
28 февруари 2025
Скопје - Во 2024 година, вкупните директни инвестиции во земјата изнесуваат 1 милијарда и 255 милиони евра, а растот во последниот 4ти квартал на минатата година е цели 400 милиони евра што за Македонија и регионот е најдобар економски резултат, објави премиерот Христијан Мицкоски на Фејсбук. Со тоа, како што наведува, Македонија го достигна историски највисокото ниво на странски директни инвестиции.
Скопје - Предлогот за разрешување на републичкиот обвинител Љупчо Коцевски сè уште не е пристигнат во Советот на јавни обвинители, информираше претседателката на советот, Душица Димитриевска.
Во изјава за медиуми по денешната седница таа не даде одговор на можните процедури по добивањето на предлогот.
Скопје - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, имаше средба со европратениците кои учествуваат на 23 состанок на Мешовитиот парламентарен комитет Северна Македонија – Европска Унија, соопшти собраниската прес-служба.
Делегацијата, предводена од хрватскиот европратеник Карло Реслер, копретседавач на заедничкиот комитет е составена од 13 пратеници од речиси сите политички партии застапени во Европскиот парламент, вклучувајќи го и Томас Вајц, известител за Република Северна Македонија во Европскиот парламент. На состанокот присуствуваше и Михалис Рокас, амбасадор и шеф на Делегацијата на ЕУ во земјата.
Скопје - Медиумите и граѓанските организации имаат голема улога во демократските процеси и во промовирање на демократските вредности. Потребна е политичка рамка, која ќе ги заштитува новинарите врз основа на европски закон. Ова би можело да биде гаранција за постоење на слобода на говорот. Слобода на говорот и слобода на медиумите е предизвик со кој се соочуваат дури и земјите членки на ЕУ, и ние сите мора да се фокусираме да работиме на ова поле, порачаа денеска говорниците за време на втората работна сесија на 23. Мешовит парламентарен комитет ЕУ - Северна Македонија, што се одржа во Собранието.
Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска остварил работна средба со амбасадорот на Република Бугарија, Жељаско Радуков, соопштија од МВР.
На средбата се разговарало за плановите и начините за продлабочување на полициската соработка преку склучување на Акциски план или програма за соработка помеѓу двете министерства. Во планот, се додава во соопштението, ќе се ревидираат планираните и веќе започнатите активности и се планира отпочнување на нови.
Скопје - Советот на јавни обинители на Република Северна Македонија одлучи да ја разгледа молбата на обвинителката Наташа Крстевска Цалева за ослободување од задачата во Вишото јавно обвинителство во полн состав, откако на денешната седница не беа присутни членовите Кети Петкова и Елена Догазанска Колева.
Крстевска Цалева беше назначена за шефица на Вишото јавно обвинителство Скопје додека трае оддалечувањето на вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи. Предлогот за нејзиното назначување беше изнесен од републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцески.
Скопје - Полициски службеници синоќа во Скопје, на подрачјето на општина Аеродром, привеле 17-годишник од Скопје, затоа што при извршен преглед кај него биле пронајдени и одземени околу 200 полиетиленски кесички со марихуана, соопшти МВР.
Известен бил јавен обвинител за малолетници, по чија насока малолетникот бил задржан во полициска станица.
Скопје - Просечната каматна стапка на вкупните депозити во јануари изнесувала 2,18 проценти и бележи годишен раст од 0,46 процентни поени. Кај вкупните кредити се бележи годишен пад од 0,34 процентни поени. Тие во јануари изнесувале 5,21 процент.
Скопје – Исплатата на платите од почетокот на годинава оди вообичаено и нема некое отстапување во генералните тенденции колкава е навременоста на поднесувањето на пресметките за плата и навремената исплата на бруто платата, како и колкава е тенденцијата на задоцнетата исплата на бруто плата, посочи директорката на Управата за јавни приходи (УЈП0 Елена Петрова на средбата со новинарите.
Оцени дека во првите два месеци од годинава има нешто подобра наплата кај сите даноци во споредба со истиот период од 2024 година, а особено кај данокот на личен доход за кој главна компонента е данокот на плати што се плаќа при исплата на плати.
Скопје – Исплатата на парите од услугата МојДДВ и за поврат на ДДВ за компаниите тече континуирано, порача денска директорката на Управата а јавни приходи (УЈП) Елена Петрова.
Нагласи дека прво треба да заврши обработката на кварталните даночните пријави кои се поднесени до 25 јануари по што почнува исплатата на средствата од МојДДВ.
Скопје – Оставка од министерката за финансии Гордана Димитриоска Кочоска побараа од СДСМ поради изречени навреди кон пратеничката Славјанка Петровска на вчерашната седница на Собраниетo.
На прес-конференцијата пред Министертсвото за финансии, пратеничката Јованка Тренчевска истакна дека искажаните зборови од министерката не биле навреда само кон Петровска, туку кон секоја жена и човек што некогаш бил дискриминиран, омаловажен или повреден.
Скопје - Регионална конференција „Заедно водиме: Младите се сила на Балканот“, се одржува денеска на Природно- математичкиот факултет во Скопје. Станува збор за конференција што е организирана заедно со три партнери од Албанија, Косово и Србија, поддржана од Фондот за Западен Балкан.
Хаг - Најмалку 25 лица се уапсени поради онлајн дистрибуција на детска порнографија генерирана од вештачка интелигенција, во една од првите меѓународни операции од ваков вид, соопшти денеска Европол.
„Операцијата „Кумберленд“ беше еден од првите случаи со содржина на детска порнографија генерирана од вештачка интелигенција, што ја отежнува задачата на истражителите поради недостигот на национално законодавство за овие злосторства“, се вели во соопштението на полициската агенција на ЕУ со седиште во Хаг.
Атина – Илјадници граѓани уште од рано утрово ги исполнија улиците во центарот на Атина, како и плоштадот Синтагма за да испратат порака дека не ги забораваат жртвите во железничката несреќа кај Темпи пред две години, но и да го повторат нивното барање за правда, јави дописничката на МИА од Атина.
Иако протестот беше закажан за 11 часот по локално време, час и половина пред официјалниот почеток, плоштадот пред грчкиот Парламент беше веќе полн со граѓани на сите возрасти, млади, студенти, пензионери, семејства со деца.
Брисел - Со гласањето на седницата на Комисијата за наркотични дроги на ОН спротивно на ставот на Европската Унија, утврден со одлука на Советот на ЕУ, за прекласификација на канабисот и супстанциите од канабис, Унгарија го прекрши европското правото, заклучи јавната правобранителка на Европскиот суд на правдата, Лајла Медина.
Ставот на Медина е изнесен врз основа на прекршочната постапка што Европската комисија ја покрена против Унгарија пред Европскиот суд на правдата. Според ЕК, Унгарија „не ги исполнила своите обврски според Одлуката на Советот на ЕУ и ги прекршила ексклузивната надлежност на Унијата за надворешната политика и принципот на искрена соработка“.
Тел Авив - Израелската војска денеска соопшти дека во напад со беспилотно летало во северен Либан загинал високиот претставик на Хезболах, Мохамед Махди Али Шахин, кој наводно бил вклучен во набавка на оружје за милитантната група.
Според Израелските одбранбени сили (ИДФ), Шахин ги „координирал терористичките трансакции за купување оружје на сириско-либанската граница, откако стапиле на сила договорите меѓу Израел и Либан“.
Лос Анџелес - Американската поп-пејачка Кејти Пери наскоро ќе патува во Вселената, заедно со свршеницата на Џеф Безос - Лорен Санчез, објави американската вселенска компанија „Блу ориџин“ (Blue Origin).
Тоа ќе биде 11-ти лет со екипаж за „Блу ориџин“ и ракетата „Њу шепард“, коишто веќе неколку години имаат понуди за вселенски туризам. Во леталото би требало да бидат и филмската продуцентка Кери Флин и поборничката против сексуалното насилство, Аманда Нгуен. Летот ќе се спроведе напролет, соопшти компанијата на Безос.
Белград - Во рамки на „парадата на планетите“, вечер седум планети во линија ќе бидат видливи на нашето ноќно небо. На оваа низа од порамнети небесни тела, денеска ќе ѝ се придружи и Меркур, објави српскиот портал „Н-1“.
Од јануари на небото, во еден ред, со голо око може да се видат Венера, Марс, Јупитер и Сатурн, а со помош на телескоп и Уран и Нептун коишто од Земјата изгледаат како да се наредени во низа. Не е невообичаено ретко - неколку планети да се наоѓаат на иста страна од Сонцето во истовреме, но поретка појава е „големото порамнување“ - на повеќето или пак, на сите планети. Следниот сличен феномен ќе се случи во 2040 година.
Болоња – Тренерот на италијанскиот фудбалски гигант Милан, Серхио Консеисао се пожали на судењето по синоќешниот првенствен пораз од Болоња со 1-2, тврдејќи дека судијата не сигнализирал играње со рака при израмнувачкиот гол на домаќините.
„Имаше очигледно играње со рака при израмнувачкиот гол. Судиите се луѓе и можат да грешат. Проблемот е во критериумите, како во некои ситуации, кога нема ништо спорно веднаш се огласуваат, а друг пат не сигнализираат ништо. Неколку пати сме доживеале такви ситуации и тие се покажаа како одлучувачки“, изјави Консеисао по натпреварот.