• сабота, 12 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Радио флеш

10 март 2025 

Скопје - На денешната седница на Судскиот совет на Република Северна Македонија беше избран претседател на битолскиот Апелационен суд, како и претседатели на Основните судови во Гевгелија, Кавадарци и Кочани.

Со 13 гласа „за“, судијата Жаклина Доведен беше избрана за претседател на Апелационен суд - Битола. Со 10 гласа „за“ и три „против“, судијата Маја Аврамова беше избрана за претседател на Основен суд - Гевгелија.  Тринаесет гласови „за“ доби единствениот кандидат за претседател на Основен суд - Кавардарци, Елизабета Петковска.

За претседател на Основен суд - Кочани имаше само еден кандидат, Спиро Борисов, откако другиот кандидат претходно се повлече. Тој беше избран со 12 гласа „за“, по констатација дека еден член недостасува во салата.

Скопје - Набрзо ќе биде избран в.д. претседател на Врховниот суд, а изборот доцни бидејќи се уште не се спроведени постапките за интегритет и психолошкиот тест, порача денеска претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски.

-Комисијата не успеа да го направи тоа, бидејќи имавме повеќе од 70 кандидати од Академија, кои исто така се тестираа. Претпоставувам тоа беше причината што повеќе се даде приоритет таму, бидејќи има многу кандидати и така се пролонгира постапката. Меѓутоа за брзо време ќе биде избран. Затоа изборот е ставен на седница на Судски совет, бидејќи во среда истекува мандатот на актуелниот претседател на Врховен суд, изјави Камбовски пред почетокот на седницата на Судски совет.

Прашан дали денешната и за утре закажаната седница на Судски совет се користат како алиби за нивните членови, за кои се бара интерпелација, да не присуствуваат на седницата на Собранието, Камбовски рече дека немале таква намера. 

Скопје - Апелациониот суд Скопје денеска соопшти дека е укината мерката притвор за обвинетиот Валмир Етеми, кој е организатор на групата за трговија со дрога и оружје во охридско-струшкиот регион со прифаќање гаранција во вкупен износ од над 600 илјади евра. На обвинетиот му се определени мерки на претпазливост.

-Апелациониот суд Скопје во интерес на јавноста и медиумите информира дека постапувајќи по кривичниот предмет KСЖ-162/25, на нејавна седница одржана на ден 06.03.2025 година, ја уважи жалбата на обвинетиот В.Е од С. Решението на Основниот кривичен суд, го преиначи на начин што ја укина мерката притвор определена спрема обвинетиот В. Е. од С. со прифаќање гаранција во вкупен износ од 618.147 евра или во денарска противвредност од 38.016.040,50 денари. Истовремено спрема обвинетиот В. Е. од С, се определени мерки на претпазливост, согласно член 146 став 1 точка 2 и 3 од ЗКП, се наведува во соопштението од скопскиот Апелационен суд .

Скопје - Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски ги отфрли обвинувањата од опозициската СДСМ  за конфликт на интерес, непотизам и сомнение за корупција во Министерството во врска со две јавни набавки во вредност од 50.000 евра што ги добила фирма која е во сопственост на сопругот на државната секретарка во ова Министерство.

-Министерството за дигитална трансформација е посветено на транспарентост, отчетност и законитост во работењето. Во Министерството за дигитална трансформација во последните осум месеци се спроведени десетици јавни набавки. Само во еден случај постоела жалба при спроведувањето, и со нејзино делумно прифаќање истата е поништена. Во врска со наводите на СДСМ, која се уште не може да се помири дека не ги води институциите со криминал и наместени јавни набавки, сметаме дека и самите не веруваат во она што го зборуваат, вели Андоновски.

Скопје - Граѓаните можат електронски да аплицираат и да ги добијат шесте најкористени услуги на Агенцијата за катастар, меѓу кои и вадење имотен лист на веб порталот uslugi.gov.mk како резултат на соработката на Агенцијата со Министерството за дигитална трансформација, вели министерот за дигиотална трансформација Стефан Андоновски. 

-Најкористените шест услуги од Агенцијата за катастар со добра соработка помеѓу двете институции, се веќе достапни на порталот услуги.гов.мк. што значи извод од катастарски план, катастарски проект, урбанистички проект, проект на градба и имотен лист како најкористена услуга од Катастарот, се веќе достапни на порталот. Освен на порталот тие ќе бидат достапни за користење и во сите центри за услуги кошто ги имаме, изјави Андоновски на новинарско прашање на денешната прес - конференција.

Бања Лука - Претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик денеска не се појави на сослушувањето во Обвинителството на Босна и Херцеговина (БиХ) во Сараево, кое го сомничи за напад на уставниот поредок на БиХ.

Сослушувањето на Додик во Обвинителството на БиХ беше закажано за 12 часот, но тој, како што претходно најави, не се одзвал на поканата, објави сараевскиот портал Кликс.ба. Додик претходно изјави дека РС не ги признава активностите на Обвинителството на БиХ на нејзина територија. Според Законот за кривична постапка на БиХ, на Додик ќе му биде испратена уште една покана за сослушување.

Атина – Пратеникот Николаос Пападопулос од грчката радикално десничарска партија Победа, претпладнево беше уапсен откако упаднал во Националната галерија, нанел штета на витрини и експонати поради изложба што според него е богохулење, јави дописничката на МИА од Атина.

За оваа изложба пратеникот пред неколку дена испратил писмо до Националната галерија и побарал да се повлечат конкретни експонати за кои смета дека се богохулни, а паралелно побарал одговори и од министерката за култура на Грција.

Атина – Ви благодарам за вашиот петгодишен придонес за земјата како прва жена претседател, која остави свој уникатен и посебен белег, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на средбата со претседателката Катерина Сакеларопулу, со оглед на тоа што ова е нивна последна средба, бидејќи в четврток новоизбраниот претседател Константинос Тасулас ќе ја преземе функцијата, јави дописничката на МИА од Атина.

Сакеларопулу, која се заблагодари „за честа и довербата од пред пет години“, кога беше избрана за претседателка, истакна дека „особено во тешки времиња, политичката култура и политичкото разбирање се попотребни од кога било“.

Брисел - Европската Унија останува на претходно изнесената позиција за Гренланд и ќе продолжи да ги поддржува принципите на територијален интегритет и неповредливост на границите и на Повелбата на ОН, за зачувување на територијалната целовитост на Данска, изјави денеска портпаролката на Еврокомисијата комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер. 

- Суверенитетот и неповредливоста на (данските) граници е од суштинско значење за Европската унија и целосно го поддржуваме Кралството Данска, додаде Хипер. 

Брисел – Европската комисија нема коментар на одлуката на Централната изборна комисија на Романија за отфрлање на номинацијата на екстремно десничарскиот кандидат Калин Ѓорѓеску за учество на мајските претседателски избори во земјата, изјави денеска портпаролот на ЕК за внатрешни работи, демократија, правда и владеење на правото Маркус Ламерт.  

- Изборите се национална надлежност и Комисијата не го коментира романскиот изборен процес, кој што е во надлежност на романските власти и на романскиот народ, изјави Ламерт. 

Тој додаде дека за спроведување на изборите во една членка на ЕУ одговорни се националните власти на земјата и конечната одлука на гласањето е на нејзините граѓани. 

Париз - Еден од лидерите на француската крајна десница, Џордан Бардела, денеска оцени дека Русија претставува „мултидимензионална закана за Франција“ и Европа.

Бардела изјави за радиото Франс Интер дека „Русија сега е јасно повеќедимензионална закана за Франција и европските интереси“. Тој како пример ги наведе руското мешање за време на изборната кампања за парламентарните избори и ситуацијата во Црното Море, каде редовно се на мета француски воени бродови.

-Основното прашање што мора да си го поставиме е дали Русија ги загрозува француските интереси до тој степен што ќе се најдеме лице в лице и во војна со земја која е нуклеарна сила, рече Бардела, претседател на екстремно десничарската партија, Национален собир.

Киев - Врховниот командант на украинската армија Олександр Сирски денеска изјави дека при назначувањето на команданти во армијата, предност им се дава на младите офицери со борбено искуство, пренесе Укринформ.

„Ги слушав командантите на корпусот во однос на процедурата за спроведување на приоритетните мерки за формирање на корпус дивизии. При назначувањето на командантите на корпусот приоритет имаа млади перспективни офицери кои веќе имаат доволно борбено искуство и кои се истакнале со ефективни акции на чело на бригадите“, рече Сирски по месечниот работен состанок на воените лидери.

Како што се наведува, тој наредил итно решавање на најпроблематичните прашања. 

Москва - Руските сили денеска направија натамошен напредок во регионот Курск како дел од големата операција за принудување на илјадници украински војници да го напуштат западниот руски регион или да се предадат, објавија проруските воени блогери.

Украинската војска зазеде околу 1.300 квадратни километри во Курск во август во акција што Киев ја опиша како обид да се добие „адут“ за идните преговори и да се принуди Русија да ги премести силите од источна Украина за да го брани Курск.

Минск - Белорускиот претседател Александар Лукашенко го назначи Александар Турчин за нов премиер, јави ДПА.

„Како што ветив, земјата ќе ја води нова генерација“ политичари, рече 70-годишниот претседател по разрешувањето на голем број министри во изминатите неколку дена.

Пред да биде назначен за премиер, 49-годишниот Турчин беше претседател на Регионалниот извршен комитет на Минск, а претходно беше и вицепремиер.

Газа - Палестинската милитантна група Хамас денеска соопшти дека чека Израел да се согласи да премине кон спроведување на втората фаза од договорот за прекин на огнот во Појасот Газа.

Хамас вели дека покажува „флексибилност“ во преговорите за договор за прекин на огнот со посредниците и дека го чека исходот од напорите на Египет, Катар и САД во преговорите со Израел, објави „Тајмс оф Израел“.

Во соопштението се истакнува дека преговорите се фокусираат на завршување на војната, повлекување на израелските војници од Појасот Газа и реконструкција на енклавата.

Остани поврзан