МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш

8 април 2025
Скопје - Во две училишта во Скопје утрово се добиени дојави за поставени бомби, но по утврдената проверка е утврдено дека се работи за лажни дојави.
- На 08.04.2025 во СВР Скопје од две училишта во Скопје е пријавено дека на електронските адреси добиле дојава за наводно поставена експлозивна направа. Веднаш се преземени соодветни мерки и активности, извршени се потребните проверки и утврдено е дека се работи за лажни пријави, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Софија - Четворица од повредените во пожарот во Кочани кои беа хоспитализирани во болницата „Пирогов“ во Софија денеска ќе бидат пуштени на домашно лекување.
Раководителката на Клиниката за изгореници и пластична хирургија во болницата Маја Аргирова, за БТА изјави дека сите четворица се во добра состојба. Дадени се инструкции за натамошен третман, во тек е лабораториско следење на нивната клиничка состојба, а во зависност од состојбата ќе се проценува евентуална нова хируршка фаза.
Во „Пирогов“ остануваат да се лекуваат уште чевторица други повредени во Кочани.
Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до припадниците на ромската заедница по повод Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април.
- Верувам дека не случајно тркалото, симболот на вашето етничко знаме, по долги патешествија запрело и на македонска почва на која сте свиле дом. Со културната посебност и свест, вие израснавте во важен и вреден сегмент на македонското општество, неверојатно талентиран за музика и игра, уметнички вдахнат, скромен! Влеговте во Уставот, се изборивте за ромска општина и ромски јазик како службен во неа, основавте и развивте успешно средно училиште, формиравте партии и граѓански здруженија и станавте политички фактор, влеговте во Собранието, освоивте градоначалнички и министерски позиции, но и раководни места во важни државни органи и институции, станавте музички славни преку врвни културно-уметнички друштва, пејачи и диригенти, се стекнавте со универзитетски дипломи од различни области, ве опишаа во филмови и серии, ве опеаја, насликаа..., пишува во честитката Сиљановска-Давкова.
Скопје - Овој ден е посветен на одбележување на богатата култура, уникатната традиција и долгата и значајна историја на ромскиот народ ширум светот. Истовремено, овој ден служи и како важен потсетник за сите нас за неопходноста од поголема социјална инклузија, еднакви можности и почитување на човековите права за секој граѓанин, се наведува во денешната писмена честитка на собранискиот претседател Африм Гаши по повод 8 април - Меѓународниот ден на Ромите.
- Ромската заедница со своите култура, јазик, музика и обичаи, дава огромен придонес за културниот и општествениот живот во нашата држава. Таа е важен и нераскинлив дел од нашето заедничко наследство, што го прави нашето општество побогато и поразновидно. Како претставници на граѓаните, имаме обврска и одговорност континуирано да работиме на унапредување на правата и положбата на ромската заедница, обезбедувајќи еднакви можности и услови за достоинствен живот на сите наши сограѓани, додава Гаши.
Скопје – Потпретседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ по повод 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите упати честитка до сите припадници на ромската заедница, истакнувајќи дека почитта не е само обврска, туку таа е избор што го правиме секојдневно.
-8 Април, Меѓународниот ден на Ромите е ден кој не е само симбол на борбата на ромскиот народ за еднаквост, слобода и достоинство, туку и ден за сеќавање и ден за надеж. Ден посветен на подигнување на свеста за правата и културата на ромската заедница, но и потсетник дека секој граѓанин без разлика на етничката или верската припадност има еднаква можност да учествува, придонесува и напредува, наведува во честитката Стоилковиќ.
Скопје - „Влезот во СЕПА (Единствената област за плаќања во евра) ќе овозможи побрзи и поевтини плаќања во двете насоки, како за одливи, така и за приливи. Притоа, Народната банка веќе презема активности за олеснување на извршувањето и на приливните плаќања, вклучувајќи ги и приливите врз основа на доход којшто се остварува во странство. Во таа смисла, се предвидува приливите од странство да му се ставаат на располагање на платежната сметка на примачот веднаш, а најдоцна следниот работен ден, без приложување документи за причината на приливот кај најголемиот дел од приливите од странство, со исклучок на одредени приливи поврзани со капиталните трансакции за коишто се предвидени законски ограничувања до влезот на земјата во Европската Унија.“
Ова го истакна Игор Величковски, директорот на Секторот за операции на финансиски пазари и платни системи во Народната банка, во интервју за „Македонското радио“, како одговор на многуте прашања коишто ги поставуваат младите кои работат за фирми во странство, а платата ја примаат на својата девизна сметка во земјава.
Скопје - Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Северна Македонија (РКЕ) и Регулаторната агенција за енергетика и водни услуги на Црна Гора (РЕГАГЕН) потпишаа Меморандум за соработка. Методологиите за утврдување на тарифи за електрична енергија и водни услуги, заштита на потрошувачите како и институционалниот развој низ призма на градење на професионални капацитети се дел од интересот на кој се фокусира регулаторната соработка, соопшти РКЕ.
Скопје - Во рамки на манифестацијата „Денови на Франкофонијата“, се одржа промоција на вториот том од романот „Пронајденото време“, последен дел од капиталното дело „Во потрага по загубеното време“ на францускиот писател Марсел Пруст, во превод на македонски јазик од проф. д-р Ѓорѓи Марјановиќ.
Промоцијата ја организираа Катедрата за романски јазици и книжевности при Филолошкиот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ и Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“. На промоцијата беа собрани претставници на академијата и културата во чест на на заокружувањето на еден од најзначајните преведувачки подвизи во македонската книжевна историја.
Скопје - Бордот на интернационалниот фестивал Танц Фест Скопје 2025, за 21-то издание, донесе одлука Наградата МЕНАДА за врвни достигнувања во областа на танцовата уметност да ја додели на Ѕвездата на париската опера Роксан Стојанов.
- Благодарение на извонреден талент и уметничка визија, Роксан Стојанов се издига високо во балетската уметност, за што е промовирани во Ѕвезда на Париската опера (Étoile de l'Opéra National de Paris), како една од извонредните балерини кои блескаат на балетското ѕвездено небо. Како уметник, Роксан Стојанов пишува историја во епицентарот на балетската уметност, исклучителниот балетски ансамбл на Националната опера во Париз, Франција, но и во нејзината втора татковина, С. Македонија, каде остава ѕвездена трага во балетската историја, за што Бордот на интернационалниот фестивал Танц Фест Скопје, на 21-то издание, со огромна чест и задоволство и ја доделува наградата „МЕНАДА за врвни достигнувања во областа на танцовата уметност!!!, стои во одлуката на Бордот на фестивалот Танц Фест Скопје 2025.
Атина – Грчката национална Управа за истрага на авионски и железнички несреќи и безбедност на транспортот (ЕОДАСААМ), што на крајот на февруари објави извештај за железничката несреќа кај Темпи, во кој меѓу другото пишува за можно присуство на непознато гориво што ја создаде огнената топка по судирот на патничкиот и товарниот воз, одлучи да го избрише конкретното поглавје што се однесува на веројатни причини за формирање на огнена топка, јави дописничката на МИА од Атина.
На вчерашниот состанок Советот на ЕОДАСААМ, меѓу другото било одлучено „веднаш да се направи корекција на извештајот со бришење на поглавјето за веројатни причини за формирање огнена топка“, а дополнително членовите биле информирани и за повлекувањето на Универзитетот во Пиза од извештајот, поради делот што се однесува на експлозијата.
Брисел - Европските производители на автомобили го поддржуваат намалувањето на царините со САД, соопшти денеска Европската комисија по разговорот меѓу претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и претставници на секторот.
Присутните на средбата изразија силна загриженост за последиците од царините објавени од САД и ја истакнаа неизвесноста за синџирите на снабдување. Тие изразија поддршка за намалувања на царините од двете страни како дел од договореното решение.
Фон дер Лајен и европскиот комесар за трговија Марош Шефчовиќ вчера објавија дека ЕУ во февруари им понудила на САД нулта царини за увоз на автомобили.
Москва - Московски суд ја казни комуникациската платформа „Телеграм“ со седум милиони рубљи (80.000 долари) затоа што одбила да ја отстрани содржината што ја опишала како повик за терористички напади и учество во протести чија цел е соборување на руската Влада, јавија британските медиуми.
Телеграм не успеа да отстрани „информации или канали кои содржат повици за акти на екстремизам“, се наведува во образложението на судската одлука со која се наметнува паричната казна.
Според руските медиуми, некои од каналите наведени во судската одлука содржеле повици за антивладини протести со цел соборување на владата, како и за терористички напади врз железничкиот транспорт со цел да им се пружи помош на украинските сили.
Москва - Астронаут на НАСА и двајца руски космонаути денеска успешно полетаа со руско летало до Меѓународната вселенска станица (МВС), објави Роскосмос.
Американскиот космонаут Џони Ким, како и Русите Сергеј Рижиков и Алексеј Зубрицки ќе треба да минат околу осум месеци на МВС. Ким, Рижиков и Зубрицки денеска ќе им се придружат на астронаутите на НАСА - Дон Петит, Ен Меклејн и Никол Ајерс, астронаутот на Јапонската агенција за воздушно истражување Такуја Ониши и руските космонаути Алексеј Овчинин, Иван Вагнер и Кирил Песков, кои од претходно се на Станицата.
Според НАСА, Ким - инаку поручник и поморски пилот на американската морнарица, ќе спроведува научно-истражувачки и технолошки експерименти што ќе помогнат во подготовката на екипажот за идните вселенски мисии.
Москва - Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев изјави дека во наредните години се повеќе земји ќе имаат атомско оружје, бидејќи Западот го турка човештвото кон Третата светска војна, индиректно водејќи војна против Русија во Украина.
Медведев оцени дека опасноста од нуклеарен конфликт никогаш не била поголема.
„Ситуацијата е таква што дури и во случај на целосен прекин на конфликтот поради таканаречената Украина, нуклеарното разоружување во наредните децении би било невозможно“, рече Медведев.
Според него, светот ќе создаде нови видови деструктивно оружје и новите земји ќе имаат нуклеарни арсенали.
Вашингтон – Американскиот милијардер Илон Маск изминатиот викенд апелирал до американскиот претседател Доналд Трамп да ја повлече одлуката за воведување нови царини, јави денеска Вашингтон пост.
Апелот на Маск, не била успешен, а тој разговор меѓу Маск и Трамп бил најголемото недоразбирање досега меѓу претседателот и важниот соработник во американската администрација.
Ниту Белата куќа, ниту Маск засега не ги коментираа наводите на весникот.
Вашингтон - Некои светски компании одлучија привремено да ја прекинат испораката на производи во САД поради најновите царини воведени од американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп минатата недела воведе основна царина од 10 отсто за целиот увоз, а некои земји се соочуваат со царини до 50 отсто. Многу производители се надеваат на договори за пониски стапки и одлучија да го прекинат извозот додека не видат во која насока се движат трговските разговори.
„Јагуар Ленд Ровер“ соопшти дека ја прекинува испораката на возила во САД, бидејќи се обидува да го прилагоди работењето на новите царински услови. Воведена е царина од 25 отсто за сите странски автомобили.
Токио - Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, го опиша зајакнувањето на кинеските одбранбени капацитети како „зачудувачко“.
Тој го изјави ова за време на неговата посета на Јапонија, која започна денеска и има за цел да го прошири влијанието на Алијансата во азиско-пацифичкиот регион.
„Да не бидеме наивни во однос на Кина. Јакнењето на нејзините вооружени сили, нејзините инвестиции во одбранбената индустрија и во нејзините одбранбени способности се зачудувачки“, рече Руте во интервјуто објавено во весникот Јапан такмс.