• петок, 27 декември 2024

МЖСПП: Се истражува загаденоста на Пеленица

МЖСПП: Се истражува загаденоста на Пеленица

Скопје, 9 ноември 2022 (МИА) - Министерството за животна средина и просторно планирање обезбеди финансиски средства за спроведување на детално истражување на локацијата Пеленица – Рупа, населба Драчево, врз основа на прелиминарни информации кои укажуваат на тоа дека компанијата ОХИС на оваа локација во 1976 година депонирала одредена количина на HCH - отпад.

HCH - отпадот бил спакуван во метални буриња и тие биле депонирани во две јами ископани на локалитетот.

-Јамите биле обложени со бетонски ѕидови и покриени со земја. Деталното истражување ќе опфати: ископување на сонди и земање и анализи на примероци од отпад/почва; дупчење на бушотини и земање и анализи на примероци од отпад/почва; инсталирање на бунари за мониторинг на подземни води и земање и анализи на примероците од подземните води, информираат од МЖСПП.

Анализата на примероците, како што велат од Министерството, ќе се врши во Eурофинс, реномирана лабораторија во Холандија. Врз основа на добиените резултати ќе се направи проценка на обемот и степенот на контаминација, ќе се предложат опции за ремедијација на локацијата и ќе се проценат трошоците за предложените опции за ремедијација.

Се очекува теренските работи да се завршат до 11 ноември, а завршниот извештај со целокупната документација и проценките да биде доставен до крајот на годината. дма/бак/

Остани поврзан