МИА Општински пул
- МИА Општински пул
5 декември 2025
Струмица - Професионални прочистувачи на воздух се поставени во општинските основни училишта „Никола Вапцаров “, „Маршал Тито “, „Видое Подгорец ”, „Сандо Масев ” и градинките ДГ „Виножито “ и ЈПУДГ „Детска Радост ”, соопшти градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, на неговиот фејсбук профил, откако денеска ги посетил училиштата и градинките.
-Благодарение на донацијата од Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија, дел од нашите образовни институции добија висококвалитетни уреди што користат Х14 ХЕПА филтри-филтри кои задржуваат над 99.995 отсто од вирусите, бактериите и другите микроорганизми, обезбедувајќи квалитет на воздух кој се споредува со услови во стерилни простории, напиша на Фејбук струмичкиот градоначалник.
Според него, овие прочистувачи располагаат и со префилтер со активен јаглен, кој значително ја намалува непријатната миризба и го редуцира присуството на озон, азотни оксиди и летливи органски соединенија. Со капацитет од 2500 метри кубни на час уредите овозможуваат петкратна размена на воздухот во просториите секој час-нешто што директно придонесува за поздрава средина.
-Здравјето и безбедноста на нашите најмали се врвен приоритет за Општина Струмица. Со овие современи прочистувачи на воздух обезбедуваме чист и свеж воздух во образовните институции и создаваме побезбедна животна средина за децата да можат да растат и да се развиваат здраво, додава на крајот градоначалникот Јанков во неговата објава.
Охрид – Во рамки на настаните од чествувањето на 8 Декември – патрониот празник на Градот Охрид, денеска во Галеријата на Куќата на Робевци беше отворена изложбата „Прстенот - симбол на завет, статус, моќ – од етнолошката ризница на охридскиот музеј“.
На поставката се презентирани 80 експонати, прстени од богатата етнолошка збирка при НУ „Завод и Музеј – Охрид“, прстени што датираат од 17 до средината на дваесеттиот век, изработени од занаетчии од Охрид, Струга и Дебар.
Како што појасни авторката на каталогот, Оливера Мишева, виш кустос етнолог во НУ „Завод и Музеј – Охрид“, воглавно се работи за украси изработени од сребро, со техника на лиење со филигранска изработка и гранулација.
-Украсени се со полускапоцени камења, стакленца, монисти, висулци, трепетушки. По формата се застапени различни видови, а тоа се прстени со печат или монограмни прстени со иницијали, масивни столовати прстени, прстени бурмалии во вид на бурми, прстени со кубести глави, прстени со поголеми скапоцени камења, со ситни стакленца, различни форми ромбови, квадратни, елипсести. Ова се прстени што се и машки и женски, посочи Мишева.
Дел од прстените се и симболи на семеен или општествен статус.
Берово - Градоначалникот на Општина Берово Петар Ружински денеска ја информираше јавноста дека општината ја реализирала исплатата на повеќе категории финансиска поддршка, насочена кон учениците, студентите, младите лица, семејствата со новороденчиња и лицата со попреченост, нагласувајќи дека овие средства се важен дел од локалната политика за подобрување на условите за живот и создавање еднакви можности во заедницата.
Во својата објава на Фејсбук, Ружински посочи дека општината исплатила 30.000 денари за првенец на генерација, 49.000 денари за новороденче, 40.000 денари за млади лица за полагање возачки испит Б категорија, 20.000 денари за лица со попреченост, 66.000 денари за студенти, истакнувајќи дека секоја од овие мерки има своја специфична улога во поддршката на граѓаните и во создавањето подобра перспектива за младите и ранливите категории
- Со овие средства даваме јасен сигнал дека вложуваме во иднината на нашите млади, во поддршката на семејствата и во создавање услови за подостоинствен живот на сите граѓани, рече Ружински, додавајќи дека општината ќе продолжи со континуирани активности насочени кон развој, рамноправност и одржлив напредок.
Кочани - Како резултат на повеќегодишна соработка на општините Кочани и Вуши, Народна Република Кина, талентирани ученици учествуваа на Меѓународниот ликовен конкурс за сликање Џиангсу - 2024.
На натпреварот од минатата година учествуваа ученици и ментори од Школата за цртање при Центарот за култура „Бели мугри“ – Кочани, ОУ „Св. Кирил и Методиј“ и ОУ „Раде Кратовче“, информира Општината.
Добитник на првата награда е Илина Ангелов од Школата за цртање и сликање при ЦК „Бели мугри“ – Кочани, ментор – Александра Димитрова.
Добитници на втората награда се: Никола Борисов од Школата за цртање и сликање, ментор – Александра Димитрова; Михаил Русевски од ОУ „Св. Кирил и Методиј“, ментор – Цветанка Богданова и Андреа Коцева од ОУ „Св. Кирил и Методиј“, ментор – Сузана Георгиева.
Добитници на третата награда се: Никола Глигоров од ОУ „Св. Кирил и Методиј“, ментор – Сузана Георгиева; Филип Зафо Зафиров и Јован Христов од ОУ „Св. Кирил и Методиј“, ментор – Деница Златкова; Вероника Димитровска и Анастасија Сандева од Школата за цртање и сликање, ментор – Александра Димитрова.
Тетово - Националниот парк Шар Планина информира дека на една од нивните поставени трап-камери забележале мајка рис со малечко, и двете во одлична здравствена состојба. Со ова, бројката на документирани рисови на Шара се зголемува од една на три единки.
-По успехот минатата година, кога првпат снимивме мажјак на локалитетот Лешница, денес со огромна радост објавуваме дека и мајка со младенче е регистрирана на територија на Општина Боговиње. Овој историски момент е резултат на долгорочна, упорна и стручно спроведена работа на нашиот тим. А најубавиот дел? Колегата кој ја регистрираше снимката ја доби честта да го даде и името – мајката ја именувавме Сибел, објавија од НП Шар Планина.
Тие споделија и факти за балканскиот рис- дека е територијално животно – секоја единка зазема голема територија, понекогаш и над 40 километри квадратни.
Битола - Во предвечерието на 8 Декември, Денот на Св. Климент Охридски, творец на Охридската книжевна школа, денеска во Битола, Сенатот и Ректорската управа на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ го одбележаа патрониот празник на универзитетот.
Според востановената традиција, домаќините заедно со своите гости од државата и странство положија цвеќе пред споменикот на Свети Климент Охридски, поставен во дворот на ректоратот во Битола, а се чествуваше со повеќе програмски свечености.
-Овој ден не е само датум на календарот, туку празник на духот, знаењето и словото. Денес го славиме Свети Климент Охридски, нашиот небесен покровител, учетелот на учителите, духовниот втемелувач на македонската култура. Често велиме дека Охридската школа е првиот словенски универзитет и тоа не е само убав израз, тоа е суштината на едно наследство кое не обврзува. Свети Климент создаде генерации учени луѓе, ја продолжи мисијата на светите Кирил и Методиј, ја запали искрата на писменоста која и денес го осветлува нашиот пат, истакна ректорот на УКЛО, Игор Неделковски.
Куманово - Здружението Регионален центар за лица со интелектуална попреченост „Порака Наша“ од Куманово, денеска одбележа 19 години од функционирањето. Локалната власт, донаторите, бизнис-заедницата, граѓаните-поединци, претставниците од училиштата и учениците го честитаа празникот и на корисниците и на тимот, кој веќе деветнаесет години придонесува за зајакнување на свесноста за процесот на инклузија, како и за развивање на самоодржливи и активни чинители во локалната заедница.
- Денесka со голема гордост ја одбележуваме уште една година исполнета со раст, заедништво и напредок во Здружението ,,Порака Наша". Нашата главна мисија останува иста, професионална рехабилитација и реинтеграција, како и стекнување вештини за независно живеење на лицата со интелектуална попреченост, преку учење и развивање на работни способности кои им овозможуваат поголема самостојност, достоинство и активно учество во заедницата. Во рамките на секојдневните активности, нашите корисници стекнуваат конкретни знаења и работни навики: од сублимација на производи, шиење на машина, па сè до новите активности што наскоро ги воведуваме – изработка на украсни миризливи свеќи. Секој нивен чекор напред е резултат на посветеност, труд и желба да бидат рамноправни учесници во општеството, изјави Фросина Симоновска Антевска од „Порака Наша“.