МИА Радио флеш
- 9 јануари 2024
9 јануари 2024
Скопје - Девизните резерви на крајот на декември 2024 година изнесувале 5.019 милиони евра и во однос на претходниот месец бележат зголемување за 99 милиони евра, соопшти Народна банка.
Најголем дел од девизните резерви се пласирани во хартии од вредност (70,1%), по што следуваат валутите и депозитите (18,8%) и монетарното злато (11%).
Скопје - Со македонски пасош без визи може да се патува во 129 земји, што го рангира на 40-то место според индексот на најмоќни патни исправи во светот за 2025 година, на британската консултантска компанија Хенли & Партнерс.
Индексот на Хенли & Партнерс е најчесто цитираното рангирање на пасоши и се заснова на официјални податоци од Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА). Примарниот одлучувачки фактор за одредување колку е „моќен“ пасошот е во колку земји може да се влезе со него без виза.
Северна Македонија го дели 40. место со Црна Гора и Маршалските Острови. Од регионот најдобро позиционирани се Грција на шестото и Словенија на 10 место. Хрватска е на 11-то, Бугарија е 15-та, Србија 34-та. Пасошот на Албанија е на 43 позиција, на Босна и Хрцеговина на 44, а на Косово е 63-ти.
Букурешт, 9 јануари 2025 (МИА) - Генерал-мајор Флорин Барбу ќе ја преземе командата со мисијата ЕУФОР Алтеа во Босна и Херцеговина на крајот на јануари, соопшти романското Министерство за одбрана.
Скопје - АД ЕСМ склучи договор со фирмата „Топлина“, за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина во РЕК Битола. Станува збор за привремено ангажирање на економски оператор до изборот на изведувач на објавениот јавен повик, соопштија од АД ЕСМ.
Од компанијата нагласуваат дека изборот е направен со претходно добиена согласност од Бирото за јавни набавки, а итноста се должи на потребата од обезбедување на доволни количини на јаглен за континуирано производство на електрична енергија во термоелектраните „Битола“.
За време на постапката, Комисијата за јавни набавки при АД ЕСМ, испратила покани до пет компании кои во последните пет години за истиот предмет на набавка во својство на самостојни понудувачи редовно учествувале на јавните огласи за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина во РЕК Битола. Најниска цена за услугите понудила фирмата „Топлина“ и според преговараните услови, избраниот изведувач ќе ги извршува задачите за околу 15 отсто пониска цена во однос на економскиот оператор со кој на почетокот на минатиот месец РЕК Битола еднострано ја раскина соработката заради непочитување на одредбите од договорот, посочија од АД ЕСМ.
Скопје, - Во последното деноноќие имало пет пожари на отворен простор и сите се изгаснати, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Четворица скопски пожарникари вчера, од 16:50 до 17:40 часот, со едно противпожарно возило гаснеле запалено ѓубре на обиколница кај Качанички пат, Општина Чучер Сандево.
ТППЕ Штип вчера, од 15:45 до 16:45 часот, гаснела запалена ниска вегетација и стрниште во атар на село Горни Балаван.
Четворица пожарникари од ТППЕ Кочани вчера, од 12:39 до 13:50 часот, со две возила интервенирале на запалена ниска вегетација и нискостеблеста шума кај село Бали. Четворица пожарникари со две возила вчера од 13:58 до 16:00 часот гаснеле запалена ниска вегетација и нискостеблеста шума кај месноста Мегдан во Општина Кочани. Пожарникарите вчера гаснеле и запалена дива депонија кај Стара касарна во Кочани.
Софија - Лидерот на ултаранационалистичката и крајнодесничарската бугарска партија „Преродба“, Костадин Костадинов, ја повика владата во Софија официјално да објави претензии за припојување на Македонија и на украинската област Јужна Бесарабија кон Бугарија.
Во објава на социјалната мрежа Фејсбук, Костадинов ги поддржува изјавите на новозибраниот претседател на САД Доналд Трамп за Канада и Панамскиот канал, и наведува дека е потребно и Софија јавно да излезе со барање за припојување на Македонија и Јужна Бесарабија кон Бугарија.
„Претензиите на Трамп кон Канада се целосно оправдани. Нема ништо пологично и понормално од две земји со заедничка историја, заедничко потекло, заеднички јазик и, во голема мера, ист народ, како што се САД и Канада, да станат една земја. Истото важи и за претензиите на Трамп за Панамскиот канал. Впрочем, САД се првиот сопственик на земјиштето на каналот, тие го градеа и го поседуваа до 1979 година. Затоа „Преродба“ целосно ги поддржува тврдењата на новоизбраниот американски претседател.
Тирана - Регистрацијата на гласачите за албанската дијаспора за учество на парламентарните избори на 11 мај официјално ќе започне в сабота.
За оваа категорија, Централната изборна комисија на својата веб-страница ќе вклучи посебна опција која им овозможува на сите Албанци кои живеат во странство да се регистрираат преку компјутер или мобилен телефон.
Се што им треба е албанска лична карта и адреса во странство.
Платформата ќе остане отворена за регистрација до 6 март.
Со измените и дополнувањата на изборниот законик за првпат албанската дијаспора ќе може да гласа на претстојните 11. по ред парламентарни избори.
Букурешт - Генерал-мајор Флорин Барбу ќе ја преземе командата со мисијата ЕУФОР Алтеа во Босна и Херцеговина на крајот на јануари, соопшти романското Министерство за одбрана.
За поддршка на заедничките напори во рамките на операцијата, романските вооружени сили вчера го распоредија одредот „Дакиан Пумас“, составен од околу 100 војници и четири хеликоптери ИАР-330 за транспорт, извидување и медицинска евакуација, пренесуваат романските медиуми.
Целта на мисијата ЕУФОР Алтеа, која почна во декември 2004 година врз основа на мандат од Советот за безбедност на ОН, е да ја поддржи обединетата стратегија на Европската унија за БиХ, обезбедувајќи безбедна и стабилна средина, особено преку поддршка на јавните власти и заедничка обука на вооружените сили на БиХ, соопшти романското Министерство за одбрана.
Брисел – Европскиот суд на правдата денеска донесе прелиминарна одлука според која зачестеноста на приговорите поднесени до надлежните органи за заштита на податоците согласно Општата регулатива на ЕУ за заштита на податоците (ГДПР), нема никакво влијание врз нивната валидност.
- Барањата не можат да се оквалификуваат како „прекумерни“, само поради нивниот број во одреден период, се вели во пресудата.
Пресудата е донесена врз основа на случајот во кој здружението на автомобилската индустрија АДПА отфрлило приговори на еден субјект со образложение дека нивниот број биле прекумерен. Имено, според АДПА, конкретното лице во периодот меѓу 2018 и 2020 година доставило 77 приговори, а покрај тоа и „редовно ги контактирало по телефон со дополнителни барања“.
Брисел – Во американската воздухопловна база „Рамштајн“ во Германија денеска ќе се одржи состанок на Контакт групата за одбрана на Украина на министерско ниво.
Домаќини на средбата се американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и началникот на Здружениот генералштаб на Вооружените сили на САД, генерал Чарлс Браун, а меѓу останатите на неа ќе присуствуваат и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.
Според најавата, состанокот ќе биде можност да се разговара и да се координира понатамошната воена поддршка на Украина.
Газа - Претставници на Хамас во Газа тврдат дека најмалку 12 лица, меѓу кои три девојчиња, загинале во денешните израелски воздушни напади.
Според Цивилната одбрана на Газа, три девојчиња и нивниот татко биле убиени кога нивната куќа во бегалскиот камп Нусејрат во центарот на Газа била погодена во напад.
Во одделен напад, осум лица загинаа кога нивната куќа беше погодена во градот Џабалија во северниот дел на Газа.
Токио - Јапонската метеоролошка организација денеска објави дека била цел на кибер напад, при што привремено бил оневозможен пристапот до нејзината информативна веб-страница, но експертите набрзо успеале да ја вратат страницата.
Организацијата соопшти дека нејзината веб-страница „tenki.jp“ била под таков хакерски напад во кој мрежата ја преплавуваат голем број податоци од повеќе извори за краток временски период, пренесуваат јапонските медиуми.
Во серија неодамнешни кибер напади биле зафатени јапонски компании, вклучувајќи ги „Џапан Ерлајнс“, NTT Docomo Inc и големите банки.