МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
5 декември 2024
Скопје - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски денеска во свечената сала на Владата, ќе одржи состанок со претставниците на стопанските комори во однос на промоција на новогодишната потрошувачка кошничка.
Како што соопштија од владината прес-служба, новогодишната потрошувачка кошничка се состои од листа на прехранбени производи и алкохолни и безалкохолни пијалаци предложени од страна на производителите и трговците кои за време на новогодишните празници ќе бидат понудени на потрошувачите по ниски цени.
По состанокот, премиерот Мицкоски ќе одржи прес-конференција.
Брисел– Вицепремиерите Александар Николоски и Арбен Фетаи денеска во Брисел ќе учествуваат на традиционалниот форум во организација на бриселскиот тинк тенк Пријатели на Европа, „Самит ЕУ-Западен Балкан“, кој годинава е насловен „Обновен пристап кон регионот“.
Целта на „Самитот“ е да се изгради кохезивна и сеопфатна стратегија за интегрирање на регионот на Западниот Балкан во ЕУ, притоа приспособувајќи ги неговите амбиции и политики на новата реалност на проширена и посложена Европа.
Во најавата на форумот организаторите посочуваат дека поради геополитичката итност создадена од руската инвазија врз Украина, до 2030 година Европската Унија би можела да прими неколку нови земји членки од Западниот Балкан и од Источна Европа.
- Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, постсоветските - Грузија, Молдавија и Украина и Западниот Балкан се како две страни на една иста паричка. Двата региони се клучни во обликувањето на идниот пејзаж на ЕУ. На нивниот интегративен пат, Молдавија, Украина и Западниот Балкан се соочуваат со слични предизвици поврзани со владеењето на правото, реформите во правосудството и борбата против корупцијата, геополитичкиот притисок и странските мешања и манипулации со информациите, се наведува во најавата.
Скопје- Во општина Липково во билизина на Филтер станицата денеска првиот потпретседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, ќе ја започне акцијата на садење дрвца, како дел од проектот за пошумување на деградирано земјиште на екстремно неповолни терени, со вкупна површина од околу 400 хектари во целата држава.
Целта на акцијата е обновување на шумскиот фонд, заштитување на почвата од ерозија во близина на еден важен капитален стратешки објект, како што е Липковското езеро, преку кој се обезбедува водоснабдување на оваа општина.
Активноста се спроведува во рамки на проектот кој е финансиски поддржан од Глобалниот еколошки фонд ГЕФ 6, со вкупна вредност од 500 илјади долари, а се спроведува од Министерството за животна средина и просторно планирање со поддршка од Програмата на Обединетите Нации за животна средина (УНЕП).
Скопје - Македонија и Унгарија негуваат традиционално пријателство и партнерство. Нашата земја ја очекува поддршката од Унгарија за скоро отворање на преговорите со Европската Унија и изнаоѓање решение на спорот со Бугарија. Ова го истакна заменик министерката за европски прашања и заменик главен преговарач со ЕУ, Викторија Трајков на средбата со Золт Бунфорд, специјален пратеник на Унгарија за Западен Балкан и еден од најистакнатите поборници за проширување на ЕУ кон Западен Балкан.
Трајков, како што соопшти нејзиниот Кабинет, ги истакнала досегашните достигнувања на нашата земја во делот на евроинтегративните процеси, опишувајќи ги како јасен доказ за посветеноста на нашата земја на патот кон ЕУ. Заменик министерката истовремено изразила благодарност за постојаната поддршка на Унгарија за нашите интегративни процеси.
Скопје - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски денеска ќе престојува во посета на Прилеп.
Како што соопшти Министерството, Трипуновски ќе посети откупен пункт за тутун при Тутунскиот комбинат - Прилеп, по што предвидена е изјава за медиуми.
Скопје - Во Собранието денеска седница ќе одржат две комисии - Комисијата за прашања на изборите и именувањата и Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика.
Членовите на Комисијата за прашања на изборите и именувањата ќе дискутираат по барањата за остварување на плата по престанок на функцијата член на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, разгледувањето барања за остварување на плата по престанок на функцијата член на Државната комисија за одлучување во втор степен од областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, разгледувањето барања за остварување на отпремнина при заминување во пензија од поранешни членови на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.
Скопје - Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска по повод одбележувањето на Меѓународниот ден за борба против корупцијата организира настан заедно со партнерите од Проектот на УСАИД за партнерство против корупцијата и Проектот „Заедници со интегритет“, финасисран од Владата на Швајцарија, имплементиран од Националниот Демократски Институт, и со поддршка на Собранието на Република Северна Македонија.
Како што соопштија од ДКСК, целта е да се зајакне борбата против корупцијата на сите нивоа на управување.
На настанот што ќе се одржи во Собранието на Република Северна Македонија, ДКСК најавија воведни обраќања на претседателот на Собранието Африм Гаши, на министрите за правда и за локална самоуправа Игор Филков и Златко Перински, а меѓу другите голем број учесници и швајцарската амбасадорка Вероник Улман, директорката на Бирото за јавни набавки Маре Богева Мицковска, како и директорот на Финансиската полиција Слободан Ивановски.
Скопје - Се зајакнуваат капацитетите и надлежностите на Граничната меѓуагенциска единица на царинските и полициските службеници на Меѓународниот аеродром Скопје, при што единицата ќе делува и на аеродромот во Охрид. Борбата со организираниот криминал бара ефикасен и брз одговор на единиците на меѓународните аеродроми во Југоисточна Европа. Ние мора да возвратиме посилно и со здружени сили кон секој обид за криминал.
Ова го истакнал директорот на Царинска управа, Бобан Николовски, на првиот регионален состанок на Управувачкиот комитет за Фаза 2 на „Програмата за промовирање на владеење на правотo и добро владеење, преку спроведување на мерки за гранична контрола на пристаништа и аеродроми за Југоисточна Европа“, како заедничка активност на ЕУ и Канцеларијата на ОН за дрога и криминал, што се одржува во Тирана.
Скопје - Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) денеска организира форум „Здружени“ во рамки на кампањата 16 дена активизам: #НемаОправдување: Преземете акција за ставање крај на насилството врз жените и девојчињата.
Форумот е организиран со поддршка на Телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените UN Women.
Како што најавија организаторите, на форумот ќе се обрати претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, пратеничката Лидија Петкоска, која е воедно и член на Комисија за еднакви можности во Собранието, членови на Лоби групата за родова еднаквост на ЗЕЛС, како и координаторите и претставниците од комисиите за еднакви можности и лицата одговорни за социјална заштита од општините.
Скопје - Во Музејот на Република Северна Македонија, вечер, со почеток во 18:30 часот ќе биде отворена изложбата „Богородица мост помеѓу небото и земјата“.
Иконите и фреските што се претставени на изложбата се само мал дел од многуте предмети од богатите колекции на Музејот.
-Во дел од збирките на Музејот се наоѓаат икони и фрескокопии од целата територија на Македонија, коишто претставуваат важен дел од уметничкото богатство. Тие не се само уметнички дела, туку и духовни симболи коишто верниците ги користат за да се поврзат со божественото. Ликот на Богородица, како заштитничка и мајка, нуди утеха и надеж, а тоа ја прави една од најчестите фигури во христијанската уметност, бидејќи нејзиниот живот на земјата бил исполнет со морална чистота, светост и со добри дела. Преку нејзиното девствено зачнување на Спасителот, таа е мостот помеѓу небото и земјата. Низ вековите се развиле мноубројни теми и циклуси поврзани за нејзиниот лик и дело, произлезени од старозаветните книги, наведуваат од Музејот.
Скопје - Концерт на турска џез музика насловен „Виорот на Анадолија“, со настап на турските музичари Анил Шалиел на саксофон и Мареечи Асу на деф, ќе се одржи вечер во Националната опера и балет во Скопје, со почеток во 20 часот.
Концертот го организира Турскиот културен центар „Јунус Емре“ – Скопје, како заокружување на овогодишната активност, а целта е приближување на турската култура во земјава. Организаторите најавуваат единствена музичка авантура во која се спојуваат звуците на Анадолија со магијата на џезот, незаборавни дела од легендарните уметници Ашик Вејсел и Зеки Мурен оживуваат на Балканот преку џез интерпретации.
Скопје - Црвениот крст на Република Северна Македонија со пригоден настан ќе го одбележи 5 декември, Светскиот ден на волонтерството, ден посветен на признавање на несебичната посветеност и придонес на волонтерите ширум светот.
Овој ден, посочуваат, е можност да се истакне важноста на волонтерството како двигател на позитивни промени во општеството. Волонтерите се срцето на заедниците – тие работат несебично за да помогнат каде што е најпотребно, внесувајќи надеж и солидарност. Нивната посветеност не само што ги подобрува животите на поединците и заедниците, туку придонесува и за глобални цели како што се правдата, еднаквоста и одржливиот развој.
Скопје - Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Слаб снег провејува во Тетово, Попова Шапка, на планинскиот превој Стража и Маврово.
Намалена видливост поради појава на магла до 50м. има на планинскиот превој Плетвар.
Сите патни правци во државата се проодни без забрани, застои и ограничувања.
На одредени патни правци кои поминуват низ клисури и усеци можна е појава на поситни одрони.
Од 15.11.2024 година започнува законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2025 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Скопје- Времето денеска ќе биде претежно облачно со локални врнежи од дожд, а на планините и на некои повисоки места од снег. Врнежите повремено ќе бидат пообилни во западните делови, а на планините дополнително ќе се зголеми снежната покривка. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје времето ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Од УХМР информираа дека во петок и сабота ќе има услови за појава на магла по котлините и слаб локален дожд. Од недела и во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, наместа поројни и пообилни, проследени со појава на ретки грмежи. Во недела ќе дува засилен до силен јужен ветер (над 60 km/h).
Париз- На француската влада на премиерот Мишел Барние синоќа со мнозинство гласови и беше изгласана недоверба во Парламентот, по што Барние денеска ќе поднесе оставка до претседателот Емануел Макрон. Според француски медиуми, Макрон вечерва ќе и се обрати на нацијата.
Како што пренесува „Фигаро“, по „историското гласање за недоверба“, Барние денеска во 10 часот ќе поднесе оставка до Макрон, додека телевизиското обраќање на шефот на државата до нацијата е планирано за 20 часот, соопшти Елисејската палата.
Валета - Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров пристигна во Малта, каде што ќе учествува на годишниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите од ОБСЕ, јавија руските медиуми.
Тоа е прва посета на Лавров на земја од ЕУ од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година. Лани Лавров беше во Скопје, во тоа време претседаваше со ОБСЕ, но една година претходно, Полска, која ја имаше истата функција, одби да му дозволи на рускиот министер да учествува на годишниот состанок на ОБСЕ.
Москва – Министерството за надворешни работи на Русија соопшти дека Малта и ја укинала визата на портпаролката Марија Захарова пред состанокот на Министерскиот совет на ОБСЕ, што се одржува во земјата.
Откажувањето и било соопштено на руската делегација пред нејзините членови да се качат во авионот што требаше да ги однесе од Москва до Малта, се додава во соопштението.
- Ова е случај без преседан виза одобрена од малтешкото претседателство со ОБСЕ на портпаролката Захарова да биде повлечена пред настанот со причина која гласи „поради околности што се вон наша контрола“, соопшти руското Министерство.
Вашингтон - Највисокиот американски воен офицер, генералот на воздухопловните сили Чарлс Квинтон Браун, минатата недела телефонски разговарал со началникот на рускиот Генералштаб, Валериј Герасимов, соопшти синоќа американската војска . Тоа е првпат Браун да разговара со својот руски колега, јавија американски медиуми.
„Лидерите разговараа за голем број глобални и регионални безбедносни прашања, вклучувајќи го и тековниот конфликт во Украина“, наведе портпаролот на Браун во изјавата.
Реткиот повик се случи на 27 ноември, но „на барање на генералот Герасимов, генералот Браун се согласи да не го објави проактивно повикот“. Барањето за повикот беше упатено од руското Министерство за одбрана, рече портпаролот.
Пјонгјанг – Стапи во сила договорот за сеопфатно стратешко партнерство меѓу Русија и Северна Кореја, што во јуни го потпишаа севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун и рускиот претседател Владимир Путин, јавија денеска медиумите на двете земји.
- Договорот за сеопфатно стратешко партнерство меѓу Демократската Народна Република Кореја и Руската Федерација стапи во сила на денот на размената на инструментите за ратификација во согласност со член 22 од договорот – 4 декември 2024 година, јави денеска корејската агенција КЦНА.
Во извештајот на агенцијата се наведува дека протоколот за размена на инструменти за ратификација го потпишале заменик министерот за надворешни работи на КНДР Ким Џонг-ју и заменик министерот за надворешни работи на Руската Федерација Андреј Руденко.
Мoсква- Русија е подготвена да го поздрави секое посредување во преговори за постигнување мир во Украина, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Подготвени сме да го поздравиме секој напор за посредување“, изјави Песков за руски медиуми.
Рускиот претседател Владимир Путин на прес-конференција во Астана минатата недела потврди дека Русија е подготвена да преговара со Украина под условите што тој претходно ги наведе. Во јуни Путин презентираше иницијативи за мирно решавање на украинскиот конфликт, а според тој предлог Москва веднаш ќе го прекине огнот и ќе изрази подготвеност за преговори по повлекувањето на оружените сили на Украина од украинската територија анектирана од Русија.
Сеул – Демократската партија на Јужна Кореја, главната опозициска политичка сила, соопшти дека планира постапката на гласањето за импичмент на претседателот Јун Сук-Јеол да ја поднесе за гласање во 19 часот по локално време в сабота, јави денеска весникот Чосун Илбо.
Лидерот на владејачката Народна партија во Националното собрание истакна дека сите пратеници од оваа партија едногласно ќе гласаат против предлогот.
- Сите 108 пратеници на Народната партија едногласно ќе ја отфрлат постапката за импичмент против претседателот, рече Чу Кјунг-хо на партиски состанок.
За смена на претседателот на државата, на опозицијата и се потребни гласовите на осум пратеници од владејачката партија.
Тбилиси - Грузиски опозициски лидер беше насилно извлечен од канцеларијата на неговата партија од страна на полицијата, а други беа физички нападнати откако премиерот Иракли Кобахидзе вети дека организаторите на еднонеделните проевропски протести во Тбилиси, кои тој ги нарече „насилни акции“, ќе се соочат со правдата, јави денеска Би-Би-Си.
Нико Гварамиу (48), лидерот на про-ЕУ партијата Ахали - една од четирите опозициски групи - беше насилно извлечен од полицијата од седиштето на неговата партија во Тбилиси, додека други опозициски лидери беа нападнати од заседа по состанок во хотел и одлучиле да инсистираат на општ протест.
Ханој - Дванаесет виетнамски војници загинаа во експлозија за време на воена вежба, јави ДПА, повикувајќи се на соопштение на Министерството за одбрана.
Инцидентот се случил во понеделникот вечерта на вежбовен полигон во јужната виетнамската провинција Донг Наи додека војниците од 7-от воен округ тренирале за борбени операции при тешки временски услови и на тежок терен, се вели во соопштението.
Загреб- Европската комисија во својот извештај предлага пет мерки за Хрватска во системот на пензиско осигурување, јавија хрватски медиуми. Поради лошите демографски движења, односно стареењето на населението, целта е да се поттикне подолго да се работи до пензионирање, но и да се обесхрабри предвременото пензионирање.
Тука доаѓаме до омразениот предлог за постепено зголемување на старосната граница за старосна пензија. Но, Европа укажува и на работи од кои имаат корист пензионерите, а тоа се зголемување на неоданочениот дел од пензијата, поправеден модел на усогласување и заштита на пензионерите со ниски примања, наведуваат медиумите.
Подгорица - Од 81 пратеник во Парламентот на Црна Гора, 28 од нив во ноември добиле над 2.000 евра, покажуваат последните податоци објавени на официјалната веб-страница на Собранието на Црна Гора, јавија црногорските медиуми.
Платите на пратениците се повисоки од 1 октомври, а со Предлог-измените на Законот за платите на вработените во јавниот сектор, предложен од Владата, се планира нивно зголемување во просек за околу 600 евра.
Вашингтон- Цената на биткоинот порасна и надмина 100.000 долари за првпат во историјата, достигнувајќи нова рекордна вредност.
Вредноста на најпознатата криптовалута во светот се зголеми поради растечките надежи дека новоизбраниот претседател на СAД, Доналд Трамп, ќе усвои низа политики што ги поддржуваат криптовалутите.
Оваа година, цената на биткоинот се зголеми повеќе од двојно и е зголемена за околу 45 отсто во четирите недели откако Трамп победи на изборите.