• петок, 27 декември 2024

МЖСПП: Започнува процесот на репрогласување на НП Маврово за заштитено подрачје

МЖСПП: Започнува процесот на репрогласување на НП Маврово за заштитено подрачје

Скопје, 5 јуни 2023 (МИА) - По повод одбележувањето на 5 Јуни Светскиот ден на животната средина Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка на ЈУНП Маврово организираше настан за јавна презентација на активностите за спроведување на ревизија/дополна на Студијата за ревалоризација и изработка на План за управување со НП Маврово, како основи за добро и одржливо менаџирање со ова заштитено подрачје, известуваат од МЖСПП.

Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, изрази задоволство за започнување на процесот за повторно прогласување на Маврово за заштитено подрачје во категоријата национален парк, како обврска која произлегува од Законот за заштита на природата.

- Оваа значајна соработка претставува можност да го продолжиме патот кон заштита, зачувување и унапредување на природните вредности со кои се карактеризира Националниот парк Маврово и надминување на предизвиците со кои се соочува управата на паркот во негово одржливо управување и заштита на природните вредности, изјави министерката Шукова.

Директорот на ЈУНП Маврово Самир Ајдини изрази задоволство од конечното отпочнување на процесот за репрогласување на паркот, како едно од најголемите заштитени подрачја во државата, особено од  причина што во изминатиот период  многу често неправилно и неправедно се соочувале со обвинувања  најверојатно заради непознавање на фактите или неправилно толкување на истите. 

На настанот следеше и презентација на активностите од страна на претставниците на партнерските организациите Глобал Конзервејшн, Македонско еколошко друштво и МЖСПП.  

Како што информираат од МЖСПП, историјата на НП Маврово датира 1949 година, кога за прв пат е прогласено за заштитено подрачје, но условите со текот на години се променети. Со стапувањето на сила на Законот за заштита на природата во 2005 година се создадени законски услови, но и обврска за повторно прогласување на веќе заштитените подрачја во РСМ меѓу кои и НП Маврово.

- Студијата за валоризација на заштитеното подрачје Маврово беше изработена во 2012 година, од Јавната установа Национален парк Маврово која ја достави до Министерство за животна средина и просторно планирање со цел да се отпочне постапка за повторно прогласување на Маврово за заштитено подрачје во согласност со Законот за заштита на природата. Поради реакциите на невладиниот сектор за отворениот фајл во Бернска конвенција за планираните хидропроектите во НП Маврово, рекациите на домашни и меѓународни експерти, Светската унија за заштита на природата (ИУЦН), локалното население што живее во границите на паркот, постапката за донесување на Предлог-Законот за прогласување на Маврово за заштитено подрачје во категоријата национален парк беше прекината и Предлог-Законот не влезе во владина процедура. Фајлот за НП Маврово е се уште отворен, така што Постојниот комитет на Бернската конвеција ја измени старата препорака RECOMMENDATION NO. 184 (2015) и донесе нови препораки Recommendation No. 211 (2021) во врска со мерките за зачувување нанационалните паркови во Северна Македонија, вклучително и на Националниот парк Маврово, стои во соопштението на министерството.

Оттаму информираат дека од страна на Македонското еколошко друштво, што е основа за продлжување со постапката за ре-прогласување на националниот парк Маврово, оваа година ќе се спроведат дополнителни научни истражувања во врска со потпишаниот меморандум за соработка за НП Маврово (04.04.2023).

Во однос на тоа, според министерството, студијата за ревалоризација на НП Маврово ќе ја следи законската обврска на нејзината содржина со предлог-надворешни граници и предлог-зонирање со наративни описи на секоја од предлог зоните и ГИС податоци, врз основа на податоци за проценка на статусот на живеалиштата и видовите од национално и ЕУ значење, која ја рефлектира нивната тековна состојба и потреба во согласност со мониторингот што го спроведува Јавната установа НП Маврово. За изработка на оваа активност се обезбедни средства од буџетот на МЖСПП.

При ревизијата и дополнувањето на Студијата за ревалоризација на заштитеното подрачје Маврово, ќе биде земена предвид препораката бр.211 на Постојаниот комитет на Бернската конвеција од 3 декември 2021 година во врска со мерките за зачувување на националните паркови во Северна Македонија, вклучително и на Националниот парк Маврово.

Социо-економскиот карактер на НП Маврово е еден важен белег на ова подрачје со оглед на фактот што на територијата на паркот егзистираат 37 населени места. Активност за Социо-економска студија заедно со Планот за управување претставува основниот стратешки документ за работа на паркот ќе биде изготвен за период од десет години и финасиски поддржан од Глобал конзервејшн  фондот. сх/аа/

Фото: МИА архива/МЖСПП

Остани поврзан