• среда, 25 декември 2024

МЗМП со повик за усогласување на еколошките уредби во интерес на правната сигурност и заштитата на животната средина

МЗМП со повик за усогласување на еколошките уредби во интерес на правната сигурност и заштитата на животната средина

Скопје, 28 октомври 2024


Со разочарување ја примаме информацијата дека Уставниот суд, одлучувајќи по иницијатива поднесена од Македонското здружение на млади правници, донесе решение У.бр. 121/2024 со кое не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на дел од Уредбата за дејностите и активностите за кои задолжително се изработува елаборат за чие одобрување е надлежен органот за вршење на стручни работи од областа на животната средина и ја отфрли иницијативата во однос на усогласеноста на оваа Уредба со Архуската конвенција.

Во решението Уставниот суд наведува дека излегува надвор од неговите надлежности да оценува меѓусебна усогласеност на прописи од ист правен ранг ниту е надлежен да оценува усогласеност на Уредбата со меѓународен акт, односно Архуската конвенција.

Укажуваме дека во интерес на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните, како и поголема заштита на животната средина, Уставниот суд мора своите надлежности, наведени во членот 110 од Уставот, да ги толкува на екстензивен начин и да се впушти во оценување на меѓусебната усогласеност на прописи од ист правен ранг, односно во случајот на две конкретни уредби донесени од Владата, а кои меѓусебно се контрадикторни.

Ваквиот став го темелиме на фактот дека Уставниот суд веќе еднаш во 2024 година со Одлука У.бр. 113/2022-1 ценеше меѓусебна усогласеност на две различни одредби од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија. Оттука доколку Уставниот суд веќе еднаш воспоставил практика во која оценувал две различни одредби од ист закон, дотолку повеќе таквата практика треба да ја продолжи и да оценува усогласеност на две различни уредби кои се меѓусебно контрадикторни. Формалистичкото толкување на своите надлежности во моментот доведува до ситуација каде во правниот промет се уште опстојуваат прописи кои се контрадикторни еден на друг. Ваквата ситуација е целосно спротивна на едни од најважните темелни вредности на македонскиот уставен поредок, односно владеењето на правото и правната сигурност.

Ако се земе предвид дека меѓународните конвенции и договори во правната хиерархија се под Уставот, но над законите и другите прописи, заради остварување на темелните вредности на македонскиот уставен поредок, сметаме дека е исклучително важно Уставниот суд со својата активност да придонесе кон целосна законодавна хармонизација со меѓународните стандарди, во случајот стандардите за учество на јавноста во носењето одлуки во областа на животната средина.

Ги повикуваме Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање, независно од решението на Уставниот суд, да пристапат кон ревизија на уредбите со кои се определуваат проектите и дејностите за кои се изработува Студија за оцена на влијанието врз животната средина и елаборати за заштита на животната средина со цел да ги отстранат контрадикторностите кои се јавуваат помеѓу ваквите уредби.

Македонското здружение на млади правници безрезервно ја дава својата поддршка на институциите во насока на поквалитетни прописи кои ќе доведат до поголема заштита на животната средина.

Повеќе детали за иницијативата поднесена од Македонското здружение на млади правници:

Уредбата за дејностите и активностите за кои задолжително се изработува елаборат за чие одобрување е надлежен органот за вршење на стручни работи од областа на животната средина, предвидува дека за изградба на автопати задолжително се изработува ваков елаборат.

Од друга страна Уредбата за определување на проектите и за критериумите врз основа на кои се утврдува потребата за спроведување на постапката за оцена на влијанијата врз животната средина определува дека за изградба на автопати задолжително се спроведува постапка за оцена на влијание врз животна средина, односно се изработува Студија за оцена на влијанието врз животната средина.

Во македонскиот правен систем елаборатите и студиите за животна средина се посебни механизми за процена на влијанието врз животната средина од спроведувањето на предложената дејност. Оцената на влијанието врз животната средина е повисок степен на анализирање на влијанијата врз животната средина од спроведување определена активност во споредба со елаборатот, па неоправдано би било од лицата кои треба да градат автопат истовремено да ги спроведуваат двата процеси.

Истовремено Архуската конвенција во Анексот 1 ги утврдува изградбата на автопатите како активност за која е задолжително учеството на јавноста во донесувањето одлука. За разлика од постапката за оцена на влијанието врз животната средина каде има предвидено учество на јавноста во две форми (јавна расправа и писмени коментари), македонското законодавство воопшто не предвидува механизам за учество на јавноста при изготвувањето и одобрувањето на елаборатите за заштита на животната средина.

Поради ваквите причини, Македонското здружение на млади правници смета дека Уредбата за дејностите и активностите за кои задолжително се изработува елаборат за чие одобрување е надлежен органот за вршење на стручни работи од областа на животната средина во делот „автопати“ е спротивна на темелната вредност на владеење на правото поради тоа што Уредбата за определување на проектите и за критериумите врз основа на кои се утврдува потребата за спроведување на постапката за оцена на влијанијата врз животната средина определува дека за изградба на автопати задолжително се спроведува постапка за оцена на влијание врз животна средина веќе наведува дека за ваквите проекти наместо елаборат се подготвува Студија за оцена на влијанието врз животната средина, односно дека двете уредби се контрадикторни една со друга. Истовремено со оглед на тоа што со елаборатите е исклучено учеството на јавноста во донесувањето одлуки, таквата уредба е спротивна на Архуската конвенција.

 

 Македонско здружение на млади правници

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан