• петок, 25 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Радио флеш

7 април 2025 

Скопје - Девизните резерви на крајот на март 2025 година изнесувале 4.788,1 милион евра, соопшти Народната банка.

Најголем дел од девизните резерви се пласирани во хартии од вредност (77,0%), по што следуваат монетарното злато (13,4%) и валутите и депозитите (9,6%).

Скопје - Има простор за критика, повелете, критикувајте не, но со гордост можам да кажам дека од вкупно 193 пациенти со изгореници успеавме и до денеска имаме само еден починат, рече министерот за здравство Арбен Таравари, одговорајќи на новинарски прашања во врска со трагедијата во Кочани.

Според Таравари, исправна е одлуката дел од пациентите да се пратат во странство зашто и земји како Турција или Германија, со голем капацитет, не ќе можеа и ќе имаа проблем да изменаџираат повеќе од 190 лица со изгореници.

Скопје - Левица купила подрумски простории и приземје во објектот кој бил даден на изршител преку хипотекарен кредит од друга банка. Цената за квадратот е постигната во деловни преговори со банката, изјави денеска портпаролот на Левица и пратемик Амар Мециновиќ. Нагласува дека Левица не се наоѓа во морална стапица, бидејќи се уште сметаат дека извршувањето треба да се врати во рамките на судовите и дека доколку постои согласност од другите партии, повторно би поднеле вакон предлог-закон.  

-Ние земавме подрумски простории за кои требаше реновирање и приземје. Се работи за хипотекарен кредит кој е земен, не од банката која го нудеше овој имот којшто бил конфискуван од извршител, туку од друга банка се обезбедија средства да се купат просториите и тие да се реновираат. Така во целата приказна нема никакво посредство од извршители, рече Мециновиќ на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање. 

Скопје - Почина уште еден пациент од пожарот во Кочани кој се лекуваше во Литванија. Тој е 61-та жртва од трагедијата во Кочани. Минатата недела почина и управителот на дискотеката Александар Карадаковски. 

Во пожарот во Кочани беа повредени околу 200 лица од кои дел беа пратени на лекување во странство.

Скопје - На почетокот на учебната 2024/2025 година, во редовните основни училишта во државава имало 180 627 ученици, што е намалување за 0,8 проценти во однос на претходната учебна година.

Според податоците  што денеска ги објави Државниот завод за статистика, намалување од 0,2 отсто има и на бројот на средношколци во оваа споредено со претходната  учебна година. На почетокот на 2024/2025 година,  во средните училишта имало 67 143 ученици.

Скопје - Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1), од полноќ се намалуваат за 0,50 денари по литар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика.

Новата цена бензинот ЕУРОСУПЕР БС - 95 ќе биде 76,00 денари, ЕУРОСУПЕР БС - 98 ќе се продава за 78,50, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) и Екстра лесното 1 (ЕЛ-1) за 68,50 за литар.

Скопје - Трошоците на животот во март 2025 година, во однос на март лани, бележат зголемување од 2.7 %, а цените на мало раст од 2.2 %, соопшти Државниот завод за статистика.   

Инфлацијата, пак, мерена преку индексот на трошоците на животот во март 2025 година, во однос на февруари 2025 година, е помала за 1.3 %.

Куманово - Основното јавно обвинителство Куманово, денеска информираше дека предметот за загадување на Крива Река во Крива Паланка ќе го преземе Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Како што претходно информираа, кумановското обвинителството формираше предмет, во меѓувреме стигнала и кривичната пријава од градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.

-За актуелниот настан за загадување на Крива Река, ние сами формиравме предмет, ги повикавме инспекторите за животна средина. Од нивна страна добивме известување за досега преземените активности и мерки. Сега го чекаме вештачењето од лабораторија. Стигна и кривичната пријава од градоначалникот која е квалификувана по член 218 „загадување на животната средина“, за тоа кривично дело надлежно е обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Разговарав со шефот на тоа обвинителство, подготвени се да го преземат предметот и да постапуваат понатаму. Ќе бидеме во контакт со нив, изјави шефицата на ОЈО Куманово, Теута Бедиу Рамадани.

Скопје - Во текот на оваа недела ќе има иницијатива за Коалицијата Вреди да биде една политичка опција, изјави денеска вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, по состанокот на советодавната мисија Рамсар, посветен на иднината на Преспанското Езеро кое ја поврзува земјава со Албанија и Грција.

Меџити посочи дека се водат разговори во рамки на Коалицијата за сите политички субјекти да се претворат и втопат во „Влен“ како политичка партија која ќе ги претставува Албанците на претстојните локални избори.

Скопје - Арбен Таравари кој го предводи едното крило на Алијанса на Албанците и е дел од коалицијата од албанскиот политички блок „Влен“ вели дека не добиле понуда од „Влен“ да се спојат во една партија. 

- Досега не сме имале понуда од „Влен“ за да бидеме една партија. Ако имаме, ќе одлучиме, но ако тие веќе одлучиле, им го даваме името - нека го задржат името „Влен“. Ние ќе останеме пет пратеника од Алијанса и ќе продолжиме како пратеничка група, но отворени сме за соработка со сите, изјави Таравари, негирајќи дека имал разговори со опозициската ДУИ.

Брисел - Трети земји кои не се членки на ЕУ можат да се здружат и да учествуваат во проекти за набавка на одбранбена опрема и техника преку Инструментот „Безбедносна акција за Европа“ (САФЕ), доколку имаат склучено договори за партнерство за безбедност и одбрана со Европската Унија, информира денеска портпаролот на Европската комисија за технолошки суверенитет, одбрана, Вселената и истражување, Тома Рение.     

- Третите земји кои можат да се вклучат во ова група и да прават заеднички набавки се Норвешка, Молдавија, Јужна Кореја, Јапонија, Албанија и Северна Македонија, изјави Рение.

Скопје - Пратеничката група на Левица до Собранието предложи Предлог-закон за денови на жалост. 

-Последниот случај со трагедијата во Кочани, во која животот го загубија 60 наши сограѓани – е болен потсетник колку оваа материја е важна и дека е неопходно да се уреди со закон. Со овој Предлог-закон бараме да се воспостави јасен, правичен и достоинствен систем за одбележување на деновите на жалост со цел да се покаже почит, солидарност и да изградиме култура на колективна емпатија во државата, рече пратеникот на Левица Амар Мециновиќ на прес-конференција во Собранието. 

Скопје - Инфлацијата во март 2025 година споредено со февруари бележи намалување од 1,3 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, објави на Фејсбук министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Според него, мерките на Министерството за економија и труд даваат резултати, а цените на основните прехранбени производи се стабилизираат и се намалуваат.

Скопје - Вицепремиерот за политики на добро владеење Арбен Фетаи денеска учествуваше на првата седница на новиот состав на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество. Со ова, како што се наведува, формално заврши повеќегодишниот бојкот на Советот од страна на граѓанските организации почнат како реакција на непринципиелното распределување на јавните средства од страна на претходната влада.

Како што информира Кабинетот на вицепремиерот Фетаи, тој пред членовите на Советот го потенцира клучното место на граѓанскиот сектор како чувар на демократијата и како конструктивен партнер во креирањето подобри јавни политики.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека покрај со лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче за реформската агенда подготвен е да разговара со лидерите на опозициските партии застапени во Парламентот, бидејќи вели станува збор за заеднички проект гласан од сите.

-Ги чекаме имињата да ги достават од страна на СДСМ во двата сектора - владеење на правото и во делот на енергетиката. Тоа беа двете теми за кои од страна на Венко Филипче беше изразена желба да учествуваат со свои претставници во изготвувањето на реформските закони, бидејќи тие во суштина се дел од реформската агенда. Кога ќе ги добијам, можеби тоа прашање треба до нив да го упатите. Инаку, тој побара средба со мене, кога ќе побараат и другите политичките партии од опозицијата би разговарал и со нив во иста насока. Реформската агенда е заеднички проект, заеднички се гласаше, така што очекувам конструктивност од сите полиитички чинители во Парламентот, рече Мицкоски на новинарско прашање за средбата со Филипче, дали очекува конструктивност од него во определбата за реформската агенда и кога може да се очекуваат првите чекори во насока на тоа што е договорено.

Скопје - Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, денеска во Брисел, ќе учествува на конференција на социјалистите и демократите на тема „Започнување на Програмата на С&Д Вили Брант за проширување на ЕУ“.

Од СДСМ информираа дека во рамки на конференцијата, претседателот Филипче денеска во 17:15 часот, ќе има обраќање на панел дискусијата насловена „Прогресивна агенда за проширување на ЕУ“, што ќе ја води европратеникот и известувач на ЕП за Србија,  Тонино Пицула.

Атина - Сакам очекувањата да ги задржам на ниско ниво, бидејќи во никој случај не знаеме како ќе реагираат САД. Очигледно, постои силен интерес за уникатни производи од примарниот сектор што се извезуваат во САД. Маслинките, маслото, фетата, се производи кои воопшто не се произведуваат во САД, така што воведувањето царини, барем според мене, нема многу голема логика, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на владиниот совет за економска политика осврнувајќи се на царините од САД, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис објасни дека она што е сигурно е дека ќе се борат за одбрана на грчките национални интереси и уште еднаш повтори дека е потребен заедничка реакција на сите земји членки на Европската Унија, за како што рече, да можат да бидат ефикасни на ниво на ЕУ.

Брисел - ЕУ досега во неколку наврати повтори дека неодамна усвоените закони во Република Српска го поткопуваат уставниот и правниот поредок на Босна и Херцеговина и функционалноста на институциите на државата, ги загрозуваат основните слободи на граѓаните и се во спротивност со обврските земјата што ги презеде на својот европски пат, изјави денеска портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер. 

- Јасно ја истакнавме потребата од почитувањето суверенитетот, територијалниот интегритет и уставниот поредок на Босна и Херцеговина, како и дека секоја активност против овие принципи ќе има последици, додаде Хипер.

Рим - Италија во целост ја поддржува Европската комисија додека го подготвува својот одговор на царините на американскиот претседател Доналд Трамп и преговара за да спречи трговска војна, изјави денеска вицепремиерот и министер за надворешни работи Антонио Тајани, цитиран од италијанската новинска агенција АНСА.

„Треба да работиме за да избегнеме трговска војна која би била катастрофална за САД и нашите компании“, рече Тајани пред состанокот на Европскиот трговски совет.

Киев - Претседателот на Украина, Володимир Зеленски синоќа изјави дека Русија одбива да прифати безусловен прекин на огнот за да продолжи со ракетните напади од Црното Море.

- Тоа е една од причините зошто Русија ја искривува дипломатијата, зошто одбива да се согласи на безусловен прекин на огнот, тие сакаат да ја задржат способноста да ги напаѓаат нашите градови и пристаништа од морето, истакна Зеленски.

Брисел - Трети земји кои не се членки на ЕУ можат да се здружат и да учествуваат во проекти за набавка на одбранбена опрема и техника преку Инструментот „Безбедносна акција за Европа“ (САФЕ), доколку имаат склучено договори за партнерство за безбедност и одбрана со Европската Унија, информира денеска портпаролот на Европската комисија за технолошки суверенитет, одбрана, Вселената и истражување, Тома Рение.     

- Третите земји кои можат да се вклучат во ова група и да прават заеднички набавки се Норвешка, Молдавија, Јужна Кореја, Јапонија, Албанија и Северна Македонија, изјави Рение.

Каиро - Францускиот претседател Емануел Макрон денеска оцени дека Русија итно треба да престане со одложување на тактиките и да го прифати безусловниот прекин на огнот предложен од американскиот претседател Доналд Трамп во Украина.

„Помина речиси еден месец откако Русија не само што го отфрли, туку го зголеми бомбардирањето на цивили со дополнителни трагични загуби пред неколку дена во Украина“, рече Макрон за време на посетата на Каиро.

Дуизбург - Седумнаесет средни и средни училишта во западниот германски град Дуизбург денеска останаа затворени поради закани од екстремната десница, јави ДПА.

Засегнати се 17.980 ученици, прецизираше портпаролката на општинската администрација. На вратите на образовните установи е поставен знак „училиштето е затворено“.

Берлин - Падот на финансиските пазари е „повик за будење“ што покажува дека трговската војна „на крај ќе има само губитници, соопшти денеска германската Влада по воведувањето на новите американски царини.

- Само мораме да дејствуваме интелигентно и јасно за да избегнеме нова трговска војна и ескалација, изјави портпаролот на германската Влада, Штефен Хебештрајт.

Киев - Украина ќе испрати делегација „оваа недела“ во Вашингтон за да разговара за стратешките минерали, за договорот со кој САД сакаат да добијат повластен пристап во замена за помошта што му ја даваат на Киев од почетокот на руската инвазија, објави денеска украинската Влада.

„Мисијата на украинскиот тим ќе биде да ги „унапреди преговорите“ за тој „стратешки“ документ, а ќе вклучи претставници на министерствата за економија, надворешни работи, правда и финансии“, изјави вицепремиерката Јулија Свириденко.

Москва - Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, ја поддржува идејата за прекин на огнот со Украина, но смета дека е неопходно да се разјаснат сите сомнежи во врска со официјалните позиции на Киев, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

-Претседателот Путин навистина ја поддржува идејата за потребата од прекин на огнот, но пред тоа треба да се одговори на цела низа прашања кои сè уште лебдат во воздухот бидејќи никој не одговорил на нив. Тоа е поврзано со непредвидливоста на режимот во Киев и нивната неспособност да ги контролираат акциите на цела низа екстремистички и националистички единици кои едноставно не ги почитуваат одлуките на украинскиот режим, рече Песков на новинарско прашање, пренесен од руските медиуми.

Софија - Неопходно е да се позиционира нашата земја на глобалната мапа како дестинација за високотехнолошки инвестиции и во областа на вештачката интелигенција. Ова го изјави претседателот на Бугарија, Румен Радев, кој денеска е домаќин на тркалезна маса посветена на изгледите за привлекување високотехнолошки инвестиции во Бугарија.

Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

Лондон -  Велика Британија соопшти дека може да затвори стотици владини агенции за да ја реформира државата, да ги намали трошоците и да ја подобри продуктивноста, нарекувајќи го процесот „нова ера на глобална нестабилност“.

Во Британија има стотици „полуавтономни“ невладини организации. Станува збор за организации на кои владата им додели овластувања, но кои сè уште се делумно контролирани или финансирани од владините тела. Тие се финансирани од даночните обврзници, но не се контролирани од министрите. Тие вклучуваат јавни тела како што се Извршниот директор за здравје и безбедност, железничката компанија „Network Rail“ и Советодавниот комитет за миграција.

Остани поврзан