
12 март 2025
Скопје - Нема да има македонски војници на украинско тло, тоа досега никој не го побарал од нас како држава, изјави денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски по посетата на припадниците на Првиот пешадиски баталјон на Армијата во касарната „Чеде Филиповски - Даме“ во Кичево.
- Како земја-членка на НАТО сме четврта по ред земја во доделена помош за различна опрема за Украина. Она што оваа Влада го направи во изминатиот период е тоа што додели уште еден пакет, но сега во овој период се смени наративот во геополитиката во светот и она што можеше да се слушне е дека на масата е предлог за мир и ние сме држава која е насочена кон мирот, рече Мисајловски во одговор на новинарски прашања.
Скопје - Тековната поставеност на монетарната политика е соодветна на условите во економијата, но и на ризиците, кои и натаму постојат и се нагласени. Каматната стапка на благајничките записи да остане на нивото од 5,35 отсто, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на седум дена на нивоата од 3,95 отсто и 4 отсто, соодветно. Непроменета е и понудата на благајничките записи на редовната аукција и изнесува 10 милијарди денари.
Ова, како што информира Народна банка, е оценето на вчерашната редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. На седницата биле разгледани најновите податоци за светската и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
Кичево - Од денес почнува пријавувањето за професионални војници во Армијата, најави министерот за одбрана Владо Мисајловски по посетата на касарната во Кичево. Утре ќе биде објавен и оглас за прием на офицери, односно лица со завршено високо образование.
- Она што го најави премиерот пред неколку дена денеска сакам да споделам со вас дека е објавен конкурсот и сите млади што сакаат да бидат дел од МО, односно Армијата, да се пријават. Исто така следува и огласот за прием на 60 лица со завршено високо образование во офицерски чин којшто ќе излезе утре. Затоа ги повикувам сите млади што ја сакаат Македонија, да бидат дел од овој повик сакаме да ги освежиме нашите редови, да и дадеме шанса на многу млади луѓе да бидат дел од нашето семејство, од нашето НАТО семејство, дел од најдобрите од најквалитетните, рече Мисајловски.
Скопје - Забележуваме напредување на македонскиот јазик во однос на неговото збогатување и изучување, но уназадува статусот на македонскиот јазик во јавната употреба, односно се става во вториот план, па дури се игнорира во некои јавни простори. Ова укажува на негрижа на македонскиот јазик и затоа е потребен Законот за употреба на македонскиот јазик, кој има за цел да стави „ред во безредието“. Во тек е постапката за формирање на Инспекторат за употреба на македонскиот стандарден јазик и по негово формирање, ќе почне да се имплементира Законот, порачаа денеска учесниците кои беа дел од научната трибина „Статусот на македонскиот јазик – состојби и перспективи“ во МАНУ.
Академик Витомир Митевски денеска пред почетокот на трибината изјави дека загрижува уназадувањето на македонскиот јазик во јавната употреба и дека токму затоа треба да се слушне зборот на лингвистите.
Скопје - Второобвинетиот за убиството на Вања и Панче, Велибор Манев денеска пред Основниот кривичен суд во Скопје, рече дека се познава со сите обвинети, освен со таткото на убиеното девојче, и дека за грабнувањата ги координирал Љупчо Палевски Палчо. Манев, одговарајќи на прашања од неговиот бранител, рече дека сметал оти требало да извршат само грабнување на Панче, а се изненадил кога Палчо го застрелал.
На прашање на неговиот бранител, адвокатот Горан Бошевски, дали се познава со обвинетите, Манев рече дека со Боре Видевски се познава од дете, со Љупчо Палевски од 2018 година, а со Влатко Кешишев две и пол години, ако се смета и времето во затвор.
Скопје - Управата за јавни приходи денеска ги информираше вршителите на дејност, односно обврзниците регистрирани како трговец поединец, физичките лица кои се занимаваат со земјоделска, со занаетчиска дејност и лицата кои вршат услуги или слободно занимање, кои остваруваат доход од вршење на дејност утврдена согласно член 19 од Закон за данок на личен доход, дека се наближува крајниот рок за поднесување на Годишен даночен биланс (образец „ДЛД-ДБ“) и Биланс на приходи и расходи (образец„Б“).
- Даночниот период за кои се утврдуваат вкупните приходи и вкупните расходи во работењето на даночниот обврзник е една календарска година. Доколку даночниот обврзник вршел самостојна дејност за период пократок од една календарска година, за даночен период се смета периодот од годината во кој обврзникот ја вршел дејноста, се додава во соопштеието од УЈП.
Атина - Со кратење на половина од месечниот приход во Парламентот, казнет е пратеникот од грчката радикално десничарска партија Победа, Николаос Пападопулос поради вандализмот во Националната галерија, соопшти собранискиот спикер Никитас Какламанос, јави дописничката на МИА од Атина.
Пратеникот во понеделникот оштети четири уметнички дела на изложба поставена во Националната галерија , бидејќи смета дека е богохулење.
Брисел - Советот на ЕУ донесе одлука за продолжување на мандатот на воената операција на Европската Унија во Средоземното Море „Ирини“ до 31 март 2027 година.
Целта на операцијата е да спроведува активности за следење, надзор и прибирање информации за недозволени активности од Либија, вклучително и за илегалната трговијата со оружје и сродни материјали, незаконскиот извоз на нафта и шверцот на луѓе.
Москва - Кремљ не ја исклучува можноста за скорешен телефонски разговор меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп по американско-украинските разговори во Џеда, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Не исклучуваме дека може да се појави тема за телефонски разговор на највисоко ниво. Доколку се појави таква потреба, тоа ќе се организира многу брзо. Постојните канали за дијалог со Американците овозможуваар тоа да се направи за прилично краток временски период“, рече тој.
Брисел - Европската комисија денеска донесе одлука да поднесе тужба против Шпанија пред Судот на правдата на Европската Унија, поради прекршување на правилата за слободно движење на капиталот од член 63 од Договорот за функционирање на ЕУ, со тоа што применува „дискриминаторски даночен третман кон нерезидентните даночни обврзници“.
Според Комисијата, шпанското законодавство им овозможува на жителите на Шпанија да го одложат плаќањето на данокот на капитална добивка до една година или да го отплаќаат на рати, што не им е овозможено на даночните обврзници нерезиденти.
Брисел - Европската унија минатата година извезла железо, челик и сродни производи во вредност од 77,8 милијарди евра.
Годишната вредност на увозот на овие производи изнесува 73,1 милијарди евра, така што во овој сегмент на трговијата е забележан суфицит од 4,7 милијарди евра, соопшти денеска Евростат.