• среда, 25 декември 2024

Меџити: Ќе одиме во Приштина за да го зајакнеме духот на меѓудржавната соработка

Меџити: Ќе одиме во Приштина за да го зајакнеме духот на меѓудржавната соработка

Скопје, 17 ноември 2024 (МИА) - Владата на Северна Македонија утре ќе отпатува во Косово за првата заедничка меѓувладина седница од формирањето на новата Влада. Оваа седница, покрај протоколарниот дел и усогласената агенда меѓу двете влади околу прашањата за кои ќе се дискутира и договорите што ќе се потпишат, претставува и континуитет на нашата посветеност за зајакнување на регионалната соработка и за третирање на Република Косово како еднаков партнер во сите регионални иницијативи и активности, објави на социјалните мрежи првиот заменик-премиер и лидер на Демократското движење Изет Меџити.

Како што соопштија од неговата партија, Меџити додава дека Владата на Северна Македонија доаѓа во Приштина со проактивен пристап и искрен интерес за да ги разгледа сите прашања од интерес за нашите две земји.

-Независно од проблемите кои новата Влада ги наследи од претходните влади, независно од оркестрираните тенденции да се обвини новата Влада за секој неуспех оставен во наследство од минатото, духот на меѓудржавната соработка ќе се зајакне и меѓусебната доверба меѓу Северна Македонија и Косово ќе се зголемува континуирано и ќе се гради, бидејќи ова е наша заедничка обврска пред нашите граѓани, рече Меџити.

Тој меѓу другото наведува дека земјава ќе работи посветено Западен Балкан да се трансформира во развиен и интегриран регион со модерни институции и услуги.

-Нашите политички партнери, пријатели и сите други општествени актери во Република Косово сакам да ги информирам дека Владата на Северна Македонија е решена и непоколеблива да работи Западен Балкан да се трансформира во развиен и интегриран регион со модерни институции и услуги и со гарантирање на слободата на изразување, слободата на движење и слободата на организирање за секој поединец или група, без разлика на нивната припадност, стои во објвата на Меџити, се наведува во соопштението. вг/

Фото:Изет Меџити фб

 

Остани поврзан