• четврток, 26 декември 2024
МИА Радиофлеш

3 октомври 2023

-  Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека вчера имаше 29 пожари на отворен простор. Гореле стрништа, пасишта, отпадоци, сува трева, трње, трска, лозје, грмушки, нискостеблеста и мешана шума, борова шума и неколку депонии, а во Општина Василево изгорела и една колиба, според податоците од Секторот за операции и координација во ЦУК.

До утрово, според извештаите што се стигнати во ЦУК, активни пожари од последното деноноќие има уште два. Тие се во Општина Македонски Брод, кај с.Белица (каде што гори ниска вегетација и нискостеблеста шума) и во Општина Чашка кај с.Горно Јаболчиште (каде што гори стара сеча и стари букови дрвја).

-  Финансиската стабилност на македонската економија е силна и длабоко зајакната во изминатите години. Банките се добро капитализирани, профитабилни, нивото на нефункционални кредити е прилично ниско, така што не сме загрижени за стабилноста на финансискиот систем на оваа земја, вели за МИА Питер Санфеј, потпретседател на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Санфеј е сигурен оти инфлацијата ќе продолжи да се намалува, оценувајќи дека Народната банка одговорила претпазливо со промислен пристап со зголемување на основните каматни стапки како најдобар начин за да се намали инфлацијата.

- По повод почетокот на новата академска 2023/2024 година, Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" (УКИМ) денеска ќе го одржи првиот академски час со студентите од првиот циклус студии.

На академскиот час, покрај деканот на Факултетот, Вјекослав Танасковиќ, ќе се обратат и ректорот на УКИМ Биљана Ангелова, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, како и германскиот министер за храна и земјоделство Џем Оздемир.

Германскиот министер, како што најавува ФЗНХ, ќе ги нагласи потребата и значењето од дипломираните земјоделски инженери за развој на земјоделскиот сектор воопшто.

- Делегација на Управувачката група за демократски развој на шведскиот Риксдаг денеска ќе престојува во работна посета на Собранието.

Според агендата, предвидена е евалуација на досегашната програма и следни активности, како и обраќања на претседавачот на Управувачката група, Фадил Зендели, на претседавачката  на Управувачката  група и трета потпретседателка на шведскиот Риксдаг,  Шестин Лундгрен, како и на генералната секретарка на Собранието на Северна Македонија, Цветанка Иванова.

- Политичките фактори и понатаму поделени околу предложениот закон за амнестија. Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ смета дека токму амнестијата може да помогне за растоварување на затворите, но на иста линија не е и министерот за внатрешни Оливер Спасовски, кој вели дека законот за аменстија не го гледа како решение за затворските проблеми.

Вицепремиерот Маричиќ вчера рече дека сериозно треба да се разгледа Предлог законот за амнестија и потсети дека имавме таков закон и во 2018 година.

-Се додека целта на тој закон е оние коишто се казнети со помали казни, или оние коишто веќе издржале голем дел од својата казна, да можат да бидат ослободени мислам дека сериозно треба да се разгледа, бидејќи знаеме дека тоа е еден од начините како да се растоварат затворите, истакна Маричиќ. 

Спасовски пак смета дека е непотребно носење на законот за амнестија и оти неговата примена нема да ја промени состојбата со пренатрупаноста во затворите. 

- Германскиот сојузен министер за земјоделство и храна, Џем Оздемир кој е во посета на Северна Македонија, денеска ќе има билатерална средба со својот домаќин, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

По средбата која, како што е најавено, ќе се одржи во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), Оздемир и Николовски ќе заминат на Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ) каде ќе се обратат на првиот академски час. 

Николовски и Оздемир ќе учествуваат и на средбата со деканите и продеканите од Асоцијацијата на факултетите за земјоделските науки од Југоисточна Европа, со која заседава ФЗНХ. 

- Министерката за одбрана Славјанка Петровска, денеска и утре, ќе учествува на Варшавскиот безбедносен форум 2023 година, еден од најголемите и најреномирани безбедносни форуми во светски рамки.

Како што информираат од Министерството за одбрана, Петровска утрово ќе учествува на дискусијата на високо ниво насловена „Европа во војна: Зацврстување на колективната одбрана на НАТО“, на кој ќе говорат и адмиралот Роб Бауер, претседавач со Воениот комитет на Алијансата, словенечкиот министер за одбрана Марјан Шарец и министерот за одбрана на Бугарија, Тодор Тагарев, модерирани од поранешниот командант на Армијата на САД за Европа, генерал-потполковник во пензија Бен Хоџис.

Според агендата, министерката Петровска утре ќе се обрати на работната сесија на насловена „Жените во меѓународната безбедност“ заедно со повеќе жени-лидерки меѓу кои и министерката за надворешни работи на Исланд, Тордис Колбрун Рејкфјорд Гилфадотир, министерката за одбрана на Холандија, Кајса Олонгрен и британската министерка за Индопацифик Ан-Мари Тревелјан.

- Пред 28 години на 3 октомври беше извршен атентат врз првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров, кој го преживеа со тешки повреди на главата. На местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски. Како последица од повредите почина и случајниот минувач Христо Христоманов, а беа повредени и Климе Коробар и Јован Атанасовски.

Останува непознато кој стоел зад атентатот. Истражната постапка која се води против непознат сторител се уште е отворена. Истрагата утврди дека атентатот бил добро подготвен и организиран и оти само среќна околност е што претседателот Глигоров го преживеа атентатот.

Нападот беше извршен со автомобил-бомба на 3 октомври 1995 година во 9:50 часот на улицата „Македонија“ пред хотелот „Бристол“ во Скопје кога Глигоров со службено возило се движеше од неговата резиденција на работното место во Собранието.

Во автомобил „цитроен ами 8“ биле скриени 20 килограми експлозив, кој бил активиран со далечински управувач кога возилото на Глигоров се движеше кон зградата на Собранието. Пред експлозијата службеното возило на претседателот на улицата „Македонија“ го забавило едно „фиќо“.

- Реформскиот приод што го нуди француско - германскиот предлог ја зајакнува позицијата на ЕУ како глобален играч. Во делот на проширувањето, за нас, уставните измени остануваат услов кој мора да биде исполнет за да можеме да ги продолжиме евроинтеграциите, но при тоа воведувањето на одлучување со квалификувано мнозинство драстично ја зголемува сигурноста дека по пат нема да се појават други нови услови.

Ова е оценката во анализата за МИА на претседателот на Советот на Амбасадори, амбасадорот Ѓорѓи Филипов и на Зоран Нечев од Институтот за демократија Социетас Цивилис од Скопје во врска со Извештајот за реформи на ЕУ, изработен од француско - германската група на експерти во кој за нас од особено значење е предлогот со кој се укинува ветото преку воведување на принципот за одлучување со квалификувано мнозинство  (со гласовите на 55 отсто од државите членки или 15 од 27 членки и при тоа претставуваат најмалку 65 проценти од вкупниот број жители во ЕУ), освен за отворањето на преговорите и конечниот прием.

- По австрискиот нон-пејпер испратен до ЕУ-инстутициите минатата недела за конкретни чекори за интеграција на Западен Балкан во ЕУ, вчера во заедничка изјава словенечката министерка за надворешни и европски работи Тања Фајон, министерот за европски и меѓународни прашања на Австрија Александар Шаленберг и хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман, нагласија дека интегрирањето на Западен Балкан треба да биде геостратешки императив. Посочуваат дека сегашната геополитичка ситуација е можност и за ЕУ и за Западен Балкан да покажат поголема стратешки предвидливост, целосно да го вратат својот кредибилитет при проширувањето и да ја зајакнат меѓусебната доверба, од која некои беа изгубени со текот на годините.  

- Сенаторот од Северна Дакота, Даг Ларсен, неговата сопруга и нивните две мали деца загинаа кога малиот авион со кој патуваа се урна во Јута, јавуваат американските медиуми, повикувајќи се на изјава на претставник на Сенатот.

Смртта на Даг Ларсен беше потврдена денеска во е-пошта испратена од лидерот на мнозинството во Сенатот Дејвид Хог до неговите колеги сенатори.

Авионот се урнал во неделата навечер веднаш по полетувањето од аеродромот Кањонлендс, на околу 15 милји северно од Моаб, се вели во соопштението објавено на Фејсбук од Канцеларијата на шерифот на округот Гранд.

- Индија и порача на Канада дека мора да повлече 41 дипломат од Индија до 10 октомври, објави денеска Фајненшл тајмс.

Односите меѓу Индија и Канада се сериозно нарушени откако канадските власти соопштија дека имаат веродостојни информации за вмешаност на Њу Делхи во
убиството на сепаратистичкиот водач на Сиките и канадски државјанин Хардип
Синг Нијар (45), што се случи во јуни во канадската провинција Британска Колумбија. Индија него го означен како „терорист“.

Индија ги отфрли обвинувањата како апсурдни и во септември, како одговор на протерувањето на висок индиски разузнавач од Канада, протера канадски дипломат и исто така ги суспендираше визите за Канаѓаните.

- Британската полиција соопшти дека верува оти пожар што изби во складиште за гас во близина на Оксфорд бил предизвикан од удар на гром. Службите за итна помош се на терен, а нема извештаи за повредени, информираат од полицијата.

Експлозијата во складиште за гас во близина на Оксфорд ги вознемири граѓаните на тој британски град. Полицијата претпоставува дека експлозијата и пожарот биле предизвикани од удар на гром, пренесуваат британските медиуми.

-Се верува дека гром удрил во складиште за гас за време на вечерашното невреме, предизвикувајќи голем пожар, се вели во соопштението на полицијата објавено на „X“.

- Харков, вториот по големина украински град, ќе го гради првото целосно подземно училиште, со цел да ги заштити учениците од честите руски ракетни напади, најави градоначалникот на тој град, што воедно ќе биде и прв ваков објект во земјата.

„Таквото засолниште ќе им овозможи на илјадници деца во Харков да го продолжат своето безбедно образование „лице в лице“ дури и за време на ракетни закани“, објави градоначалникот на Харков Ихор Терехов на апликацијата Телеграм.

Новото училиште ќе ги исполни „најсовремените регулаторни барања во однос на заштитните структури“, тврди Терехов, од чии изјави не е јасно колкаво ќе биде училиштето и кога ќе се отвори.

- Сезонски прилагодената стапка на невработеност во Еврозоната во август 2023 година изнесуваше 6,4 отсто, а на ниво на цела ЕУ беше 5,9 проценти, што претставува намалување како во споредба со претходниот месец, така и на годишно ниво, соопшти Европската статистичка служба – Евростат. 

Во јули годинава стапката на невработеност во Еврозоната изнесуваше 6,5 отсто, а во август 2022 година 6,7 проценти, додека на ниво на Унијата јулската овогодишна стапка беше 6,0 отсто, а ланската августовска 6,1 проценти.  

- Политичките одлуки околу „заклучувањата, односно т.н. локдаун) ограничувањата за патување и физичкото дистанцирање за време на пандемијата на коронавирус ќе бидат под микроскоп со почетокот на следната фаза од истрагата за Ковид-19 во Велика Британија.

Работата на владата на Обединетото Кралство за време на кризата ќе биде под лупа во текот на следните недели, бидејќи истрагата ги испитува клучните одлуки во Вестминстер помеѓу јануари 2020 и февруари 2022 година, кога беа укинати конечните ограничувања поради Ковид-19 во Англија.

Истрагата, предводена од бароницата Хедер Халет, ќе ги испита и одлуките зад регионалните ограничувања, работа од дома нарачки; совети за носење маски и гранични контроли, јави ДПА.

Ќе ги испита податоците за моделите на научниците, кои дадоа проценки за трансмисијата на вирусот и стапката на смртност.

- Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел синоќа упати покани до лидерите на земјите членки на ЕУ за учество на неформалниот Самит на Унијата, што ќе се одржи в петок во шпанскиот град Гранада во организација на премиерот на Шпанија, Педро Санчез. 

- Овој собир има особено значење: не само што ќе водиме конструктивен дијалог за најважните прашања со кои моментно се соочува нашата Унија, како што е миграцијата, туку овој состанок го означува почетокот на важен процес на размислување за идните приоритети на нашата Унија. Почнувајќи од Гранада, нашите дискусии ќе ни овозможат колективно да го зацртаме курсот на Унијата, дефинирајќи ги нејзините насока и цели за годините што доаѓаат. Резултатот од нашиот процес на размислување во следните неколку месеци ќе ја обликува стратешката агенда 2024-2029 година, наведува Мишел во поканата за учество на средбата на шефовите на држави или влади на ЕУ.

- Најголемиот проект за културна мобилност на ЕУ, наречен „Културата ја движи Европа“, распиша конкурс наменет за уметници и културни работници на возраст од најмалку 18 години, кои имаат регулиран легален престој во една земјите вклучени во програмата „Креативна Европа“, меѓу кои е и Северна Македонија, и се активни во секторите сценска или визуелна уметност, музика, културно наследство, архитектура, дизајн и моден дизајн и литература. Конкурсот е отворен до 31 мај 2024 година. 

Учесниците на конкурсот можат да аплицираат за грантови за мобилност за покривање на нивните патни и дневни трошоци како дополнителна финансиска поддршка за промоција на поразновидно учество на луѓето кои се соочуваат со пречки во слободното движење преку граници.  

- Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор синоќа процени дека околу десет илјади мигранти дневно брзаат кон јужна американска граница поради економските санкции наметнати од САД на земји како Куба и Венецуела.

Лопез Обрадор рече дека бројот на мигранти кои стигнале до границата на Мексико со САД делумно се должи на фактот што само минатата недела околу шест илјади мигранти дневно преминувале во неговата земја од Гватемала. Според него, многу од овие мигранти патуваат низ Централна Америка преку преминот Дариен меѓу Панама и Колумбија, кој е покриен со џунгла и полн со опасност.

САД ги санкционираа Куба и Венецуела поради, како што велат, нивното потиснување на демократијата.

- Египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси денеска потврди дека ќе се кандидира за трет мандат на претседателските избори закажани за декември.

Ал-Сиси, поранешен генерал кој беше претседател од 2014 година, се очекуваше повторно да се кандидира и се смета дека ќе може да освои трет мандат по уставните промени пред четири години кои му дозволуваат да остане на власт до 2030 година.

Во последните недели, неговите поддржувачи започнаа кампања со поставување постери и пораки за да го охрабрат Сиси да се кандидира.

Обрадор посочи дека санкциите се должат на идеолошки разлики, а не на недостаток на почитување на човековите права и рече дека „санкциите и блокадите се неодржливи“.

Остани поврзан