• петок, 27 декември 2024

Усвоена Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2023 година вредна 1,3 милијарди денари

Усвоена Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2023 година вредна 1,3 милијарди денари

Скопје, 21 февруари 2023 (МИА) - Владата на денешната седница ја усвои Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2023 година, со вкупна вредност од 1,3 милијарди денари, предложена од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Од Министерството посочуваат дека Програмата за поддршка на руралниот развој прераснува во инвестициска програма со која се помага развојот и модернизацијата на домашното земјоделство, развојот и подобрувањето на условите за живот во селата.

- Земјоделците преку новата мерка за поддршка на бизнис план во земјоделството добиваат можност со јавен повик отворен во текот на целата година сами да одберат за каква инвестиција ќе аплицираат. Преку оваа мерка ставаме на располагање неповратен грант до 10.000 евра за модернизација и развој на македонското земјоделство. Продолжуваме со поддршката за младите земјоделци кој сакаат да започнат со земјоделска дејност преку грантот од 10.000 евра кој може да се исплати авансно до 40 отсто, како неповратна финансиска поддршка за започнување со земјоделска дејност на млади земјоделци, кои за прв пат почнуваат да се занимаваат со земјоделска дејност преку преземање на постоечко земјоделско стопанство или со воспоставување на ново земјоделско стопанство, известуваат од МЗШВ..

Со мерката поддршка за поттикнување на земјоделско производство, од МЗШВ обезбедуваат грант до 20.000 евра како неповратна финансиска помош наменета за зголемување на одржливоста на земјоделската дејност на семејните земјоделски стопанства.

- Овозможивме услови корисниците на оваа мерка поддршката да можат авансно да ја добијат до 40 отсто од вкупната вредност на одобрениот износ, соопштуваат од министерството.

Продолжува и поддршката за руралните жени евидентирани во ЕРЗС, преку мерката за поддршка на активен женски член во земјоделско домаќинство, со која е обезбедена грант-поддршка до 6.000 евра како неповратна финансиска поддршка за инвестиции кои ќе придонесат за развој на руралните средини.

Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој обезбедува поддршка за обуки и информирање на земјоделските производители, зајакнување на нивната соработка и поттикнување за економско здружување на земјоделските стопанства преку развој и поддршка на земјоделските задруги.

- Обезбедена е финансиска поддршка за зачувување на руралните предели и нивните традиционални карактеристики, како и поддршка за подобрување на квалитетот за живот во руралните средини, обнова и развој на македонските села, велат од МЗШВ.

Програмата за рурален развој обезбедува и поддршка за меѓународна промоција на македонските земјоделски производи преку учество на саеми и промотивни настани со цел отворање на нови пазари за пласман на домашните земјоделски производи.

- Како успешна мерка и оваа година продолжува поддршката за авионско засејување на облаците. Мерка која има за цел превенција од природни непогоди и неповолни климатски настани врз земјоделските посеви, посочуваат од МЗШВ.

Оттаму нагласуваат дека се обезбедени средства за непречено извршување на активностите на Националната рурална мрежа, која е нова платформа, алатка по европски терк за информирање која на едно место им нуди на земјоделците информации за сите мерки и активности кои им се ставени на располагање.

- Како Министерство креираме конкретни мерки за поддршка, развој и модернизација на македонското земјоделство, велат од МЗШВ. ир/сп/

Остани поврзан