• сабота, 23 ноември 2024

МЗШВ: 15 декември е крајниот рок на аплицирање за финансиската поддршка за складирање на пченица и јачмен од домашно производство

МЗШВ: 15 декември е крајниот рок на аплицирање за финансиската поддршка за складирање на пченица и јачмен од домашно производство

Скопје, 12 декември 2023 (МИА) - Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги потсетува земјоделците, производители на пченица и јачмен дека до 15 декември е крајниот рок за поднесување на барањата за финансиска поддршка за складирање на пченица и јачмен од домашно производство од род 2023 година.

Финансиската поддршка, како што соопшти МЗШВ, можат да ја искористат производителите на пченица и јачмен, кои производството од реколтата 2023 година, го имаат складирано кај регистриран складиштар.

-Како прифатливи количини се максимум складирани 5.000 тони по земјоделско стопанство, одделно за пченица и за јачмен, а максимум прифатлива количина 5 тони по хектар пријавена површина со соодветната култура. Висината на поддршката изнесува 100 отсто од трошоците за складирање и чување, со максимум прифатлива цена на услугата од 120 денари по тон за еден месец, се наведува во соопштението.

Земјоделците, како што информираат од МЗШВ, барањата треба да ги поднесуваат директно во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, на рачно пополнет образец. Барање до Агенцијата поднесува земјоделско стопанство, кое претходно има поднесено барање за директни плаќања за засеана површина со пченица или јачмен.

-Во прилог на барањето се доставува договор за складирање и потврда за извршено складирање. Пченицата и јачменот треба да се предадени на складирање кај регистрирано складиште во периодот од 15 јуни до 1 септември 2023 година. Периодот пак на складирање на пченицата и јачменот треба да биде од најмалку 2 до најмногу 9 месеци додаваат од МЗШВ.

Оттаму посочуваат дека средствата се исплаќаат на сметка на складиштарот, во име и за сметка на барателот. Складиштарот потребно е секој последен ден во месецот, за тековниот месец, до АФПЗРР да ги доставува следните потатоци: име и презиме/назив на корисникот, ЕМБГ/ЕДБ, ИДБР на земјоделското стопанство, состојба на залихите за секој корисник одделно и единечна цена на извршената услуга за складирање на образец кој е утврден од Агенцијата.

Земјоделците, образецот за поднесување на барање, Потврдата и Образецот за достава на податоци од страна на складиштарот, можат да ги превземат од веб страната на Агенцијата www.ipardpa.gov.mk,  во делот Директни плаќања 2023 – Обрасци. дма/са/

Фото: МЗШВ 
 

 

 

 

Остани поврзан