• петок, 08 ноември 2024

МЖСПП ќе продолжи со проектите за подобрување на водната инфраструктура во државата

МЖСПП ќе продолжи со проектите за подобрување на водната инфраструктура во државата
Скопје, 31 август 2022 (МИА) - Владата на денешната седница го усвои Предлог-законот за задолжување кај Европската инвестициска банка (ЕИБ) за Проектот за подобрување на водната инфраструктура на општините во државата, во висина од 50 милиони евра. Оваа иницијатива на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) во соработка со Министерство за финансии претставува еден вид на продолжение на првата фаза од проектот „Водоснабдување и одведување на отпадни води“, кој во изминатиот период го имплементираше Министерството за транспорт и врски. -Со оваа втора транша од кредитот од ЕИБ, ќе се продолжи со поддршката на општините за воспоставување на основната инфраструктура за обезбедување на чиста вода за сите жители во државата, а проектите ќе се имплементираат преку Министерството за животна средина и просторно планирање, велат од МЖСПП. Средствата, додаваат, ќе бидат наменети за: рехабилитација, модернизација и проширување и изградба на инфраструктурата за водоснабдување, инфраструктура за собирање и третман на отпадни води, системи за атмосферска канализација и итни мерки за заштита од поплави, како и за набавка на специјализирана опрема за одржување. -Финансискиот договор е усогласен со ЕИБ и се очекува да биде склучен по усвојувањето на законот од страна на Собранието, нагласуваат од МЖСПП. вј/цр  

Остани поврзан