• среда, 25 декември 2024

МЖСПП: Побарано е мислење од Општина Неготино за намерата на инвеститор да гради инсталација за термичка декомпозиција на пластика и пластичен отпад во Тремник

МЖСПП: Побарано е мислење од Општина Неготино за намерата на инвеститор да гради инсталација за термичка декомпозиција на пластика и пластичен отпад во Тремник

Неготино, 26 октомври 2024 (МИА) - Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) за МИА информираат дека околу намерата на скопски инвеститор за поставување инсталација за термичка декомпозиција на пластика и пластичен отпад кај неготинско Тремник, побарано е мислење од Општина Неготино, од каде сѐ уште немаат добиено одговор.

МИА во вторникот информираше дека од регионалното еколошко здружение „Ековита“ од Неготино реагираат околу реализацијата на овој проект. Во изјава за МИА, тие истакнаа дека нема да дозволат инсталација за термичка декомпозиција на пластика и пластичен отпад.

-  Има инвеститор од Скопје заинтересиран за поставување инсталација за термичка декомпозиција на пластика и пластичен отпад со капацитет од 35 тони на ден во постоечки објект, лоциран на катастарска парцела во атарот на неготинското село Тремник. Според нашите информации, инвеститорот сака да премести постоечки објект од Западна Македонија во неготинско, изјави Сашко Тодоров, претседател на здружението. 

Тој потсети дека досега имаат водено неколку битки против потенцијални загадувачи и се надева дека неготинската локална самоуправа ќе даде негативно мислење.

- Нема да дозволиме вакво нешто во регионот на грозјето и виното, со ресурси за развој на винскиот туризам. Ги потсетуваме општинските власти дека со нас потпишаа зелен договор пред локалните избори, со што се обврзаа дека нема да прифатат потенцијални загадувачки индустрии, нагласи Тодоров, додавајќи дека за новиот инвеститор дознале во вторникот кога се одржувала работилница за еколошка правда. 

Градоначалникот на Неготино, Горан Стојанов во средата изјави дека Општината е против инвестиции како инсталација за термичка декомпозиција на пластика и пластичен отпад.

- Ставот на Општината, е против вакви инвестиции, рече Стојанов. свд/бд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан