• среда, 18 декември 2024

МИА освои три награди на „Гласник на невидливите за 2023“ на МППС

МИА освои три награди на „Гласник на невидливите за 2023“ на МППС

Скопје, 20 мај 2023 (МИА) – Медиумската информативна агенција – МИА освои три награди на годинашниот конкурс за „Гласник на невидливите“ на Македонската платформа против сиромаштија.

„Жените се свесни за економското насилство, но тоа потешко се препознава оти е покриено со изјави на љубов“ на Фатиме Фазлији, „Децaта упатени во воспитно - поправен дом лишени од задолжителното образование“ на Ана Цветковска, Борис Куноски и Ангела Рајчевска, и „Жените Ромки сè уште дискриминирани при вработување“ на Александра Максимовска и Сузана Андоновиќ се наградените стории за новинарство „одоздола“, односно за новинари кои работат на социјални теми, поврзани со сиромаштија и социјална исклученост.

Останатите добитници на наградата се Ана Арсеновска Зафирова со темата „Со рачни изработки над ограничувањата“, Галена Николовска Ризвановиќ - „Бесплатната контрацепција и по пет години е само владино ветување на хартија“, Зоран Јованоски - „Пристојно домување - (не)остварлив сон за дел од семејствата во ромските населби“ и  Ристо Каратановски - „Една слика – илјада зборови! „Еден“ знак – цела галаксија!“.

Преку овие теми, новинарите им даваат глас на луѓето кои ретко имаат можност јавно да зборуваат за своите проблеми и се речиси општествено невидливи, а она што овој проект го прави уникатен е составот на жирито, односно улогата на членови во жирито ја имаат исклучиво луѓе кои имаат искуство со живот во сиромаштија. 

Македонската платформа за сиромаштија оваа награда ја доделува по шести пат, а МИА и изминатата, 2022 година, исто така, освои три награди, кога беа наградени новинарките Симона Србиноска, Фатиме Фазлији и Светлана Дарудова. ар/сх/

Фото: МИА

Остани поврзан