• недела, 24 ноември 2024

МЖСПП: Аплицирале и добиле проекти и општини кои се водат од градоначалници на ДУИ и Европскиот фронт

МЖСПП: Аплицирале и добиле проекти и општини кои се водат од градоначалници на ДУИ и Европскиот фронт

Скопје, 19 октомври 2024 (МИА) - Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) денеска соопшти дека од последните проекти наменети за општините, за кои Владата на Северна Македонија донесе одлука пред неколку дена, во ова Министерство аплицирале и добиле проекти и општини кои се водат од градоначалници на Демократската унија за интеграција и Европскиот фронт, како што се општина Арачиново, општина Кичево, општина Липково, општина Врапчиште, општина Шутка.

-И ова докажува само едно - дека во никој случај не сме тргнале од принципот на партиска припадност, туку од принципот дека граѓаните ги ставаме на прво место, односно придобивки да имаат граѓаните и само граѓаните. Следствено, со најголема искреност изразуваме подготвеност до Општина Сарај, која истовремено е предводена од ДУИ, да им помогнеме во подготовката на проектите, затоа и рокот за аплицирање е продолжен за уште 1 месец за да граѓаните можат да имаат корист од овие проекти, се наведува во соопштението.

Од Министерството посочуваат дека ќе бидат на услуга на општина Сарај со сите капацитети, со кадровски и стручни лица, односно со сиот административен потенцијал за да им помогнат да креираат добри и квалитетни проекти и да ги добиваат истите и да имаат корист граѓаните, бидејќи, повторуваат, не им е важно кои се градоначалници на општините.

-За нас е важно жителите на Сарај да имаат придобивки и да им се решат проблемите и да имаат подобра инфраструктура и да имаат повисок стандард за живеење. Уште еднаш за крај нагласуваме нема да оставиме никого. Не нè интересира партиската припадност на градоначалниците на општините, ние сме заинтересирани да помогнеме што е можно повеќе средства да стигнат до секој Албанец и до секој граѓанин во Северна Македонија, се вели во соопштението од Министерството за животна средина и просторно планирање. цр/вј/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан