МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
5 декември 2024
Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска се сретна со специјалниот пратеник за Западен Балкан на Унгарија Жолт Бунфорд.
Како што информира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Муцунски и Бунфорд се осврнаа на динамичниот и континуиран политички дијалог меѓу двете пријателски земји во изминатите три децении, како и на одличната билатерална соработка во бројни сектори, со посебен акцент на економскиот план.
- Фокусот на разговорите беше ставен на европската перспектива на земјите од регионот и на принципиелната и континуирана унгарска поддршка во овој контекст, која особено дојде до израз за време на претседавањето на Унгарија со Советот на Европската Унија. Упатувајќи благодарност за недвосмислената и силна поддршка на Унгарија и вложените напори во поддршка на нашата европска интеграција, министерот Муцунски ја нагласи посветеноста на Владата за продолжување на европскиот пат преку исполнување на значајни реформи на домашен план и одговорно дејствување на меѓународната сцена, се наведува во соопштението.
Скопје - Северна Македонија ја зацврстува својата посветеност на правичната енергетска транзиција преку учество на 13-от Меѓународен форум за енергија за одржлив развој што се одржува во Бангкок, Тајланд. Форумот е организиран од петте регионални комисии на Обединетите нации, а се одвива под темата „Праведна енергетска транзиција“.
На овој Форум, како што информира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, претставник на ресорното министерство е Елена Ивановска, кабинетски службеник за следење на стратешките приоритети на Владата.
Ивановска учествувала на неколку клучни панели, вклучувајќи ја сесијата за праведни политики за транзиција, каде ги истакнала македонските напори за обезбедување енергетска пристапност за сите граѓани, со акцент на социјалната одговорност и праведност. Таа учествувала и на дискусијата за глобални зелени инвестиции, каде ги претставила можностите за инвестирање во обновливи извори на енергија во земјава, како и нашите планови за зајакнување на енергетската сигурност.
Скопје – Комерцијална банка АД Скопје е прогласена за „Банка на годината во 2024 година во Република Северна Македонија“ од финансискииот магазин The Banker. Банката ја добива наградата по 11-ти пат, а доделена е вчера вечер на свечена церемонија во Лондон.
- Наградата од The Banker уште еднаш ги потврди водечката улога на Комерцијална банка во финансискиот сектор во земјава, нејзините иновативни решенија и докажаната посветеност со кои за клиентите обезбедува врвни производи и услуги, а за целокупната економија значаен придонес што ги поттикнува развојот на бизнисот и претприемништвото, соопшти Комерцијална банка.
Скопје - Во Скопје, на подрачјето на Бит Пазар, утрово во 01.10 часот по претходно добиени оперативни информации и координација на СВР Куманово со Одделот за криминалистичка полиција при Бирото за јавна безбедност и СВР Скопје, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Ф.А.(35) од Куманово.
МВР соопшти дека тој се сомничи дека на 02.12.2024 во Куманово опожарил три патнички моторни возила и еден деловен објект.
- Ф.А. бил приведен и задржан во Полициска станица Куманово и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава, соопштија од МВР.
Скопје - Патот до село Дуф во Општина Маврово - Ростуше е прооден, а екипата за расчистување е се уште на терен за довршувањето на работата. Во текот на неделава ќе се расчистува патниот правец Маврово - Галичник, информира денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК).
- Регионалниот ЦУК Тетово известува по добиената информација дека патот Маврово - Галичник од 3 декември 2024 се уште не е прооден, било веднаш стапено во контакт со „Македонијапат“, пункт Маврово од каде известиле дека ќе прават договор со трети лица и ќе преземаат активности за расчистување на тој пат во текот на неделата, соопшти ЦУК.
Брисел - Во Брисел започна состанокот насловен „Самитот ЕУ-Западен Балкан: обновен пристап кон регионот“, чиј домаќин е организацијата „Пријатели на Европа“.
На панелот „Проширување на ЕУ: улогата на нормите и вредностите на патот на пристапувањето“, ќе се обрати комесарката за проширување Марта Кос и генералниот директор на Директоратот за проширување и соседска политика на Европската комисија Герт Јан Копман.
Организацијата „Пријатели на Европа“ наведува дека овогодинешниот самит за Западен Балкан има за цел да го редефинира дијалогот за проширување на ЕУ, фокусирајќи се на пристапните процеси на Западен Балкан преку инклузивен и иновативен пристап. Тие исто така посочуваат дека самитот ќе се занимава со пошироките импликации од проширувањето на ЕУ врз долгорочните цели на Унијата.
„Самитот за Западен Балкан има за цел да изгради кохезивна и сеопфатна стратегија за интеграција на регионот во ЕУ, притоа приспособувајќи ги неговите амбиции и политики за да одговараат на новата реалност на проширена и посложена Европа“, соопшти организацијата.
Белград - Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека Унгарија следната недела ќе закаже нов состанок за отворање на кластерот 3 во преговорите на ЕУ со Србија и дека е исклучително позитивно што Германија апсолутно е за отворање на тој кластер.
Им благодариме ако се ако го отворат Кластерот 3, благодарност и дури и ако не го отворат, важно е да продолжиме да се бориме и да разговараме со сите нив, изјави за РТС претседателот Александар Вучиќ за немањето согласност од членките на ЕУ за отворање нови поглавја во преговорите со Србија.
Амбасадорите на земјите членки на ЕУ вчера не дадоа зелено светло за отворање на Кластерот 3, а претседателот вели дека Унгарија ќе закаже нова средба за следната недела и дека во тоа нема сомнеж.
На вчерашната седница против беа осум земји, три балтички земји, Шведска, Финска и Холандија, како и Хрватска и Бугарија.
Виена – Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар во заминување Ентони Блинкен денеска ќе се сретнат на годишниот форум на Организацијата за безбедност и соработка во Европа на Малта.
Додека Украина ќе биде главното политичко прашање, на состанокот се очекува официјално да се одобрат договорите постигнати за прашања како што е пополнувањето на лидерски позиции во организацијата, при што западните сили често ја обвинуваат Русија за кршење на човековите права и другите меѓународни норми.
Сеул - Началникот на Генералштабот на армијата на Јужна Кореја, генерал Парк Ан-су, денеска изјави дека му поднел оставка на поранешниот министер за одбрана Ким Јонг-хјун, поради ненадејното наметнување на одлуката за прогласување воена состојба од претседателот на таа земја, Јун Сук-јеол, објавија денеска јужнокорејските медиуми.
Парк беше назначен да ја води командата за време на воената состојба прогласена во вторникот, која беше укината од претседателот на Јужна Кореја неколку часа откако тој ја прогласи, и откако парламентот усвои резолуција со која се бара укинување на воената состојба.
Тел Авив– Израел го отфрли како „целосно лажен“ денешниот извештај на Амнести Интернешнал, во кој се обвинува за геноцид врз Палестинците во Појасот Газа.
- Нечесната и фанатична организација Амнести Интернешнал уште еднаш произведе измислен извештај кој е целосно лажен и заснован на лаги, се вели во соопштението на израелското Министерство за надворешни работи.
Во соопштението се вели дека наместо тоа, невидениот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година бил „геноциден“.
- Израел се брани себеси … постапувајќи целосно во согласност со меѓународното право, се вели во соопштението.
Амнести Интернешнал денеска објави извештај во кој го обвини Израел за геноцид врз Палестинците во Појасот Газа, истакнувајќи дека израелската војска намерно извршила воени злосторства.
Киев, 5 декември 2024 (МИА) – Киев денеска го санкционираше поранешниот грузиски премиер и милијардер Бидзина Иванишвили, кој се смета за де факто лидер на земјата, во екот на масовните про-ЕУ протести во црноморската држава.
- Тоа се санкции против делот од владата во Грузија што му ја предава Грузија на Путин, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео објавено на социјалните мрежи.
Бидзина Иванишвили е грузиски политичар и олигарх, кој беше премиер на Грузија од октомври 2012 до ноември 2013 година. Тој е еден од најбогатите луѓе во Грузија. Неговото богатство годинава е проценето на седум милијарди долари. Тој го стекна своето богатство во Русија во 1990-тите по распадот на Советскиот Сојуз.
Брисел - Белгиските земјоделци денеска организираат уште еден 24-часовен протест против склучувањето на трговскиот договор меѓу ЕУ и земјите од Меркосур (Бразил, Аргентина, Уругвај, Парагвај и Венецуела), објавија бриселските медиуми. Учесниците на протестот се лоцирани покрај границите со Германија и Франција, каде што ги блокираа автопатите и главните патишта.
Демонстрантите инсистираат на тоа дека таков договор не треба да се прави бидејќи тоа е неповолно за нив. Тие забележуваат дека нивните јужноамерикански колеги работат под помали барања, што ќе доведе до поевтин увоз на земјоделски стоки во ЕУ.
Мексико Сити - Мексиканските власти објавија дека за еден ден привеле 5.234 мигранти низ целата земја.
Операцијата ја изведоа морнарицата и армијата, како и имиграциските власти.
Овој потег доаѓа во време на притисок од новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп врз Мексико да ги засили напорите да ги спречи мигрантите да доаѓаат во САД. Трамп се закани дека ќе воведе увозни тарифи од 25 отсто на мексикански стоки доколку земјата не го запре протокот на мигранти и дрога преку границата.
Пекинг - Кина одлучи да воведе санкции за 13 американски воени компании и нивните раководители, кои ќе стапат на сила денеска, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.
Санкциите на американските воени фирми беа воведени како одговор на американската продажба на оружје на Тајван, за која Пекинг вели дека го поткопува суверенитетот и територијалниот интегритет на Кина, се вели во соопштението.
Софија- Пазарот на невижности во Софија завршува во 2024 година со импресивни резултати, консолидирајќи ја својата позиција како водечки пазар на недвижности за земјата, јави БТА. Од почетокот на годината е забележан постојан пораст на цените, но главниот импулс дојде во втората половина од годината, покажуваат согледувањата на „Булгари пропертис“. Полина Стоикова, извршен директор на компанијата, истакнува дека овој раст во голема мера се должи на нерамнотежата меѓу побарувачката и понудата, како и зголемениот интерес за купување станови во контекст на ниските каматни стапки на хипотеките.
„Новите понуди на пазарот се намалени за 10 отсто во однос на претходната година, што е продолжение на сличен пад од 2023 година. Тоа ги ограничува можностите за купувачите, особено на секундарниот пазар, каде понудата е исклучително слаба“, нагласува таа во соопштението за медиумите.
Загреб- Хрватската Влада денеска одлучи пред католлички Божиќ на сите пензионери и корисници на државниот додаток за стари лица да им исплати еднократен додаток од 80 евра, за што ќе бидат осигурани околу 100 милиони евра, јави Хина.
„Владата денеска е во позиција да донесе одлука за додаток во пресрет на Божик во висина од 80 евра за сите пензионери, над еден милион и 230.000 од нив.Сметаме дека ова е многу добро во моментов и дека на овој начин ќе испратиме порака на солидарност за која се грижи државата кон нашите сограѓани од трето доба“, рече премиерот Пленковиќ на почетокот на седницата на Владата.
Ватикан - Папата Франциск им порача на свештениците дека нивните проповеди не треба да траат подолго од десет минути „бидејќи луѓето може да заспијат“, јави Католичката новинска агенција.
Говорејќи на плоштадот Свети Петар на аудиенција, папата објасни дека целта на проповедта е „да помогне да се пренесе Божјото слово од книгата во животот“.
- Но, проповедта за тоа мора да биде кратка: некаква слика, мисла, чувство. Нешто што луѓето ќе го понесат со себе. Проповедта не смее да трае подолго од десет минути бидејќи после тоа време губите внимание и луѓето заспиваат, рече тој.
Брисел- Европската унија се дави под евтините пакети кои доаѓаат од азиските онлајн трговци на мало, почнувајќи од ултра евтините електронски продавници AliExpress, Shein и Temu. „Фајненшл тајмс“ дознава дека ЕУ размислува за построги мерки против таквите увезени стоки поради загриженоста за безбедноста и фалсификувањето.
Бројот на опасни производи пријавени од земјите на ЕУ е двојно зголемен во споредба со претходната година. Козметика, играчки, електрични апарати и облека беа меѓу производите со најмногу загриженост за безбедноста.
Toy Industries of Europe спроведе истражување на 100 производи купени на десет онлајн платформи, а резултатите се поразителни. Дури 80 отсто од нив не ги исполнуваат европските безбедносни стандарди, пренесуваат медиумите.