• недела, 24 ноември 2024

МИА анализа: Професионалните медиуми клучни во разбивање и спречување на родовите дезинформации

МИА анализа: Професионалните медиуми клучни во разбивање и спречување на родовите дезинформации

Скопје, 4 ноември 2023 (МИА) - Медиумите во државава поретко обработуваат родово-сензитивни содржини, а недостига и континуитет во информирањето. Родово-сензитивното известување во медиумите значи да се биде сензитивен по прашања за родова еднаквост и во известувањето да се има еднаков пристап и кон жените и кон мажите. Во ера кога социјалните медиуми придонесуваат во креирање на јавното мислење, а честопати се и извор на дезинформации, во овој контекст можат да ги обликуваат и ставовите за родовите стереотипи, а оттука и ширењето родови дезинформации. Сведоци сме на се што се случува секојдневно на социјалните мрежи, во онлајн медиумскиот простор, а оттука и коментарите што најчесто следат после некоја објавена вест со родово-сензитивна содржина, каде што главната мета остануваат младите девојки и жените. 

Еднаков или фер начин на прикажување на жените и мажите во новинарските извештаи е професионална и етичка тенденција и на значаен начин придонесува за креирање родово избалансирани општества. Во медиумскиот простор е особено важно да биде застапен еднаков пристап при известувањето, а професионалните медиуми имаат клучна улога во борбата против родовите дезинформации, особено имајќи предвид колку брзо тие се шират преку социјалните мрежи.

Експертките со кои разговараше МИА се согласни дека медиумите во Северна Македонија сѐ уште имаат многу работа додека да стигнат до основниот прифатлив пристап кон известување на родово-сензитивни содржини и оти не ја користат улогата којашто ја имаат не само за информирање, туку и за едуцирање на граѓаните.

Тие се согласни со тоа дека медиумите исто така многу малку оставаат простор во нивните информативни содржини каде што приоритет се политичките случувања, а исто така различни се практиките на информирање од медиум до медиум, но има празнини и проблематични појави, за коишто треба најотворено да се да зборува.

Во анализата на Институтот за комуникациски студии (ИКС) „Родова еднаквост во време на родови дезинформации“ се наведени дезинформации што во последните неколку месеци беа споделувани во новинарските извештаи и нивните ефекти во креирањето и споделувањето родови дезинформации и родово-базиран говор на омраза, особено кон жени. Со анализата се идентификувани дезинформации во врска со предлог-законот за родова еднаквост и измените на Законот за матична евиденција, во корелација со родовите дезинформации што беа нивен директен продукт. Се посочува дека социјалните медиуми се една од клучните алатки за креирање и ширење родови дезинформации, имајќи предвид дека, особено во македонскиот контекст, се покажуваат како плодна почва за креирање и ширење на родово-базиран говор на омраза и родово-базирано вознемирување во онлајн-просторот. Се наведува и дека медиумите имаат значајна улога во креирањето и споделувањето на дезинформациите, бидејќи токму објавите на новинарските извештаи на социјалните медиуми најчесто претставуваат основа за креирање на овие содржини, кои многу ретко се подложени на регулација од страна на самите медиуми. 

null

Со поставување вистински стандарди за пласирање веродостојни информации до спротивставување и на вкоренетите предрасуди

Претседателката на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) Леунора Калиќи, во разговор за МИА вели дека Aнализата што ја објави Институтот за комуникациски студии (ИКС) покажа јасна слика за тоа како практично медиумите информираат за родово сензитивни содржини, каде што се истакнати некои клучни и чести прашања.

Според неа, оваа проблематика, како јавен интерес, не опфаќа подлабока анализа, туку информациите обично се третираат само како инциденти, трагедии и слично. 

-Во самите медиумски содржини недостигаат многу прашања кои што треба да бидат поставени од страна на новинарите, да се проверат фактите и изворите. Беше истакнато дека се информира сензационалистички, односно се нарушува кодексот на новинари, членот 8. Исто така, тука беа спомнати и недоволната заштита на идентитетот на жртвата и несоодветната визуелизација кои што водат до двојно виктимизирање на жртвата. Сите овие точки го нарушуваат етичкото и професионалното известување според Кодексот на новинарите и Насоките за онлајн известување, наведува Калиќи за МИА.

Таа нагласува дека медиумите многу малку оставаат простор во нивните информативни содржини каде што приоритет се политичките случувања. 

-Ние, како Совет за етика во медиумите ќе продолжиме активно да работиме со медиумите и новинарите за да го подигнеме стандардот на професионалното известување во нашата земја затоа што нашата цел е да создадеме подобро општество каде што секој може да се чувствува признат и почитуван, и активно да придонесува независно од својата родова припадност, посочува Калиќи.

Во однос на тоа како професионалните медиуми можат да помогнат во спречување на ширење на родови дезинформации, таа вели дека тоа е голем предизвик имајќи предвид дека сме сведоци на се што се случува секојдневно на социјалните мрежи.

-Во просторот на онлајн медиумите морам да ги споменам и коментарите што следуваат после некоја објавена вест со родово-сензитивна содржина, каде што главната мета остануваат младите девојки и жените. Како Совет за етика во медиумите ја поддржуваме слободата на изразување, но треба сите да бидеме претпазливи во начинот на изразување бидејќи многу е тенка линијата измеѓу слободното изразување и просторот за омраза, предрасуди или дискриминација. Како тело за саморегулација се обидуваме секогаш да бидеме коректор на содржините објавени во професионалните медиуми кои што се дел од нашиот онлајн регистар на медиуми Промедиа, нагласува Калиќи. 

Таа наведува дека според извештајот на Комисијата за жалби во СЕММ 90 проценти од жалбите се за онлајн медиумите и со спроведување на морални и јавни санкции преку одлуките што ги донесува Комисијата за жалби, Советот за етика прави напори за подобрување на оваа слика. 

-Самите медиуми треба да сносат морална одговорност за почитување на професионалните стандарди за известување особено кога е во прашање некоја сензитивна тема. Со внимателност да се работи на содржините и после објавувањето на самиот медиумски продукт да се бришат сите коментари, кои што доведуваат до потикнување на говор на омраза и дискриминација, децидна е Калиќи.

Експертката за медиуми и вонреден проф. д-р Марина Тунева, за МИА посочува дека се различни практиките на информирање од медиум до медиум, но има празнини и проблематични појави, за коишто треба најотворено да се зборува. 

-Ќе ги истакнам тие што се најочигледни. Најпрво, овие теми поретко се обработуваат во медиумите, а недостига и континуитет во информирањето. Дури и доколку ваквите теми „го нашле своето место“ на медиумската агенда, за нив најчесто се известува како за споредни теми. Неодамнешното истражување што го спроведовме за Институтот за комуникациски студии потврдува дека една од нејчестите причини за маргинализирање на ваквите теми се дневно – политичките случувања и приматот што им се дава токму на тие случувања во информирањето. Политичките афери, настани и скандали ја имаат таа моќ да ги засенат и најзначајните истражувања во оваа област, вели Тунева за МИА. 

Според неа, секако проблем се и капацитетите во редакциите, ограничените ресурси, недостигот на специјализирани знаења, но и затвореноста на изворите на информации.

-Жените, генерално, недоволно се прикажуваат во улоги на авторитети или како лица со стручно знаење. Одредени категории на жени, како оние од пониските општествени слоеви, повозрасните, жените од некои етнички групи се помалку видливи во медиумските наративи или, пак, се претставени како лица со помала моќ, некој што е жртва на одредени случувања..., вели Тунева. 

Таа нагласува дека професионалните медиуми имаат клучна улога во борбата против родовите дезинформации, особено имајќи предвид колку брзо се шират дезинформациите преку социјалните мрежи. Со добро истражување на овие теми, посочува Тунева, професионалните новинари може да ги постават вистинските стандарди за пласирање веродостојни информации. 

-На тој начин ќе се спротивстават и на таканареченото редуктивно новинарство коешто премногу ги поедноставува ваквите прашања. Освен тоа, со поттикнувањето на култура на инклузивност и разновидна застапеност во нивните редови, медиумските куќи можат да обезбедат поширок спектар на гласови и перспективи, дополнително збогатувајќи го наративот и спротиставувајќи им се на вкоренетите предрасуди, вели Тунева. 

За оваа проблематика МИА разговараше и со Сара Миленковска, коосновачка на Стела Мрежа, која работи и како независна истражувачка со фокус на системската нееднаквост, родово-базирано насилство и женскиот глас во медиумите. Таа вели дека медиумите во Македонија сѐ уште имаат многу работа додека да стигнат до основниот прифатлив пристап кон известување на родово сензитивни содржини. 

-На кратко, медиумите не ја користат улогата што им е доделена не само за информирање, туку и за едуцирање на граѓаните со тоа што не креираат простор каде овие тематики ќе може соодветно да се адресираат. Медиумите, не само што не ги користат соодветните алатки за родово сензитивно известување, туку нивниот сегашен пристап може да креира и низа на последици, како репродуцирање на родови стереотипи, како и (не)свесна виктимизација на тие за кои известуваат, вели таа. 

Според неа, освен несоодветното користење на родово несензивитен јазик, она каде потфрлаат медиумите е и со информирањето на овие тематики, изборот да не известуваат, да не се потпираат на истражувања, но и на граѓанското општество кое работи во полето. 

-Дополнително, она што треба да се разбере е дека родово-сензитивни теми се сите теми кои се поврзани со социјалниот, економскиот и општествениот живот на граѓаните и граѓанките на земјава бидејќи секој дел од родовата еднаквост е длабоко поврзан со сите полиња во нашето општество. Затоа медиумите треба да внимаваат при известувањето во сите делови од животот бидејќи нужно се поврзани со системската нееднаквост, односно да имаат интерсекциски пристап при известувањето, нагласува Миленковска. 

Таа оценува дека едукацијата и зголемена медиумска професионализација се едни од начините на кои проблемот со родово дезинформирање може да се адресира, но за тоа да се случи мора да се разбре сериозноста пред сѐ со дезинформациите, а потоа со која улога играат родовите дезинформации во политичката дестаблизација. 

-Злоупотребата на наративите, популистичкиот пристап и стратегии за сеење страв кај граѓаните се едни од стратегиите на антидемократските политики претставни низ антиродовите движења и центри за дезинформирање. Социјалните мрежи тука особено се повеќе го задлабочуваат јазот помеѓу борбата за родова еднаквост и отпорот за прогрес во едно општество, вели Миленковска. 

Она што можат медиумите да го направат, според неа, е пред сѐ да се борат за поставување професионални стандарди, кои технички веќе постојат но можат да се подобрат и унапредат. 

-Потоа - да се почитуваат самите стандарди и правила за професионално ивестување, проверка на факти и афирмирање на улогата на медиуимите како релевантни извори на информации и знаење наспроти родовите дезинформации. За следење на правилата исто значајна улога игра одговорноста, не само поради важноста да се казни - туку напротив да се укаже на можноста за подобрување и надминување на грешките кои веќе постојат. Медиумите имаат улога јасно и мора директно да завземат став (во смисла која е нивната позиција во контекст на дезинформациите) за која е културата на комуникација, веродостојност и траспарентост кои тие сакаат да ја креираат, која ја креираат. Многу медиумски здруженија, но и експертки во полето - имаат понудено решенија и предлог препораки, сега нам ни преостанува да се читаме едни со други и преку тоа заеднички да ги менуваат работите, нагласува Миленковска.

Комисијата за родова еднаквост во спортот (КРЕС) денеска ќе ја претстави Програмата за работа за 2022 година, чии приоритети ќе придонесат кон креирање на родово-еднакви политики и родова ста

Во медиумите недостига континуитет за известување на родово-сензитивни содржини

Претседателката на СЕММ Калиќи вели дека според праксата на секојдневното работење како новинарка и според тоа што го дискутираат со колегите и од релевантните новинарски организации недостигаат посебни сектори каде што би можело да се разработуваат подлабински родово сензитивните теми. 

-Има низа клучни прашања за оваа проблематика почнувајќи од уредувачката политика, ресурсите и капацитетите во самите редакции. Медиумите треба да бидат свесни дека секојдневната програма мора да се состои и од едукативни содржини кои особено имаат влијание на подигање на свеста на граѓаните за многу проблематики со кое се соочува нашето општество, со акцент на сензитивните содржини, наведува Калиќи. 

Според неа, кога овие теми отворено и почесто ќе се зборуваат во самите медиуми се влијае директно на едукација на граѓаните да се препознават овие негативни појави и да се превенираат случаите на родово базирано насилство. 

-Треба многу да се работи на зајакнување на капацитетите и ресурсите на самите медиуми. Неопходно е самите медиуми да ја препознаат тежината на оваа ситуација и да преземат решителни чекори за да го заштитат достоинството на нивните читатели, и да се погрижат новинарските платформи да останат место на продуктивна дискусија и дебата. На ова прашање ќе посветиме особено внимание и во наредниот период, кога заедно со нашите партнерски организации ќе работиме на креирањето на новиот Кодекс на новинарите, вели Калиќи.

Тунева, пак, посочува дека и покрај тоа што имаме редакции коишто покажуваат посветеност за разработка на овие теми, сепак севкупниот медиумски пејсаж укажува на недостиг на доследно и продлабочено информирање. 

-Причините, како што споменав и претходно, се повеќеслојни. Родовите теми и прашања, за жал, не се гледаат секогаш како приоритетни, што доведува до ретко и неконзистентно известување. Дури и доколку редакциите имаат капацитети и ресурси, тие честопати се распределуваат за теми коишто се сметаат за „повредни за информирање“. Ова резултира со пропуштени теми и недостиг на континуитет во известувањето, децидна е Тунева.

За експертката Миленковска, пак, темите директно поврзани со родова еднаквост, со родово базирано насилство, со системска нееднаквост, со жените со попреченост, текстилните работнички и многу други - се политички теми и тие мора да се гледаат како теми од голема важност. 

-Овие прашања мора да им се притапи интерсекциски - односно да се вклучат повеќе гласови и претставници, но и да се земат предвид сите идентитети кои ги носиме - род, социоекономски статус, раса и етникум - се само еден ден од комплексноста што секоја личност ја носи, и за жал токму ради тоа може да биде дискриминирана. Затоа иако треба директно и јасно да се вклучат и адресираат родовите теми, ние како општество и како јавен простор мора да ја гледаме оваа тема како дел од сите аспекти на животот, вели Миленковска. 

Таа оценува дека медиумите се веќе во неповолна состојба особено за нарушување на професионалниот стандард, но и со имањето на маркетибилен пристап - отколку општествен. 

-Ова значи дека додека медиумите трагаат по ресурси за преживување, ја занемаруваат општествената одговорност. Но, да бидеме фер, има и новинарки и новинари кои активно ја застапуваат оваа тема, информираат едуцираат и истражуваат начини на кои можеме заеднички да придонесеме кон подобрување на општеството од родов аспект. На пример, покривањето на менструалната сиромаштија, дигиталното родово базирано насилство, известување за работата на организациите од Платформата за родова еднаквост, посочува Миленковска.

Дезинформациите ги зајакнуваат штетните стереотипи околу родовите улоги, а во екстремни случаи дури и нормализирање на родово базирано насилство

За последиците што можат да ги предизивикаат дезинформациите во општеството, експертките со кои разговараше МИА се на ставот дека дезинформациите ги зајакнуваат штетните стереотипи околу родовите улоги, што, пак, може да доведе до дискриминација и искривување на нашата перцепција за реалноста.

Претседателката на СЕММ, Калиќи, за МИА посочува дека во денешниот меѓусебно поврзан свет, последиците од родовата дезинформација не можат да се потценат, бидејќи тие одекнуваат низ поширокиот општествен контекст. 

-Кога поединците се изложени на неточни или погрешни информации за родот, тоа може да доведе до огромен број негативни исходи. Прво, може да ги овековечи штетните стереотипи и предрасуди, зајакнувајќи ги традиционалните родови улоги и норми кои ги ограничуваат потенцијалите и можностите на луѓето од сите полови, вели Калиќи. 

Ова, според неа, не само што го попречува личниот раст и самоизразувањето, туку и го ограничува општествениот напредок и еднаквоста. 

-Освен тоа, родовата дезинформација може да поттикне дискриминација и предрасуди, влошувајќи ги општествените поделби. Тоа може да доведе до исклучување, вознемирување и насилство врз поединци кои не се во согласност со перцепираните родови норми. На долг рок, ова може да резултира во пополаризирано и понееднакво општество, истакнува Калиќи. 

Нагласува дека за да се изгради поинклузивен и правичен свет, императив е да се решат последиците од родовата дезинформација и да се промовираат точни, почитувани и нијансирани дискусии за родот во нашите медиуми, образование и заедници.

Тунева за МИА посочува дека родовите дезинформации во екстремни случаи воделе и кон поттикнување и оправдување насилство врз родовите малцинства.

- Дезинформациите ги зајакнуваат штетните стереотипи околу родовите улоги, способности и однесување, што, пак, може да доведе до дискриминација на работните места, во училиштата и други средини. Сведоци сме дека во екстремни случаи тоа водело и кон поттикнување и оправдување насилство врз родовите малцинства. Ваквите дезинформации се користат и како основа за ограничување на правата на одредени групи, а водат и кон нерамнотежа во одговорностите, динамиката на моќ и меѓусебното почитување, нагласува Тунева.

Миленковска, пак, вели дека централниот проблем е што во најдобра ситуација ќе се задржи статус кво-то, а во најлоша ситуација ќе има општествен регрес кога станува збор за родовите прашања. 

-А, задржување на ова статус кво е крајно неприфатливо затоа што сѐ уште ги гледаме последиците од тоа како не само во медиумите, туку и во поширокото општество, преку застарени учебници и слично, само ги поткрепуваме застарените и опасните идеи на родовите улоги и очекувањата од истите, посочува таа. 

Според Миленковска, дезинформациите влијаат врз нашата перцепција на реалноста - а со тоа и нормализирањето на дискурс кој повикува на насилство како безопасен. За неа ова е важно да се напомене бидејќи се повеќе истражувања прикажуваат како нормализирањето на насилството во социјалните мрежи и медиумите - влијае врз насилството во офлајн светот. 

Неда Димова Прокиќ

Фото: Дарко Попов; МИА арива

 

Остани поврзан