• среда, 25 декември 2024

Меџити: Србија дава неточни информации за Блерим Рамадани

Меџити: Србија дава неточни информации за Блерим Рамадани

Скопје, 16 август 2024 (МИА) - Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска на прес-конференција одговорајќи на новинарски прашања изјави дека Србија дава неточни информации за случајот со Блерим Рамадани, кој избега од куќен притвор, додека во тек беше екстрадициска постапка.

На прашањето дали Владата има информации за бегството на Рамадани, за кои дел од медиумите денеска објавија дека се наоѓа на Косово и во однос на тоа каде потфрлиле институциите, Меџити упати на одговор од Министерството за внатрешни работи.

-За тоа ќе се обратите до МВР. Знам дека судечкиот совет донел одлука дека аргументите коишто ги посочува Србија не држат и нема основа Блерим Рамадани да се спроведе во Србија. Тоа е веќе трета одлука. Имаше иста за Дуголи во минатото, имаше за Морина и веќе тоа станува судска пракса и мислам дека најверојатно таа судска пракса треба да не насочи како држава да дејствуваме како и сите други европски држави. Значи, за овој случај Србија дава неточни информации и мислам дека не треба да се сфатат сериозно во иднина, истакна Меџити.

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ вчера побара објаснување од македонските власти за бегството на поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК) Блерим Рамадани од домашен притвор, истакнувајќи дека неговото бегство е скандалозно.

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави денеска дека црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ продолжува да ги плаши црногорските граѓани со лаги во врска со Србија и наводна

-Станува збор за припадник на терористичката ОВК којшто извршил злосторства врз Србите во Косово, и кого Србија го бара со потерница, со цел да го изведе пред суд. Бараме објаснување од државните органи на Северна Македонија како е можно некој, којшто е уапсен по наша, меѓународно важечка потерница да побегне од домашен притвор. Или за албанските терористи и воени злосторници не важи меѓународната правда, кога убиваат Срби се им е дозволено и простено, рече Дачиќ.

Косовското Министерството за надворешни работи и дијаспора, пак вчера соопшти дека од Косовската амбасадата во Северна Македонија е информирана оти македонските власти ја смениле безбедносната мерка на поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани од „куќен притвор“ во „притвор“ пред тој да избега од домашниот притвор кој го издржувал во куќата на негови роднини во Скопје, јави дописникот на МИА од Приштина.

Од косовското МНР за порталот „Газета експрес“ изјавија дека информацијата за промената на безбедносната мерка за Рамадани, кој беше уапсен врз основа на меѓународна потерница, ја дал неговиот адвокат.

-Во врска со вашите прашања, ве известуваме дека Амбасадата на Република Косово во Северна Македонија е известена од адвокатот на г. Рамадани дека безбедносната мерка му била преиначена од куќен притвор во притвор, во времето кога ја чекаше одлуката на Врховниот суд, се вели во одговорот на косовското МНР.

Судскиот совет, пак, денеска на итна седница донесе одлука да се формира Комисија што ќе ја констатира фактичката состојба по однос донесените одлуки од страна на Основниот кривичен суд Скопје, а поврзани со случајот на Блерим Рамадани кој избега од куќен притвор додека во тек беше екстрадициона постапка. 

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, на почетокот на денешната итна 495-та седница, изјави дека формално за ништо од овие случаи не е известена, но дека Судскиот совет има должност да реагира по допрен глас.

Изјава за медиуми на претседателката на Судскиот совет Весна Дамева.

-Сметам за потребно како прв човек на Судскиот совет дека треба да се формира комисија и час поскоро да се констатира фактичката состојба по однос на ова и пред јавноста да излеземе со конкретни податоци. Има нешто, се случувало. Виновен е Судот, не е виновен и да не прејудицираме. Реакцијата на Судскиот совет во овој момент согласно неговата надлежност е таа, да ја испита состојбата, изјави Дамева. 

Власта и опозицијата денеска со меѓусебни обвинувања за бегството на Рамадани. 

Опозициската СДСМ преку соопштение истакна дека Рамадани е на Косово и за тоа смета дека е одговорен министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

-Додека Тошковски и МВР се обидуваат несмасно да спинуваат дека судот е крив за бегството на Блерим Рамадани, тој веќе е на Косово. Има ли поголем доказ дека тој е намерно пуштен од МВР и Тошковски, што само за еден ден по бегството човекот е удобно дома па уште стигаат јасни пораки од Косово дека е таму? Кого се обидуваат да залажат институциите дека ова не е целосно сценарио за ослободување реализиран од МВР? Кој ќе сноси одговорност за бегството на човек баран со меѓународна потерница?, истакна СДСМ. 

ВМРО-ДПМНЕ, пак преку соопштение нагласи дека е јасно дека Рамадани е пуштен во домашен притвор, од каде избега од истите судии „кои со години му слугуваат и го штитат криминалот на СДС и ДУИ“. 

-Зошто не реагира Судскиот совет на ваквата одлука на судиите? Затоа ли СДС и ДУИ се против распуштање на Судскиот совет и реформи во судството? Да потсетиме дека ова не е прв случај да се пуштаат на слобода вакви лица. Во 2019 година на слобода е пуштен и Косоварот Томор Морина кој на Косово го пречекаа со музика, од истите судии и спрега која ја контролира СДС и ДУИ, нагласи владејачката партија.

Од ДУИ пак велат дека пропаднал планот на Вучиќ и моноетничката влада за екстрадиција на поранешниот војник на ОВК Блерим Рамадани од Косово, кој е прогонуван по налог на српската влада, а беше уапсен во Скопје.

-Меџити и Таравари, губитниците на изборите и омилени вазали на ВМРО, се пофалија дека го ослободиле Блерим Рамадани, измамувајќи ја албанската јавност, се наведува во соопштението на ДУИ.

МВР вчера потврди за МИА дека Рамадани избегал од куќен притвор од домот на роднини во земјава. 

-Од страна на надлежен судски орган доставена е документација до МВР за распишување на централна потерница за лицето Б.Р. бидејќи во моментов е недостапно за органите на прогонот. МВР презема мерки за пронаоѓање на лицето, информираа од МВР за МИА.

Рамадани, врз основа на меѓународната потерница издадена до Интерпол од Србија, беше уапсен на 17 јули 2024 година на граничниот премин Јажинце и однесен на 30 дена екстрадиционен притвор во затворот во Шутка. Содржината на налогот за апсење се заснова на сомневањата на Србија дека Рамадани, како поранешен војник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродиме.

На 1 август, мерката на Рамадани од надлежен македонски суд му беше преиначена од „притвор“ во „куќен притвор“ и тој, според решението, беше упатен на адреса во Скопје. Со оваа одлука се предвидуваше тој да остане во „куќен притвор“ до 16 август. На 9 август Советот на Основниот кривичен суд во Скопје одлучи да не го екстрадира Рамадани, со тоа што му беше наложено да остане во домашен притвор во Скопје до правосилната пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија.

Рамадани, според косовските медиуми, е третиот државјанин на Косово како поранешен војник на ОВК, уапсен во Северна Македонија врз основа на српска потерница. Гафур Дуголи и Томор Морина беа уапсени во минатото, но со судска одлука беа ослободени. ац/аа/

Остани поврзан