• среда, 18 декември 2024
МИА Флеш

13 декември 2024 

Кичево -  Во ТИРЗ Кичево денеска стартуваше изградба на фабрика за електронски батерии за автомобили на белгиската компанија „Avesta Battery and Energy Engineering“ каде во првата фаза ќе бидат инвестирани 10 милиони евра и ќе се отворат 120 до 200 вработувања.

Александар Голабоски, извршен директор на Авеста Скопје, најави извоз од 50 милони евра во првата година од инвестицијата која вели ќе достигне 40 милиони евра, а бројот на вработени 600. 

Скопје - Според податоците на Државниот завод за статистика, прометот од продажбата на услугите во третото тримесечје од 2024 година покажува зголемување во однос на третото тримесечје од 2023 година за 1.4%.

Во третото тримесечје од 2024 година, во однос на истото тримесечје од 2023 година, најголемо зголемување од 20.5.% има во одделот Поштенски и курирски дејности.

Скопје - Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно во зимски услови, по наместа влажни коловози. Намалена видливост поради магла до 20 метри има од с.Гајре – с.Лисец и планинските превои Ѓавато и Плетвар до 50 метри.

Од ЈП Македонијапат информираат дека сите патни правци во државата се проодни, без забрани и ограничувања. На одредени патни правци кои поминуват низ клисури и усеци можна е појава на поситни одрони.

Скопје - Процесот на проширување е врвен приоритет на Европската Унија. Правиме напори да заврши процесот на реформи во Северна Македонија и што побргу да се постигне целта, земјата да стане членка на ЕУ, изјави денеска шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава Михалис Рокас, одговорајќи на новинарско прашање, за време на неговата посета на Тетово.

Тој посочи дека во моментот во тек се повеќе дипломатски активности во врска со ова прашање, потенцирајќи дека новото раководство на ЕУ прави многу напори за Северна Македонија да стане дел од европското семејство.

Кичево - Владата нема да дозволи дефокусирање на јавноста од страна на Демократската унија за интеграција (ДУИ), која сака да го заштити капиталот за кој постои основано сомнение дека е криминално стекнат. Фокусирани сме за развој на државата и инвестиции, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски по поставувањето камен темелник за изградба на фабрика за електронски батерии за автомобили на белгиската компанија „Avesta Battery and Energy Engineering“ во ТИРЗ Кичево.

Според премиерот, стратегијата на Али Ахмети и Демократската унија за интеграција, како што рече, откако стига од секаде од светот потврда за нивното криминално однесување е да се обидат да ја дефокусираат јавноста и да свртат тема која генерално ќе има цел да го поларизира населението, по можност и етнички.

Скопје - Шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава Михалис Рокас, денеска одговорајќи на новинарско прашање во врска со американската црна листа на која се ставени поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети, рече дека сега е важно судството во земјава да ги преземе сите можни активности поврзани со овој случај, но и со сите други случаи каде што е присутна корупцијата во државата.

-Соединетите Aмерикански Држави презедоа значаен чекор во борбата против корупцијата, со ставање на поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети на американската црна листа. Меѓутоа, она што е важно е дека судството во државата треба да ги преземе сите активности не само во врска со овој последен случај, туку и сите други видови на корупција кои се присутни, со цел да имаме независно судство, рече Рокас.

Кичево - Премиерот Христијан Мицкоки, во коментар на акцијата на МВР „Адитив“ поврзана со работењето на РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“  најави дека борбата со криминалот ќе продолжи и најави десетици такви случаи во следниот период.  

– Да, ќе продолжи. Ние рековме внимателно, рековме нема да правиме естрада од сето тоа, ќе продолжи. Се држиме до тоа што сме го кажале. Кога ќе се обезбедат докази и основано сомневање за сторен криминал МВР заедно со срамежливото обвинителство влегуваат во акција. Таа акција беше спроведена пред неколку дена, 23 лица се осомничени и два правни субјекта. Во периодот што следи десетици случаи се работат. На македонските граѓани ќе им стане многу јасно што се случувало изминативе години, рече Мицкоски на новинарско прашање, по присуството на поставување камен темелник на фабрика во ТИРЗ Кичево.

Кичево - Полициската акција во Судскиот совет е со цел да се потврди сомневањето за фалсификување записници, преку кои се манипулирала волјата и мислењето на членовите на Судскиот совет од страна на поединци, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски нагласувајќи дека очекува многу скоро тоа биде расчистено.

Одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето камен темелник за изградба на фабрика за електронски батерии за автомобили на белгиската компанија „Avesta Battery and Energy Engineering“ во ТИРЗ Кичево посочи дека во Судскиот совет постоело основано сомневање за големи злоупотреби коишто се правени во изминатиот период.

Скопје - Забрана на увоз на возила постари од 10 години и под „ЕУРО 5“ стандард и ограничување на увозот на нови со минимален „ЕУРО 6“ стандард, побараа претставници на О2 иницијативата на денешната прес-конференција пред Владата. Како што појаснија, денеска ќе биде испратено и официјално барање, поддржано од повеќе граѓански организации, до премиерот Христијан Мицкоски и Владата на Република Северна Македонија.

- Во насока на намалување на високото и живото-загрозувачко аерозагадување во земјава, причина за серија на болести и смртност кај населението, особено со оглед на најавените пониски даноци на емисијата на јаглерод диоксид и намалувањето на данокот на додадена вредност за увоз на автомобили од 2025 година, бараме да се забрани увозот на користени возила постари од 10 години и под „ЕУРО 5“ стандард во земјава, а увозот на нови возила да е со минимален „ЕУРО 6“ стандард. Одлуката да стапи на сила на 1.1.2025 година, пишува во барањето.

Скопје - Во рамки на работната посета на Република Молдавија, министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска во Кишинев оствари средба со Заменик претседателката на Владата на Република Молдавија, задолжена за евроинтеграција, Кристина Герасимов. Во фокусот на разговорот беа билатералната соработка и заедничката амбиција за напредок на патот кон ЕУ, со што се зајакнуваат врските преку заемна поддршка и соработка, информираат од Министерството за европски прашања.

Муртезани и Герасимов се осврнале на тековните процеси за пристапување во ЕУ на Северна Македонија и Молдавија, при што бил ставен акцент на предизвиците и можностите во усогласувањето на националните политики со европските стандарди. Исто така, биле разменети мислења за клучните приоритети на реформите, особено оние поврзани со зајакнувањето на институциите, унапредувањето на доброто владеење и поттикнувањето на економскиот развој.

Женева - Специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Геир Педерсен денеска изјави дека Сирија се соочува со многу предизвици во процесот на стабилизација.

Според него, иако е постигнат одреден напредок кон привремено стабилизирање во одредени аспекти, ситуацијата се уште е „многу  променлива“.

Подгорица - Владата на Црна Гора го разреши директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Борис Милиќ, а за шеф на тајната служба го назначи приватниот претприемач од Будва, Ивица Јановиќ.

Во владиното соопштение објавено непосредно пред полноќ се наведува дека Милиќ поднел оставка „од лични причини“. Како што е наведено, Јановиќ истовремено бил назначен за вршител на должноста директор на АНБ.

Атина – Последните случувања во Сирија биле разгледани на денешниот состанок на Владиниот совет за национална безбедност со кој претседаваше грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и биле анализирани сите параметри што се однесуваат на Грција и поширокиот регион, соопшти портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис и додаде дека позицијата на земјата во бегалското/мигрантското прашање се приспособува согласно ситуацијата и во рамките на одлуките на ЕУ, јави дописничката на МИА од Атина.

Маринакис посочи дека Грција го поддржува „единството, територијалниот интегритет и суверенитет на Сирија и инклузивната иднина која ќе ги гарантира сите верски малцинства“.

Атина -  Прашањето за евентуално замрзнување на одлуките за доделување азил во Грција за сириските државјани ќе биде на агендата на денешниот состанок на Владиниот совет за национална безбедност што го свика грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, потврди министерот за надворешни работи, Јоргос Герапетритис, говорејќи за првата програма на државното радио, јави дописничката на МИА од Атина.

Герапетритис посочи дека станува збор за прашање што сè уште е засегнато од ситуацијата во Сирија, „која сè уште не е оформена и е во динамичен развој“.

Белград - Српскиот вицепремиер Александар Вулин и министерот за државна безбедност и началник на Службата за разузнавање и контраразузнавање на Народна Република Кина, Чен Јиксин се договорија за „продолжување на соработката меѓу Србија и Кина во областа на безбедноста“, соопшти српската влада.

Ккао што е наведено, состанокот  бил оставрен на 13 декември, како дел од официјалната посета на Вулин на Кина. Договорена е и „размена на искуства во областа на контраразузнавачката работа и борбата“ против таканаречените „обоени револуции“, соопшти српската Влада.

Москва - Руските вооружени сили денеска извршија масовен напад врз објекти на витална украинска енергетска инфраструктура што го поддржуваат воено-индустрискиот комплекс, како одговор на употребата на шест американски ракети ATAКMС од Киев за напад на аеродромот во Таганрог, соопшти руското Министерство за одбрана.

Целта на нападот е постигната, погодени се сите објекти, нагласи руското министерство.

Берн - Швајцарија сака да ја надгради својата мрежа на нуклеарни бункери, што се веќе застарени, но се повеќе се гледаат како вредно богатство во овие времиња на глобална неизвесност, јавија локалните медиуми.

Благодарение на законот донесен во 1963 година, Швајцарија веќе е пред соседните земји како Германија. На секој од деветте милиони жители на Швајцарија, вклучително и странци и бегалци, му се гарантира место во бункер за заштита од воздушни напади и радијација.

Москва - Кремљ денеска соопшти дека противењето на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп на Украина да пука со оружје доставено од САД длабоко во Русија „целосно се усогласува“ со позицијата на Москва.

-Изјавата целосно се усогласува со нашата позиција, со нашиот став за причините за ескалација. Очигледно е дека Трамп точно разбира што ја ескалира ситуацијата, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Брисел - Советот за правда и внатрешни работи на ЕУ денеска го усогласи текстот на предлогот за измена на одредбите во кривичното законодавство на блокот поврзани со сексуалната злоупотреба и сексуалната експлоатација на децата.  

Со предлог-измените, како што јави дописникот на МИА од Брисел, се проширува опсегот на дефиницијата на прекршоците што ќе се третираат како сексуална злоупотреба и сексуална експлоатација на децата со цел сите форми на ова насилство, вклучително и оние онлајн, да бидат третирани како кривични дела. 

Виена - Просечната цена на нафтата на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) се зголеми на 73,36 долари за барел, информира денеска нафтениот картел на својата веб-страница.

Еден барел завчера се продаваше за 72,45 долари. За да се одреди цената на нафтата на ОПЕК, се користи т.н. „нафтена кошничка“, која вклучува 13 сорти нафта за извоз во земјите-членки на картелот: Саудиска Арабија, Ирак, Нигерија, Либија, Ангола, Иран, Кувајт, Венецуела, ОАЕ, Алжир, Габон, Конго и Екваторијална Гвинеја.

Остани поврзан