други медиуми, новинари почетници, но и студенти по новинарство се обучуваа за покривање теми поврзани со Европската Унија, политиките на ЕУ, процесот на преговори на земја кандидат. - Ова е можност за сите кои сакаат да се занимаваат со новинарство да добијат подлабок увид во она што значи ЕУ, искусните новинари, почетниците, но и студентите по новинарство да се обучат стручно да ги покриваат темите поврзани со Унијата, изјави тогаш пред присутните директорот и главен и одговорен уредник на МИА, Драган Антоновски. Агенциската школа привремено ја прекина својата работа поради пандемијата на Ковид-19, а ја обнови годинава со обука за новинари за заштита на лични податоци, со посебен фокус на новиот Закон за заштита на личните податоци, во соработка со Агенцијата за заштита на личните податоци (АЗЛП). МИА е дел од проектот кој ќе старува во 2022 година во соработка со АФП и ДПА за отворање европска редакција во Брисел. МИА и БТА промовираа и нов начин на заедничка соработка, во интерес на информирањето на граѓание на Бугарија и Северна Македонија, со размена на авторски текстови на двете агенции кои се објавуваат без редакциски интервенции, а таа заложба се промовираше и на последната регионална средба на балканските агенции.

МИА е членка на АБНА - Асоцијацијата на новинските агенции на земјите од Југоисточна Европа и на Црноморската асоцијација на национални новински агенции – БСAННA.

Во текот на изминатите 23 години, МИА како најпедантен хроничар на македонските, регионалните и светските случувања и собитија поседува обемна сопствена база на податоци, информации, фото- и видеозаписи, кои се користат и од научната јавност и меѓународни институции за своите анализи и трудови. Во време на загадениот медиумски простор од лажните вести МИА со своето искуство и професионалност, останува на својата цврста определба да работи во интерес на јавноста со навремени, проверени и точни информации.  

Остани поврзан