
Скопје — Во населба Радишани денеска беше поставен камен темелник за изградба на мега-парк со површина од 10.000 метри квадратни, на кој присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министрите за локална самоуправа и транспорт и врски, Златко Перински и Александар Николовски, како и градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски.
Како што истакна Перински, се работи за парк кој ќе се протега на 10.000 метри квадратни, од кои 6.000 ќе бидат зеленило, додека останатите 4.000 метри квадратни ќе бидат пешачки патеки, плоштад и детско игралиште со површина од 400 метри квадратни.
Скопје - По информациите дека Собранието и неделава нема да заседава и да се одржуваат седници на собраниските тела, оттаму денеска информираат дека во законодавниот дом се работи на законски решенија кои од понеделник ќе се пуштаат во процедура, како и дека се очекува да пристигнат предлог закони поднесени од Владата и министерствата.
По вчерашната координација беше соопштено дека присутните консензуално се согласиле имајќи ги во предвид чувствата на сите граѓани по трагедијата во Кочани, изразувајќи почит кон сите загинати и надеж дека повредените ќе се вратат во добра здравствена состојба што поскоро, Собранието да ги откаже сите активности планирани за оваа работна седмица, вклучително и брифинг со новинари.
Скопје - Министерството за економија и труд во наредниот период ќе изготви измени и дополнување на Законот за угостителска дејност во насока проверката на минималните технички услови за работа да се врши пред издавање на лиценцата за работа, како што беше пред 2008 година, најави денеска ресорниот министер Бесар Дурмиши. Министерството, како што рече на прес-конференција во Владата, било задолжено да започне со подготовка на измени на Законот на владината седница одржана на 18 март.
-Овие измени ќе овозможат проверката на минималните технички услови за работа да се врши пред издавање на лиценцата за работа. Со тоа пријавата за исполнување на минималните технички услови за вршење угостителска дејност пред да биде доставена како пропратен документ во барањето за лиценцата ќе треба да има потврда за нејзината веродостојност од Државниот пазарен инспекторат, рече Дурмиши. Порача дека Министерството за економија и труд е посветено на гарантирање дека законот ќе се почитува и додаде дека секој кој се огрешил пред законот треба да одговара.
Скопје - До крајот на месецов треба да се направат пресметките и да се утврди висината на минималната платата и во таа насока веќе е формирана Комисијата за утврдување на репрезентативноста на синдикатите и минатата недела е изгласана на седница на Владата, порача министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
-Тие почнаа да работат за да одберат кој синдикат исполнува услови за да биде репрезентативен. По утврдувањето на репрезентативноста веднаш ќе го свикаме Економско социјалниот совет на кој ќе ја отвориме како тема минималната плата. Доколку работодавачите и синдикатите се договорат за друг начин на утврдување или друга вредност на минималната плата ние ќе бидеме таму за да им помогнеме на двете страни, рече Дурмиши во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата. Нагласи дека очекува Комисијата многу брзо да ја утврди репрезентативноста на синдикатите.
Скопје - Звање доктор на науки во 2024 година стекнале 215 лица, што е зголемување за 23,6 отсто во споредба со 2023 година, соопшти Државниот завод за статистика. Според податоците кои ДЗС ги објави денеска, најголем број од лицата, 22,4 проценти, докторирале во областите здравство и социјална заштита.
- Потоа, 16,7 отсто - уметност и хуманистички науки, следуваат бизнис, администрација и право со 14,4 отсто, општествени науки, новинарство и информирање со 11,6 отсто, а останатите области се со помал процент на застапеност, наведува ДЗС во објавата.
Белград - Двајца пациенти повредени во пожарот во Кочани (18 и 24 години), кои се на лекување во Универзитетскиот клинички центар во Ниш, се преместени од Интензивна нега на одделение на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, јави дописникот на МИА од Белград.
Во Соопштение од тој Клинички центар се нагласува дека „нивната здравствена сотојба е стабилна“.
Пациентите беа примени во Воената болница во Ниш, а потоа префрлени на Универзитетскиот клинички центар во тој град. „Жената (45), која е и најтешко повредената пациентка од пожарот во Македонија и е хоспитализирана во Универзитетскиот клинички центар Ниш, се уште е на одделението за Интензивна нега. Таа е во стабилна постоперативна состојба, веќе не е на респиратор и самостојно дише. Свесна е, но се уште не може да зборува, но е комуникативна“, соопштија од УКЦ во Ниш.
Атина – Трагедијата во Северна Македонија повторно ја отвора дискусијата: за системи за откривање пожар што се деактивираат поради цигари, за опасните „фонтани“ со пиротехника, за бескрупулозните газди, кои ги затвораат излезите за итни случаи и за ослабените инспекциски служби, пишува онлајн изданието на грчкиот весник „То Вима“ што воедно е и еден од низата медиуми во земјата, кои по трагичниот пожар во Кочани, во изминатиот период го поставуваат прашањето: „Колку се безбедни ноќните клубови во Грција?“, јави дописничката на МИА од Атина.
Трагедијата во Кочани ја отвори дискусијата за тоа колку во земјата се почитуваат и спроведуваат сите правила и прописи во дискотеките, медиумите анализираат што предвидуваат соодветните законски одредби за безбедност и противпожарна заштита, но и каква е реалната ситуација на терен, а паралелно од Министерството за цивилна заштита на Грција, во вторникот, на само два дена по пожарот, најавија спроведување вонредни контроли во ноќните клубови.
Истанбул - Лидерот на највлијателната турска опозициска партија ЦХП, Озгур Озел, денеска го посети градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој беше уапсен под обвинение за наводна корупција и се наоѓа во затвор, каде чека судење.
По средбата со Имамоглу, Озел на новинарите им рече дека „се срами во име на оние кои управуваат со Турција поради атмосферата во која се најде земјата и поради ситуацијата низ која поминува Турција“, пренесуваат американските медиуми.
Тој ги опиша Имамоглу и двајца други уапсени градоначалници на окрузите на Истанбул како „три лава, исправени, со кренати глави, без страв, горди на себе, на своите семејства и на своите колеги“.
Koртина - Лидерот на италијанската крајна десница Матео Салвини, заменикот на премиерката на Италија, Џорџа Мелони, изрази надеж денеска дека „кога ќе заврши војната“, украинските и руските спортисти ќе учествуваат на Зимските олимписки игри 2026 година во Милано и Кортина д'Ампецо.
„Бидејќи во тек се мировни преговори и олимпискиот дух треба да биде дух што ги зближува луѓето и спортистите, се надевам... дека Игрите во Милано и Кортина ќе бидат првите каде ќе ги видиме украинските и руските спортисти на патеките“, рече Салвини на отворањето на патеката за боб и санкање за Игрите во 2026 година.
Москва – Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека САД се свесни дека само Вашингтон може да го запре гранатирањето на руски цивилни цели од Украина. - Ми се чини дека нашите американски партнери го добија овој сигнал, тие разбираат дека само Вашингтон може да постигне позитивни резултати во запирање на терористичките напади и запирање на гранатирањето на цивилната инфраструктура, наведе Лавров во интервју за рускиот Канал 1.
Тој посочи дека на средбата со американската делегација во Ријад, Саудиска Арабија, првенствено се разговарало за прашањата за безбедна пловидба во Црно Море.
Киев - Украинската делегација на денешните преговори со делегацијата на САД во Ријад ја предводи заменик-шефот на кабинетот на претседателот на Украина, Павло Палица, соопшти советникот на шефот на претседателскиот кабинет, Сергиј Лешченко, во изјава за националната телевизија.
-Денеска имаме делегација предводена од заменикот на Андриј Јермак, легендарниот командант на 93-та бригада 'Холодни Јар', а претходно командант на 5-та јуришна бригада, Павло Палица. Тој остана во Ријад уште еден ден за да одржи дополнителна средба со Американците, по нивната средба со нашите непријатели, изјави Лешченко.
Лондон - Велика Британија денеска даде зелено светло за нов патен тунел од 10 милијарди фунти под реката Темза во југоисточна Англија, во својата најнова поддршка на инфраструктурниот проект што ќе помогне за заживување на забавената економија.
Британската лабуристичка влада се обидува да го забрза процесот на планирање на испораката на нови енергетски и транспортни проекти откако беше избрана минатата година, со поддршка за проширување на лондонските аеродроми Хитроу и Гетвик. Преминот Долна Темза, кој се состои од 23 километри тунели и патишта, доби одобрение за изградба од министерката за транспорт Хајди Александар, соопшти Инспекторатот за планирање.
Копенхаген - СAД вршат неприфатлив притисок врз Гренланд, изјави за ТВ2 данската премиерка Мете Фредериксен, пред посетата на висока американска делегација на полуавтономната данска територија оваа недела.
Посетата на американската делегација, која ќе трае од четврток до сабота, ќе ја предводи Уша Венс, сопруга на потпретседателот Џеј-Ди Венс, заедно со советникот за национална безбедност на Белата куќа, Мајк Волц, и секретарот за енергетика Крис Рајт.
Брисел - Како резултат на зајакнатиот притисок предизвикан од заситеноста на глобалниот пазар на челик, зголемениот извоз од Кина и создавањето трговски бариери на клучните пазари, како американскиот, Европската комисија денеска донесе одлука за заострување на заштитните мерки за челичната индустрија во ЕУ.
Тие мерки, меѓу другото, предвидуваат ограничување на количеството на челик што може да се увезува во ЕУ без царини, како и укинување на можноста за странските извозници за искористување на неискористени квоти за извоз на други држави.
Њујорк - Мисијата на ОН во Украина е во оваа фаза „многу хипотетичка“, изјави денеска заменик генералниот секретар на ОН задолжен за мировни операции, Жан- Пјер Лакроа.
„Мислам дека можете да кажете дека е многу, многу хипотетички“, рече Лакроа, француски дипломат задолжен за мировните операции од 2017 година. „Очигледно, бидејќи прашањето е на маса, размислуваме за тоа“, додаде тој пред новинарите. Европа разговара за безбедносните гаранции што ќе ги даде на Украина во случај на прекин на непријателствата, вклучително и распоредување на копнени трупи.
Њујорк – Портпаролката на Обединети нации, Александра Велучи изјави дека ОН за една третина ќе го намали меѓународниот персонал во Појасот Газа поради загриженост за нивната безбедност.
- Се обидуваме да го намалиме бројот на меѓународен персонал за околу една третина и тоа поради што генералниот секретар Антонио Гутереш нема моќ да ја гарантира безбедноста на персоналот на ОН, наведе Велучи. Таа додаде дека од намалувањето ќе бидат погодени Светската програма за храна, Светска здравствена организација и УНИЦЕФ.