• четврток, 26 декември 2024

Меџити: Обезбедивме нов современ апарат на Торакална хирургија

Меџити: Обезбедивме нов современ апарат на Торакална хирургија

Скопје, 18 октомври 2023 (МИА) - Министерството за здравство (МЗ) набави хируршки столб - торакоскоп за Kлиниката за торакална и васкуларна хирургија во Скопје. Апаратот вреден 11,1 милион денари, е наменет за изведување стандардни и специфични минимално инвазивни ендоскопски торакално-васкуларни процедури во делот на белите дробови. Овозможува многу подобра визуелизација на крвните садови во однос на конвенционално бело светло, со што се олеснува и забрзува хируршката интервенција.

Во посета на Клиниката денеска беше министерот за здравство Фатмир Меџити.

Како што информира МЗ, торакоскопот е систем од најновата генерација на американскиот производител „Arthrex“.

-Со технологијата која ја има апаратот се овозможува одлична визуелизација на проток на крвта пред за време и по хируршката процедура, како и полесна идентификација на граници на одредени ткива, со што се овозможуваат попрецизни и побрзи хируршки процедури. Со овој современ апарат се овозможува проверка на васкуларни анастомози и перфузија, како и детекција на лимфни чворови. Системот има автоматско внесување податоци, како и поврзување со корисници надвор од операциска сала преку интернет или компјутерска мрежа, наведува МЗ.

Според МЗ, Меџити и неговиот Кабинет интензивно работат на подобрување на условите во јавно здравствените установи, со цел поквалитетна здравствена услуга за пациентите и подобри услови за работа на здравствените работници. мч/дма/

Фото: Министерство за здравство

Остани поврзан