• четврток, 24 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Радио флеш

15 април 2025 

Скопје - Најголемиот број поднесени претставки до Народниот правобранител минатата година (408 или 15,08 проценти) биле од областа на граѓанските состојби, каде се констатирани најголем број повреди, особено со издавањето на пасошите што беше проблем за македонските граѓани во првата половина на 2024 година.

-Овој проблем засегаше илјадници граѓани кои масовно поднесуваа претставки по различен основ - неможност да закажат термин за фотографирање, бавна изработака и одобрување на патните исправи, пролонгирана испорака на веќе изготвените документи и слично. Неможноста да се добие патна исправа беше причина за прекршување на низа права - слобода на движење, стручно усовршување, здравствена заштита надвор од земјата, учество на спортски и други меѓународни настани, рече народниот правобранител Насер Зибери денеска на прес-конференција на која го презентираше Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2024 година. 

Скопје - Повеќе од 15 години нема забрана за употреба на пиротехнички средства во обејкти и простории од затворен тип иако се тие високо ризични по животот и безбедноста, потврди Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Како што беше речено на денешната седница, ваквата правна празнина овозможува институционална пасивност и ограничени услови за санкционирање.

Според ДКСК која спроведе антикорупциска анализа на неколку закони по трагедијата во Кочани во која загинаа 61 лица, не е уредена и постапката за добивање одобрение за набавка на експлозивни материи, не е утврден надлежен орган кој ќе одлучува по барањето, ниту се пропишани рокови за постапување, а недостасуваат и јасни услови, критериуми и документација.

Скопје - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, со почна значајна иницијатива насочена кон поврзување со истакнатите македонски професионалци во областа на енергетиката и рударството, кои моментално прават значаен напредок во странство, информираат денеска од Министерството.

Во оваа насока, додаваат, министерката Божиновска остварила средба со Ангела Попова, истакната млада инженерка.

Скопје - Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) попладнево алармираа за две отворени шахти во општина Аеродром, што претставуваат опасност за граѓаните.

Како што појаснуваат, минатата седмица преку социјалните медиуми биле пријавени две отворени шахти - едната спроти трговскиот центар „Скопјанка“, а другата веднаш по подземниот премин на булеварот „Кузман Јосифовски - Питу“, зграда број 28, пред „Спортлајф“.

Како што наведуваат од ЦУК, веднаш биле информирани надлежните од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ на Град Скопје. Оттаму им било кажано дека и двете шахти се во сопственост на станарите и деловните објекти во околните згради.

Скопје - Од Споменик на култура на Македонците од Егејскиот дел на Македонија поставен во Жена парк во Скопје вчера со употреба на физичка сила била одземена спомен плоча, соопшти МВР, додавајќи дека се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

Од Министерството за внатрешни работи информираат и дека вчера во СВР Скопје, С.А.М.(47), С.Ш.(68) и М.Г.(69), сите од Скопје, пријавиле дека на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје, со употреба на физичка сила и подесен алат биле одземени три бронзени бисти. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

Атина – Соочени сме со трговска војна, што започна од Соединетите Американски Држави, а резултатите сè уште, до денес, се непредвидливи. Но, сите трговски војни на крајот имаат само губитници и ниеден победник, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на средбата со претседателот на Грција Константинос Тасулас, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис беше примен од Тасулас во Претседателската палата, што воедно е нивна прва средба по инаугурацијата на новиот грчки претседател минатиот месец.

Атина – Би рекол дека цените на билетите за траектите се исти како лани и не се очекува да се зголемат во 2025 година, посочи заменик-министерот за поморство на Грција Стефанос Гикас во интервју за првиот канал на грчкото државно радио, јави дописничката на МИА од Атина.

Со оглед на тоа што од 1 мај стапуваат во сила новите регулативи на ЕУ кои наметнуваат дополнителни трошоци за бродскиот превоз, поради употребата на поеколошки горива, со што се очекува да ги зголемат цените на билетите, грчката Влада, за да ги задржи цените на исто ниво со амандман ќе ги намали пристанишните такси за 50 отсто.

Белград - Татко на загината жена при падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември лани, денеска поднел кривична пријата против непознато лице за сторено кривично дело „тероризам“. 

По тој повод, како што соопшти Вишото јавно обвинителство во Белград, оштетениот поднел кривична пријава против неидентификувано лице за сторено кривично дело „тероризам“, бидејќи смета дека падот на бетонската настрешница на 01.11.2024 година на железничката станица во Нови Сад е чин на тероризам.

Приштина - Албин Курти поднесе оставка од премиерската функција, што го наведе во писмо испратено до Секретаријатот на косовското Собрание, пишува Клан Косова.

Врз основа на законот, оние кои добиваат пратенички мандат, а се и дел од косовската Влада, односно имаат одредена извршна функција како премиер, вицепремиер, министер или заменик министер, мора да поднесат оставка од извршната функција.

Тоа е затоа што, според деловникот, тие не можат истовремено да бидат и пратеници и дел од извршната власт.

Приштина - Собранието на Косово ја прекина конститутивната седница, бидејќи претходно не го усвои извештајот на привремената комисија за верификација на пратеничкиот мандат. За извештајот гласаа 52 пратеници, против беа 46, а воздржани 11 пратеници.

Претседавачот на седницата Авни Дехари по паузата рече дека е невозможно да се продолжи седницата бидејќи без верификација на мандатот не може да се продолжи со работа.

Дехари рече дека ќе стапи во контакт со претседателката на Косово за новонастанатата ситуација за да побара мислење од неа.

Берлин - Најверојатниот нов германски канцелар Фридрих Мерц планира да ја посети Украина на покана на нејзиниот претседател Володимир Зеленски за да учествува на самитот на 9 мај на таканаречената „коалиција на подготвени“ да испрати мировни сили на украинска територија по завршувањето на војната, објавија украинските медиуми.

Мерц, кој најверојатно веќе ќе биде избран за канцелар дотогаш, се очекува да присуствува на настанот заедно со другите европски лидери. Според „Велт“, подготовките веќе се во тек.

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха им се обрати на учесниците на Советот за надворешни работи на ЕУ што се одржа во понеделникот во Луксембург преку видео-конференција.

Париз - Францускиот министер за правда Жералд Дарманин денеска потврди дека во текот на ноќта биле извршени напади врз неколку француски затвори и рече дека ќе отпатува во Тулон, каде се наоѓа еден од нападнатите затвори.

„Имаше обиди за заплашување на персоналот во неколку затвори, од подметнување оган и палење возила до пукање со автоматско оружје“, напиша Дарманин на платформата X.

„Одам во Тулон за да им дадам поддршка на службениците на овие институции. Француската Република е соочена со проблемот на трговија со дрога и презема мерки кои во голема мера ќе ги нарушат мрежите на криминалните групи“, додаде тој.

Лондон - Европската унија и Велика Британија денеска ветија дека ќе ја зголемат помошта за Судан. Ветувањето беше дадено за време на конференцијата во Лондон по повод втората годишнина од почетокот на конфликтот во оваа африканска земја, во која се раселени неколку милиони луѓе.

Европската унија и земјите-членки ветија над 522 милиони евра за решавање на кризата, додека Велика Британија најави дополнителни 120 милиони фунти помош.

Киев - Најмалку шест цивили се убиени во руските напади врз Украина во последните 24 часа, соопштија денеска украинските власти, пренесе ДПА.

Еден човек е убиен во јужниот регион Запорожје, напиша гувернерот Иван Федоров на каналот Телеграм, додека маж е убиен во Покровск, во соседниот Доњецки регион, што се наоѓа на само неколку километри од линијата на фронтот.

Во извештајот на украинските власти се наведува дека четири лица се убиени во источниот регион на Харков.

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски покрена постапка за разрешување на воениот гувернер на североисточниот регион Суми, по разорниот руски ракетен напад во кој загинаа повеќе од 30 луѓе, јави ДПА.

-Владата ги поддржува напорите за разрешување на Володимир Артјух, рече нејзиниот парламентарен претставник Тарас Мелинчак на каналот Телеграм.

Тоа доаѓа откако Артиух вчера потврди дека во градот Суми за време на тешкиот руски ракетен напад имало собир на воен персонал за церемонија на доделување награди. Тој, меѓутоа, нагласи дека тоа не го иницирал нападот, пренесе германската агенција.

Москва - Европските земји на сите начини ја покажуваат својата намера да ја поддржат Украина во нејзината желба да ја продолжи војната, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„И Европа на секој начин ги изјавува своите намери да продолжи да ги поддржува Украина и режимот во Киев во неговата желба да ја продолжи војната. Исто така многу е важно да бидеме свесни за тоа во оваа ситуација“, изјави Песков на новинарите.

Тел Авив - Околу 350 израелски писатели потпишале писмо во кое повикуваат на прекин на разорната војна во Газа, објави „Тајмс оф Израел“.

Меѓу потписниците се познати писатели како Дејвид Гросман, Џошуа Собол и Зеруја Шалев.

„Оваа војна ги загрозува животите на војниците на ИДФ, заложниците и предизвикува страшно страдање на беспомошните цивили во Газа“, се наведува во писмото.

„Делата во Газа и окупираните територии не се направени во наше име, но тие ќе бидат за наша сметка.

Техеран - Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи денеска изјави дека првата рунда преговори со САД поминала „добро“, но дека Техеран останува „песимист“ во однос на Америка.

„Ние не сме радикално оптимисти за преговорите, ниту радикално песимисти за преговорите“, рече Хамнеи.

Сепак, тој рече дека разговорите биле „добро спроведени во првите чекори“, но дека Иран се уште е „песимист“ во поглед на Америка.

Остани поврзан