• недела, 06 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Општински пул

2 април 2025

Охрид - Нивото на водата во Охридското Езеро според денешните мерења спроведени од Управата за хидрометеоролошки работи се наоѓа на котата 693,26 метри надморска височина. Водостојот денеска е 31 сантиметар под просекот за април или 16 сантиметри над дозволениот минумум.

Деновиве во регионот временските прилики се променливи со врнежни од дожд, што ќе придонесе за подобрување на водостојот во езерото. Дождот изминатите денови придонесе нивото на езерото да се подигне за седум сантиметри, но сепак тоа е далеку пониско од просекот за овој период од годината.

Демир Капија - Насилството врз жените не смее повеќе да биде табу бидејќи жените се погласно алармираат за ваквите проблеми, иако и понатаму е потребно зголемување на свеста за препознавање и пријавување на насилството. Да не постои страв да се пријави насилството. Истовремено, стручни лица, освен со жртвите, да работат и со насилниците. Ова меѓу другото беше кажано на синоќешната завршна конференција во рамките на проектот „Здружени и гласни против насилство врз жените“, што го реализираше Организацијата на жени „Женско лоби“ од Демир Капија. 

Програмската раководителка во „Женско лоби“ Менче Николова за МИА појасни дека во рамки на активностите во изминатите неколку месеци формиран е и младински форум против насилство, во кој активно се вклучени млади девојки. Целта е, како што нагласи, од мали нозе да му се застане на патот на насилството. 

Охрид - Со интерактивен настан во кој се споени литературата и цртањето Националната установа библиотека „Григор Прличев“ од Охрид денеска ќе го одбележи 2 Април – Светскиот ден на литературата за деца.

Во „Прличевата одаја“ на библитеката точно на пладне ќе се одржи промоција на две книги на поетесата Светлана Каланоска- Котевска -  стихозбирките за деца: „Убава е природата со жуборот на водата“ и „Да растеме заедно“.

Охрид - Во организација на Младинскиот центар од Охрид в сабота на плоштадот кај Чинарот во Охрид ќе се одржи пролетниот еко-маркет.

Како што е најавено од организаторот, на базарот ќе можат да се продава и купи користена облека и обувки, рачно изработени сувенири, книги, торби, обележувачи за книги и креативни изработки. Креативниот клуб на Младински центар - Охрид веќе подготви уникатни торби и обележувачи за книги што ќе бидат изложени на пазарот.

Неготино - Семејството на младиот Миле Тодоров од Неготино, кој е исчезнат два месеца, испрати дописи до Владата и до министерствата за внатрешни и за надворешни работи и одбрана. Замолуваат за помош во комуникацијата со партнерските и сојузничките пријателски држави, кои располагаат со сателитски капацитети со цел да се добијат сателитски снимки за пронаоѓање можни траги за исчезнување.

Во дописите се наведени и локацијата и временскиот интервал на исчезнувањето на младиот неготинец. Целта е, како што пишува во дописите, а потврдија за МИА и од семејството на Тодоров, побрзо разрешување на ситуацијата. 

Скопје - Според утринските податоци од хидролошките станици, високи се водостоите на сите реки низ државава, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК), повикувајќи се на информации од Управата за хидрометеоролошки работи.

- Поради обилните врнежи од дожд, во текот на вчерашниот ден регистрирани се локални излевања на река Маркова на неколку места по течението на реката. Во текот на денот се очекува, постепено намалување на водостојот, стабилизирање на состојбата со водостојот и постепено повлекување на водата. Значително е висок водостојот на река Вардар по целото нејзино течение, од горниот дел во Полошката котлина, во градот Скопје и низ Водно накај Велес во средниот и долниот дел од сливот во Демир Капија и Гевгелија. Во текот на денот се очекува и понатаму да остане висок водостојот, посебно во средниот и долниот дел од сливот, каде би се префрлил водниот бран, се наведува во соопштението на ЦУК.

Скопје - Поради обилните врнежи од дожд на територија на град Скопје и излевањето на Маркова река, сѐ уште е затворен за сообраќај во двете насоки локалниот пат село Горно Лисиче - село Долно Лисиче, како и влезот за село Батинци во двете насоки.

Од  тие причини, Единицата за безбедност на патниот сообраќај презема мерки за посебен режим на сообраќајот, информираа утрово од Министерството за внатрешни работи. Секторот за внатрешни работи - Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите на полициските службеници.

Скопје - Во Крушево наврнал воден талог од 36 литри на квадратен метар изминатите 24 часа, до седум часот, информираат утрово од Управата за хидрометеоролошки работи.

Триесет и два литри на квадратен метар во Маврови Анови, 29 на Попова Шапка, 21 - Демир Капија, 14 - Тетово, Пожаране, Гевгелија, Кавадарци, 13 - Битола, Велес, 12 - Пожар-Радовиш, 11 - Тополчани, 10 - Скопје-Петровец, 9 - Прилеп, Штип, 6 - Скопје-Зајчев Рид, Берово, Лазарополе, 5 - Претор, Струмица, Куманово, 3 - Виница, 2 - Крива Паланка, покажуваат податоците на УХМР.

Скопје - ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје информира дека денеска завршува акцијата за отплата на долговите на рати без пресметка на камата за задоцнето плаќање.

Оваа акција почна на 17 февруари 2025 година. - Ги повикуваме сите корисници кои имаат заостанат долг за потрошена вода (тужен и редовен), да ја искористат можноста за плаќање на рати без пресметана камата. Одлуката за спроведување на акцијата за отплата на заостанатите долгови без пресметка на камата не важи за органите на државната и локалната власт и другите државни органи основани согласно Уставот и со закон и институциите кои вршат дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Македонија или од општините, од градот Скопје, како и од општините во Град Скопје. По истекот на овој период одлуката престанува да важи, се наведува во соопштението. 

Скопје - Без електрична енергија утре од 8:30 до 12:00 часот ќе бидат дел од корисниците од улицата „Гарсија Лорка“ во Општина Шуто Оризари.

Во периодот од 9:00 до 16:00 часот утре без струја ќе бидат корисниците од Градовци, Тисовица, Гумалево, Пакошево, Спектар Комерц, Добрино, Дејковец, Ново Село и Пакошево во Општина Зелениково.

Скопје - Согласно актуелните акти на Министерството за животна средина и просторно планирање, и актуелниот ГУП донесен во време на Коце Трајановски надлежноста за одржување на одводните канали и коритото на реката Маркова Река е во директна надлежност на општина Студеничани и Министерството за животна средина и просторно планирање. 

Градот Скопје нема никаква надлежност за постапување на овие канали и коритото на реката.

Скопје - По повод 2 април - Светскиот ден за подигање на свеста за аутизмот, во Младинскиот центар „Матично“ ќе биде отворена изложба на цртежи на Јана Иванова, ученичка во четврто oдделение при ООУ „Димитар Миладинов“ oд Скопје. Изложбата што ќе биде отворена до 30 април, може да се види секој работен ден од 10 до 16 часот, информираат организаторите на настанот.

- Се разбира, најповеќе како нејзин родител, сметам дека таков настан ги истакнува воопшто уметничките тежнеења на децата во нашата земја, а конкретно, ја подигнува свеста за важноста на инклузијата и поддршка на лицата со спектар на аутизам. Со помош на поддршката на семејството, мојата Јана сака преку цртачката дарба да докаже дека и таа припаѓа на сите што ја опкружуваат и на свој начин, сака да пренесе порака за емпатија и прифаќање на таквите деца во нашето општество. На нејзинате цртежи, таа засега ги прикажува ликовите на нејзините херои, фигурите кои ги гледа во цртаните филмови, во долгометражните филмови или книгите и кои ги чувствува како нејзини пријатели. Затоа, се одлучивме ова нејзино прво ликовно претставување пред широката публика да го наречеме токму „Моите херои“, се наведува во писмената изјава на нејзината мајка Теа Иванова - Теохаревска, воедно и кураторот на изложбата.

Скопје - Без вода во текот на денешниот ден ќе останат корисници од општина Карпош, струја ќе немаат делови од општините Аеродром, Зелениково и Сопиште, информираше Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје.

Според известување од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, денеска ќе се санира дефект на водоводна мрежа на улицата „Копенхагенска“, крстосница со „Стокхолмска“ во населба Тафталиџе. Како што е најавено, од 11:30 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците „Копенхагенска“, „Стокхолмска“, „Софиска“, „Његошева“, „Гаврил Лесновски“ и „Петар Драганов“ во општина Карпош.

Остани поврзан