• сабота, 19 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

МИА Општински пул

МИА Општински пул

5 март 2025

Струга - Во две одвоени рочишта во Основниот суд во Струга денеска ќе продолжи судскиот процес против градоначалникот Рамис Мерко за набавката на автомобил „Ауди А6“ за потребите на Општина Струга и за поставено спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда. 

Расправата за набавката на луксузниот автомобил почнува од почеток поради промената на судечкиот судија, кој на претходното рочиште побара време да ги разгледа списите за случајот. Тој судски процес почна во април минатата година, а Мерко се товари за злоупотреба на службена положба, поради набавката на четири моторни возила во вкупна вредност од околу 114.000 евра, меѓу кои луксузен автомобил „Ауди А6“, со што го оштетил буџетот на Општината спротивно на начелата на законитост и спротивно на јавниот интерес во услови кога општината имала неподмирени долгови и блокирана жиро-сметка. Со последните измени на Кривичниот законик за злоупотребата на службената положба и овластувања – членот 353, се предвидува казна затвор од една до четири години.

Со сослушување на сведоците треба да продолжи и судскиот процес за поставена плоча на влезот на општинската зграда. Како градоначалник на Општина Струга, Мерко во март минатата година, поставил спомен обележје, со кое, според обвинението, поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга, со што сторил кривично дело предвидено во член 27 од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја. На предлог на обвинителството одземен му е пасошот и треба еднаш неделно да се јавува во судот. 

Мерко за ова дело пред судот се изјасни дека не се чуствува виновен.

Кавадарци - Превенцијата и раното откривање се најважни во третманот на рак на града, беше истакнато на синоќешната трибина за рак на дојка во Кавадарци.

Научен соработник доктор Бисера Николовска, субспецијалист по пластична и реконструктивна хирургија, во изјава за МИА нагласи дека мултицислиплинарниот пристап е исто така од суштинско значење во третманот, што го водат повеќе лекари.

Николовска подвлече дека многу е важно и самите пациенти, колку што можат, дополнително да помогнат со тоа, што ќе го сменат начинот на живот.

-За жал, во денешно време, карциномот на града е во пораст. Расте бројот на пациенти, но, се намалува и возрасната граница кај пациентките кои добиваат рак. Надворешните фактори влијаат на здравјето на жената, на хормоните, влијаат многу врз создавањето на рак. Мојот апел до сите жени е да водат здрав начин на исхрана, да јадат здрава свежа храна, посочи Николовска.

Притоа, таа препорача физичка активност, пешачење во прирора, редовен и здрав сон, да внимаваат на стресот, алкохолот и цигарите. 

Докторката советуваше, исто така, да се внимава при користењето хемиски препарати, да се избегнуваат тие со штетни супстанци, што штетно влијаат врз здравјето. 

Здружението „Хема-онко“, посветено на пациенти со рак и нивни негуватели, во пресрет на 8 март - Меѓународниот ден на жената, почна кампања за подигнување на свеста за рак на дојка - „Дијагноза, третман, естетика“.

Скопје - Денеска, утре и во петок на поширокото централно подрачје на град Скопје ќе има посебен режим на сообраќај поради посетата на претседателот на Собранието на Република Хрватска Гордан Јандроковиќ.

-СВР Скопје ги известува граѓаните на Скопје дека од 5-ти до 7 март (среда, четврток и петок) поради официјална посета на претседателот на Собранието на Република Хрватска Гордан Јандроковиќ, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на град Скопје, информираат од МВР. 

СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.

Скопје - Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ја отвори архитектонската изложба „Општина за нас“ во КСП Центар – Јадро, каде граѓаните ќе имаат можност да ги разгледаат идејните решенија од конкурсот за новата општинска зграда.

Честитајќи им на авторите на трите наградени решенија, Герасимовски истакна дека очекува оваа визија за современа, отворена и достапна општина наскоро да стане и реалност.

„Наша цел не е само изградба на нова административна зграда, туку создавање функционален простор кој ќе одговори не само на потребите на вработените, туку и на граѓаните.. Комплексот ќе биде модерен, енергетски ефикасен со подземен паркинг со капацитет од околу 300 возила и простор за 100 велосипеди, конечно ќе се реши долгогодишниот проблем со паркирањето во централното градско подрачје“, изјави Герасимовски.

На конкурсот за новата општинска зграда, преку транспарентна и професионална постапка беа наградени три најдобри решенија.
Првата награда ја доби идејното решение под шифрата „НАМАТ“, чиј авторски тим го сочинуваат Нина Карангелеска-Тодоровска, Сара Ничота, Милена Шундовска Четелева и Кристијан Ристовски. Тимот доби парична награда од 750.000 денари.

Остани поврзан