МЖСПП: Надминат прагот на алармирање за загаденост на воздухот во Струмица, дадени препораки
- Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 150 mg /m3 во текот на два последователни денови) е надминат на мерното место Струмица.
Скопје, 2 јануари 2025 (МИА) - Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 150 mg /m3 во текот на два последователни денови) е надминат на мерното место Струмица.
- Прагот на алармирање е дефиниран во Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели (Службен весник на Република Македонија бр. 183 од 14.12.2017 година), се вели во соопштението од МЖСПП.
Согласно настанатата состојба, посочуваат од Министерството, за Струмица важат повеќе мерки меѓу кои да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на инсталациите со А-Интегрирана еколошка дозвола, да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на терен за контрола на инсталациите со Б-Интегрирани еколошки дозволи и Елаборати, како и инсталациите со континуиран мониторинг да овозможат јавен пристап на измерените податоци. Се препорачува и да се интензивираат вонредните контроли на техничката исправност на возилата, особено оние со дизел горива и нерегистрирани возила, да се интензивираат вонредните контроли на градилиштата и забрана на горење на отворено.
- Се препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Се препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11.00 до 17.00 часот Се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, препорачуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање.цр/лв/
Фото: МИА архива