
8 април 2025
Скопје - Во пресрет на 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите, вчера во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се одржа дебата на тема „Предизвиците со интеграцијата на Ромите низ призма на младите“.
Учесници во дебатата, како што соопштија денеска од Кабинетот на претседателката, беа ученици и студенти, припадници на ромската заедница. Дебатата ја водеше Доан Сулејмановски, директор на средното училиште „Шаип Јусуф“, член на Советот за млади и член на Комисијата за помилување.
Скопје - Собранието денеска ќе ја одржи новата 43. седница, на чиј дневен ред има вкупно 28 точки меѓу кои и Предлог на одлуката за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“, во Босна и Херцеговина, во второ читање и Предлог за именувањето членови на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и услуги на управување со комунален отпад на Република Северна Македонија.
Скопје - Во свечената сала на Владата денеска ќе се одржи првата седница на новиот состав на Меѓуресорското тело за координација на борбата против корупцијата.
На настанот поздравни обраќања ќе имаат премиерот Христијан Мицкоски и вицепремиерот задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, кој вооедно раководи со Меѓуресорското тело.
Како што соопшти владината прес-служба, обраќања ќе имаат и амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас, заменик-амбасадорот на САД, Никол Варнс и шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килиан Вал.
Скопје - Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити денеска ќе одржи прес-конференција по повод објавата на Јавниот конкурс за распределба на средства од Програмата за инвестирање во животната средина за 2025 година.
Меџити ќе информира и околу целите, условите и приоритетите на новата Програма за 2025 година.
Скопје - Владата се грижи подеднакво за сите. Здравствените реформи носат резултати. Конечно македонското здравство се ресетира, освен бројните реконструкции во здравствените установи сѐ со цел подобрување на здравствена заштита и услуга на пациентите, растат и платите на здравствените работници, медицински сестри кои неуморно се борат за здравјето на граѓаните, соопшти владината прес-служба.
Скопје - СВР Штип до ОЈО Кочани поднел кривична пријава против Г.А.(37), Б.Ч.(23) и 60-годишната Р.Ѓ., тројцата од Струмица, поради основи на сомнение за сторено кривично дело „грабнување" од чл.144 ст.1 од КЗ.
МВР денеска соопшти дека на 06.04.2025 во 14.40 часот во беровско село, полициски службеници од ОВР Берово ги лишиле од слобода Г.А.(37), Б.Ч.(23) и 60-годишната Р.Ѓ., тројцата од Струмица, постапувајќи по претходна пријава дека од семејниот дом на Д.В.(59) од Делчево со употреба на сила ја земале 32-годишната вонбрачна сопруга на неговиот син и со патничко возило „ауди“ со струмички регистарски ознаки заминале од местото.
Брисел - Потребна ни е сеопфатна социјалдемократска агенда за процесот на проширување, бидејќи тој не е само механичко прилагодување или административно спроведување на критериумите за членство, туку се повеќе и повеќе станува прашање од најважно политичко и геополитичко значење, порача лидерот на СДСМ, Венко Филипче во обраќањето на панелот „Практична поддршка на подготовките за пристапување во ЕУ“ во рамки на Конференцијата во организација на Програмата „Вили Брант“ за проширување на ЕУ на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) што се одржа во Брисел.
Гевгелија - Во Гевгелија, вечер, ќе биде промовирана книгата „Гевгелија порта кон Европа“ на Кире Јанишлиев, издание во коешто се опфатени новинарски статии за неговата родна Гевгелија, а објавени во весникот „Нова Македонија“, соопштија од Општината.
Модератор на промоцијата е Сара Јанишлиева, а обраќања ќе имаат Тони Аврамов и Бобан Хусеновски, додека интерпретацијата на текстовите е на Петар Јанчев. На промоцијата со музички изведби ќе се претстават ученици од ООМУ „Васо Карајанов“од Гевгелија.
Скопје - Во Музејот на современата уметност во Скопје вечер ќе биде отворена изложбата насловена „Форми во лет, меѓународни уметници во француските колекции“.
Изложбата е организирана од Францускиот институт во Скопје и Музејот на современата уметност - Скопје, во соработка со Музејот за современа уметност во Лион и градот Лион.
Скопје - По повод роденденот на првиот современ македонски граматичар Круме Кепески, денеска во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп, ќе биде промовирана книгата „Необјавени страници за македонскиот јазик на Круме Кепески“, приредена од проф. д-р Јованка Кепеска, во издание на „Македоника литера“.
Како што е најавено, за книгата ќе зборува проф. д-р Симона Груевска Маџоска, претседател на Советот за македонски јазик, а за делото на Круме Кепески ќе зборува Слободан Беличански од името на Друштвото за наука и уметност во Прилеп.
Скопје - Во Друштвото на писателите на Македонија денеска ќе се одржи промоција на книгата „На врв од острицата“ од Сузана В. Спасовска. Книгата е во издание на издавачката куќа „Макавеј“, а промотори ќе бидат Соња Стојменска-Елзесер и Владимир Мартиновски.
Скопје - Во рамки на одбележувањето на 80. јубилеј од постоење на Македонскиот народен театар (МНТ), установата почнува со турнеја на најактуелните претстави од големата и малата сцена - „12“ по мотивите на Реџиналд Роуз (12 Angry Men), во адаптација и режија на Синиша Евтимов и „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, а во адаптација и режија на Егон Савин. Првата турнеја почнува вечер, со гостувањето во Црногорско народно позориште - ЦНП, Подгорица, каде што ќе се одигра „Народен пратеник“.
Предвидени се два блока на гостувања, надвор од границите како и во нашата земја.
Крива Паланка - Со креативна работилница за млади, низ експресија и заедничко создавање уметност и литература посветени на ромската историја и култура, денеска напладне во Кратово ќе биде одбележан Меѓународниот ден на Ромите.
Креативната работилница ја организираат Регионалната Ромска Образовна Младинска Асоцијација (RROMA) и Eвропска куќа Крива Паланка, во соработка со Дом на култура – Кратово и Музеј на град Кратово.
Скопје - Времето денеска ќе биде променливо облачно, ветровито и студено, претпладне наместа ќе има услови за провејување на слаб снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (над 70 km/h), особено долж Повардарието. Дневната температура ќе биде во интервал од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно, ветровито и студено. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Дневната температура ќе достигне до 8 степени.
Мостар - Претседателот на ХДЗ и хрватски премиер Андреј Пленковиќ изјави дека е уверен оти ЕУ нема да воведе санкции за претставниците на Република Српска, а тоа нема да го направи ниту Хрватска.
-Ми се чини дека иницијативата за усвојување санкции на ниво на ЕУ нема да помине. Следејќи ги позициите на земјите-членки, тоа не е реално, изјави синоќа Пленковиќ во Мостар по средбата со претседателот на ХДЗ БиХ Драган Човиќ, пренесе агенцијата Срна.
Атина – Новинарите во Грција од пет часот утрово започнаа 24-часовен штрајк што е трет во изминатите три месеци, а земјата денеска ќе биде без вести и информативни емисии, јави дописничката на МИА од Атина.
Штрајкот е организиран од Грчката федерација на новинарски асоцијации во кој учествуваат сите новинарски здруженија, се одржува на ден пред утрешниот генерален штрајк во Грција, а главното барање на медиумските работници е потпишување на колективни договори во сите медиумски сектори, односно телевизии, весници, списанија, интернет, радија.
Заклучно со утре наутро телевизиите нема да се емитуваат вести и информативни емисии, а учествуваат и голем дел од информативните портали.
Берлин – Нападите врз новинари и медиумски професионалци во Германија се зголемиле повеќе од двојно во изминатата година, покажа анализата на организацијата за слобода на печатот Репортери без граници (РСФ).
Во својот годишен извештај, групата документирала 89 физички напади врз новинари и згради поврзани со медиуми во Германија во 2024 година, при што повеќето се случиле на митинзи поврзани или со конфликтот на Блискиот Исток, со екстремната десница или со движењето против абортусот.
Брисел - Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте денеска и утре ќе престојува во посета на Јапонија, каде ќе има средби со претставници на јапонската Влада и на бизнис секторот.
Како што соопшти Прес-службата на НАТО, Руте денеска ќе се сретне со јапонскиот министер за одбрана Ген Накатани и ќе ги посети поморската воена база во Јокосука и погон на корпорацијата „Мицубиши Електрик“.
Утре е предвидено Руте да има средби со јапонскиот премиер Шигеру Ишиба и со министерот за економија, трговија и индустрија, Јоџи Муто.
Прага – Профилот на чешкиот премиер Петр Фијала на социјалната мрежа Х утрово бил нападнат, а на него се појавиле лажни објави меѓу другото и за руски напад врз чешки војници, информира владин портпарол.
- Објавата за нападот врз чешките војници не е точна, рекол портпаролот.
Објавата, на која на чешки јазик пишувало дека руските сили ги нападнале чешките трупи во близина на границата со Калининград, подоцна била отстранета.
Женева – Порано или подоцна ќе се случи нова пандемија и тоа не е теоретски ризик, туку епидемиолошка извесност, изјави генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус.
Говорејќи на отворањето на 13-та седница на Меѓувладиното преговарачко тело (ИГНБ), кое подготвува договор за превенција од пандемии, тој потсети на ужасните последици од избувнувањето на КОВИД-19 во светот, нагласувајќи дека „следната пандемија нема да чека“.
Париз - По три месеци денеска треба да заврши судењето на поранешниот француски претседател Никола Саркози за наводно собирање нелегални средства за кампањата од Либија, јави ДПА.
Денеска се очекуваат завршните зборови од адвокатите на одбраната на 70-годишниот поранешен претседател на Петата република, а пресудата ќе биде објавена подоцна.
Саркози се соочува со обвиненија за проневера на јавни средства, поткуп и незаконско финансирање на кампањата.
Њујорк – Намалувањето на средствата за итна помош во храна може да резултира со „смртна казна“ за милиони луѓе, предупреди Светската програма за храна на Обединетите нации (WFP).
Организацијата соопшти дека е длабоко загрижена поради неодамнешните известувања од САД кои укажуваат дека ја прекинале итната помош за храна во 14 земји.
- Ако се имплементира, ова може да биде смртна казна за милиони луѓе кои се соочуваат со екстремен глад, напиша организацијата на X.
Њујорк - Речиси 400.000 луѓе се раселени во Појасот Газа од 18 март, кога Израел ги продолжи воените операции и со тоа го прекина двомесечното примирје, соопшти денеска Кабинетот на генералниот секретар на ОН.
„Преживеаните во Газа неколку пати беа раселени и принудени да се преселат во помали области каде што не може да се задоволат нивните основни потреби“, изјави портпаролот Стефан Дижарик.
Вашингтон - Белата куќа соопшти дека побарала од федералните агенции да назначат главни лидери за вештачка интелигенција и да развијат стратегии за проширување на употребата на вештачката интелигенција во извршната власт, со што ќе се укинат регулативите од мандатот на Бајден кои имаа за цел да воведат заштитни мерки за користење на таа технологија.
Вашингтон - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа изјави дека Израел работи на нов договор за ослободување на заложниците кои ги држеше палестинскиот Хамас во Појасот Газа.
Во изјавата, дадена во Белата куќа во присуство на американскиот претседател Доналд Трамп, Нетанјаху рече: „Во моментов работиме на уште еден договор кој се надеваме дека ќе биде крунисан со успех. И ние сме решени да ги извадиме сите заложници“.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека САД планираат директни разговори со Иран, пренесе ДПА.
-В сабота ќе имаме многу голема средба на која директно ќе се договараме со нив, рече Трамп, додавајќи дека разговорите меѓу двете земји ќе бидат „речиси на највисоко ниво“, пренесе германската агенција .
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа во Белата куќа повторно го изрази своето незадоволство од продолжувањето на руското бомбардирање во Украина.
-Не сум задоволен од тоа што се случува со бомбардирањето, сега бомбардираат како луди, рече Трамп, кој претходно најави дека брзо ќе ја заврши војната во Украина преку преговори.
Вашингтон – Претседателот Доналд Трамп може да депортира наводни странски членови на картел врз основа на контроверзниот воен закон од 18 век, одлучи Врховниот суд на САД.
Тужителите биле приведени во Тексас и затоа требало да поднесат тужба таму, а не во Вашингтон, одлучија судиите.
Врховниот суд на тој начин ја поништи одлуката на федералниот судија Џејмс Боасберг, кој пресуди дека „Законот за странски непријатели“ од 1798 година не обезбедува соодветна правна основа за депортации на осомничени членови на банда и нареди нивно суспендирање.
Техеран - Преговорите меѓу САД и Иран, кои ќе се одржат в сабота, на 12 април во Оман, ќе ги предводат шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, и претставникот на американскиот претседател, Стив Виткоф, објавија иранските државни медиуми.
Британските медиуми наведуваат дека Арагчи претходно потврди дека индиректните разговори меѓу Техеран и Вашингтон ќе се одржат в сабота во Оман.
Пекинг - Кина вети дека ќе преземе решителни контрамерки како одговор на царините наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп, објави Ксинхуа.
-Нема да биде лесно, но ќе победиме, уверуваше Трамп во саботата.
Вчера тој предупреди дека ќе воведе дополнителни 50 отсто царини за кинески стоки доколку Пекинг не ги повлече царините што ги воведе како одговор на неговите.
Сеул – Предвремените претседателски избори во Јужна Кореја ќе се одржат на 3 јуни, а на нив ќе се избере наследникот на Јун Сук-Јеол, кој беше соборен на 4 април откако претходно неуспешниот се обиде да се воведе воена состојба во земјата, објави денеска привремениот лидер на земјата Хан Дук-Су.
„Владата ќе го избере 3 јуни како датум за одржување на 21. претседателски избори во Јужна Кореја“, рече Хан Дук-Су на состанокот на владиниот кабинет, додавајќи дека тој ден ќе биде државен празник за да се олесни гласањето.
Сан Хозе - Претседателот на Костарика Родриго Чавез и министерот за култура Хорхе Родригез, кој претходно беше министер за комуникации, се обвинети поради сомнение дека подмитувале висок владин функционер користејќи средства од Централноамериканската банка за економска интеграција (CABEI), објави главниот обвинител на земјата.
Обвинителството соопшти дека на поранешниот претседателски советник Федерико Круз му биле исплатени 32.000 долари (околу 29.000 евра) за да купи куќа, од средствата доделени од CABEI.
Порт-О-Пренс - Хуманитарната ситуација на Хаити драстично се влошува, соопшти денеска хуманитарната група „Спасете ги децата“.
Моќните банди на островот се повеќе ги туркаат назад лошо опремените и недоволно финансирани безбедносни сили на Хаити, а главниот град Порт-о-Пренс е на работ на колапс.
Во првите три месеци од оваа година се раселени повеќе од 78.500 лица, што е повеќе од двојно во споредба со истиот период од претходната година.
Манила - Ерупцијата на вулканот Канлаон во централниот дел на Филипините продолжува, а од вулканот се издигнува чад на висина од околу 4.000 метри, објави националната сеизмолошка агенција.
Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија (Фиволкс) соопшти дека нивото на предупредување 3 сè уште е на сила за областа околу планината Канлаон.