• среда, 25 декември 2024

МЗ: Се демонтира мобилната болница, останува монтажната болница како тријажен центар

МЗ: Се демонтира мобилната болница, останува монтажната болница како тријажен центар
Скопје, 19 мај 2020 (МИА) - Министерството за здравство попладнево потврди дека се демонтираат шаторите од мобилната болница која беше поставена како надополнување на капацитетите на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во случај на зголемување на бројот на пациенти на кои би им бил потребен хоспитален третман. Мобилната болница „Role 2“  добиена како донација од Норвешка, имаше капацитет од 130 кревети и комплетна опрема. Болницата беше поврзана со топла врска со Клиниката за инфективни болести и фебрилни заболувања и беше поставена во соработка со Министерството за одбрана и Армијата во март. - Ова е голем успех што немавме потреба од дополнителни капацитети за згрижување пациенти од ковид-19, бидејќи од почетокот на епидемијата во земјата постоечките болнички капацитети за хоспитализација на овие пациенти се стабилни и исполнети само 10 проценти. Успешно го амортизиравме ударот врз нашиот здравствен систем, но покажавме подготвеност да се справиме и со полоши сценарија, изјави министерот за здравство Венко Филипче. Во меѓувреме со донација од Швајцарската амбасада се постави монтажна болница како дел од системот за понатамошното справување со ковид-19 во земјата. Таа ќе се користи како КОВИД центар, а во иднина како ургентен центар на Инфективната клиника, каде што ќе се прави тријажа на пациентите, кои потоа ќе се распределуваат, согласно нивната здравствена состојба. бак/скс/

Остани поврзан