• четврток, 19 декември 2024

Меџити: КАТО системот е добар систем, но не значи дека тој препознава лек, размислуваме дали да го вратиме во функција или да се воведе друг

Меџити: КАТО системот е добар систем, но не значи дека тој препознава лек, размислуваме дали да го вратиме во функција или да се воведе друг

Скопје, 14 септември 2023 (МИА) - Стручни лица ни образложија дека станува збор за добар систем, дека во милилитри го следи како се троши одредениот лек во дози, но не значи дека системот препознава лек, може да се стави и вода на тој систем. Ова, меѓудругото, го изјави денеска министерот за здравство Фатмир Меџити, на новинарско прашање околу КАТО системот за контрола на терапиите на пациентите на Клиниката за онкологија и радиотерапија.

Тој даде одговор на прашањето дали би се вратил евентуално во употреба КАТО системот, којшто бил воведен со цел да се контролира употребата на цитостатиците.

Министерот информираше дека пред скандалот за тоа што се случило во минатото на клиниката за Онкологија да избие во јавноста, уште кога дошол на функцијата, се интересирал за состојбата на клиниката и за нејзиното работење.

- Пред два месеца, може и повеќе, на моја иницијатива ги побарав претставниците на КАТО системот, уште пред да се знае за скандалот. Се интересирав зошто системот не е во функција. Тие образложија дека станува збор за добар систем, дека во милилитри го следи како се троши одредениот лек во дози, за да не се губи лекот. Но не значи дека системот препознава лек. Може да се стави и вода на тој систем, рече министерот.

Тој додаде дека сега, изминативе месеци на клиниката се работи совесно и транспарентно. Се размислувало дали овој систем да биде ставен во функција, или да се воведе друг, за да се организира целата работа. Министерот нагласи дека за секоја евентуална злоупотреба, ќе се сноси одговорност. Притоа повика во целата оваа работа да нема шпекулации, бидејќи во прашање се животи на пациенти, од кои некои, поради недоверба, бараат алтернативи или народски кажано,  „бабини рецепти“. Тој нагласи дека на клиниката има врвни стручни лица, целата медицинска фела да не се става во ист кош, а правдата да им се препушти на надлежните органи.

Заради процесот во Обвинителство, да не се штети на тој процес, тој подвлече дека не може да сподели повеќе информации за јавноста. Министерот рече дека будно ги следат сите состојби во здравството и ги решаваат работите, осврнувајќи се на преземени мерки, за подобри здравствени состојби.

Во однос на долговите, рече дека долгот на клиниката веќе е преполовен. бд/нд/

Фото: МИА

 

Остани поврзан